БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

117 години од Битката на Ѓурѓејца

Пренеси го гласот

Битката на Ѓурѓејца претставува една од најкрвавите и најславните битки во Илинденското востание во Кичевско, која се одиграла на една голема полјана помеѓу селата Карбуница и Кладник во месноста “Ѓурѓејца”. Според хроничарите оваа битка се одиграла на 4 август 1903 година и претставува една од ретко успешните и добиени битки на востаниците во Илинден, кој успех силно одекнал меѓу востаниците, како и во целиот Битолски револуционерен округ. Оваа битка со својата пожртвуваност се втемели во успехот на познатата Крушевска Република од 1903 година. Загинатите борци на Ѓурѓејца ги испишаа светлите страници на Македонскиот непокор.

По нападот на востаниците на Кичево, турскиот аскер ги зајакнал своите позиции, како засилување им дошле војниците од гарнизонот сместен во селото Ижиште и со силен напад се упатиле кон селото Вранештица, се со цел да пробијат кон селото С’лп и да се поврзат со војските од Демирхисарско. Турската војска наишла на силен отпор од селската чета од Вранештица, како и востаниците предводени од Арсо војвода. Во овие борби зеле учество и селските чети од бржданска река Брждани, Белица, Јудово, Кладник и Видрани. Во овие борби се борела и манастирската чета што ја водел младиот поп Стојан од селото Подвис. Востаниците имале успех и го принудиле аскерот да се повлече кон градот. Во тие борби војводата Арсо, минувајќи низ селото Староец, една аскерска заседа го ранила во ногата, но тој храбро ги продолжил борбите.

Разбеснат поради големите загуби во овие борби на 3 август, турскиот аскер масовно тргнал да се пресмета со востаниците, собирајќи и голем број на башибозучки сили. Осамнал 4 август 1903 година. Убав летен ден, а над селото Карбуница се надвиснале црни облаци од чад од силната пукотница. Започнала најкрвавата битка во Кичевско Битката кај “Ѓурѓејца”. Се судриле две војски, гради вгради. За кусо време пукотниците од оружјето престанале. Аскерот и востаниците се фатиле гуша за гуша и се бореле со кундаците и бајонетите. Востаниците имале тешки загуби. Во тие тешки и судбоносни моменти пристигнала веста дека на помош доаѓа Јордан Пиперката со над 150 востаници од Демирхисарско. И навистина Јордан пристигнал. Веста за пристигнувањето на Јордан Пиперката, внесла забуна во редовите на турската војска и башибозук. Сите добро знаеле кој е Јордан, храбар и бестрашен борец. Борбените дејствија биле се пожестоки и неизвесни. Во силната пукотница смртно бил погоден башибозучкиот водач Сефер ага од Зајас. Наеднаш затишје на Ѓурѓејца, потоа аскерот се дал во бегство, штом виделе дека водачот им загинал. Првпат во Илинден оваа битка била добиена, положбата над Карбуница била спасена, а со тоа бил нанесен тежок удар на вековниот поробител. По се изгледа дека аскерот дал големи жртви што се откажал од понатамошните акции.

Оваа битка кај Ѓурѓејца востаниците скапо ја платиле давајќи над 30 загинати борци од кои 17 загинати претежно од демирхисарско. Селаните од Кладник ги закопале во дворот на црквата, каде денес на надгробната плоча се испишани имињата на борците кои ги дадоа своите животи за делото на Македонија.

Денес Унијата на Млади Сили на
ВМРО-ДПМНЕ положи цвеќе на споменикот на Ѓурѓејца, по повод 117 години од Битката на Ѓурѓејца.

Слава и почит на сите херои
кои ги дадоа своите животи
за Слободата на Македонија.

НЕКА НИ Е ВЕЧНА ТАТКОВИНАТА
НЕКА НИ Е ВЕЧНА МАКЕДОНИЈА

СЛОБОДА ИЛИ СМРТ ЗА МАКЕДОНИЈА

Фејсбук статус на Стојанче Никодиноски

Креирано од:


Пренеси го гласот