БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Аматеризмот на американската тајна служба како паралела со капацитетите на Македонските безбедносни служби

Пренеси го гласот

Откако се стивна прашината околу обидот за убиство на Доналд Трамп, редно е да поставиме едно премногу очигледно прашање: Дали некој извлече поука од овој немил настан, особено во раководните структури на нашите Македонски безбедносни формации?

Во Македонија во последните години беше присутно масовно вработување во МВР на полицајци кои што со своите сомнителни особености и карактеристики, како и претходно неморално а не ретко и криминално однесување сега ја имаат должноста и честа да бидат лицето на државата и да се грижат за безбедноста и спроведување на законите во нашата држава.

Оваа припадничка на американската тајната служба (илустрирана на фотографиите во прилог) која требаше да превенира и да се грижи за безбедноста на Доналд Трамп на видеата кои го преплавија светот, можеше да се забележи како прва се крие при налетот на куршумите додека другите агенти скокаа со своето тело да го заштитат Трамп. Потоа како “мува без глава” се движеше некоординирано по сцената, обидувајки се и не успевајки да го врати пиштолот во својата футрола…. се чинеше дека е најголемиот аматер во светот ставен во служба на најмоќниот човек на планетата.

Аналогијата со овој аматеризам релевантно е да се направи и со нашите полициски структури каде веројатно партиската припадност и членска книшка и по некоја роднинско- непотистичка линија се единствениот меродавен мерник за да се добие убава плата со бенефициран стаж за обезбедување на некаков стабилен животен стандард во услови на општорастечка сиромаштија.

И потоа имаме дрога по улиците, насилство и кражби, нерешени проблеми кои од време на време ескалираат со многу лоши последици, неспроведување на закон итн итн.

Во безбедносните сили во Делчево и во Македонија познавам вистински професионалци кои што со целиот свој кредибилитет и знаења се носат на вистински начин со својата работа и одговорности, но има и такви (а нивниот број не е мал) кои што се таму залутани само поради обезбедување на некаква финансиска стабилност. А да не зборувам за оние полицајци кои што покрај бенефицираниот стаж и платата низ кои што транзитираат во МВР си имаат и дополнителни дејности што ги прави едни од “најпаметните” во својата околина додека сите останати можат слободно да се чувствуваат глупо “измагарчени” луѓе од понизок ранг во однос на нивната општествена улога.

Политичките определби за надминување на сите лоши практики кои што го урнисуваат нашето општество и државност, треба да се спроведуваат бескомпромисно и без било каква релативизација од сегашните но и од сите идни власти.

Полицајците се луѓе кои носат оружје и нивното морално, законско, психичко, интелектуално кредо мора да има соодветно ниво сертифицирано од строги критериуми!

Не може поранешни (а голем број се и сегашни) деликвенти, пијандури, коцкари, насилници, бизнисмени кои ја искористуваат својата службена положба, да бидат органи на прогонот во државата, така речено полицајци. Едноставно не може!

Креирано од:


Пренеси го гласот