На 8 април во 1909 во Прилеп роден е Круме Кепески, македонски педагог, лингвист, преведувач, собирач на македонски народни умотворби, граматичар.
Круме Кепески е автор на првата Македонска граматика објавена во 1946 година.
Тој е и коавтор на првата Ромска граматика објавена во 1980 година заедно со Шаип Јусуф.
Круме Кепески е дел од меѓувоената (меѓу двете светски војни) генерација на Македонски интелектуалци кои се впуштиле активно во остварувањето на вековните стремежи на Македонскиот народ за остварување на сопствена слободна и независна Македонска држава.
Негова најголема заслуга е подигањето на свесноста и грижата на Македонецот за сопствениот литературен јазик а со тоа и за сопствената националност.
Можеби затоа е поставеноста на јазикот на прво место при националната идентификација заедно со чувството за припадност кон македонското. Таков израз на идентитетот побудила оваа прва граматика на македонскиот јазик
За својот најзначаен придонес за македонскиот јазик создавањето на првата македонска граматика, професорот Круме Кепески запишал:
„Со здобивањето на нашата национална слобода … со Решението на Првото заседание на АСНОМ се озакони заведувањето на македонскиот литературен јазик, се создадоа благопријатни услови за развиток како на нашта просвета, така и на нашата култура. Тогаш кога во сите наши села и градови се отворија голем број школи и други културни институции, историска беше нужноста од создавање на граматика за македонскиот литературен јазик. Самоиницијативно, чувствувајќи патриотски долг да му помогнам на својот народ, се одзовав на апелот од Крсте Мисирков кој вели: „македонската интелигенција требит да зборуат меѓу себе на централното наречје и тоа наречје имат да бидит литературен јазик на Македонците“, како и на апелот на Ѓорѓи Пулевски: „људи учени који го познавајет јазикот мајкин да се соберат и состават граматика“, и се зафатив со тешка задача – со пишување на првава Граматика на македонскиот литературен јазик.“ – „Тоа што е направено со составувањето на првата граматика на македонскиот јазик претставува санкционирање на една објективна јазична ситуација и култура, која ја создаваа Македонците низ вековите.“
Професорот Круме Кепески се упокоил на 3 ноември 1988 година.

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Празнувањето на Ѓурѓовден во нашиот регион е поврзано со будењето на пролетта, будењето на животот
Македонија за првпат како политички термин се спомнува на знамето на Разловечкото востание
Беше љубимка на обичниот-гордиот Македонец: 24 години без Васка Илиева- великан на Македонската народна музика