Уредничкиот колегиум на Македонската Радио Телевизија ја разгледувал можноста наредната година МРТ да не учествува на изборот на песна за Евровизија!
Класична неспособност и незнаење!
Наместо да се зафатат да ги идентификуваат проблемите и да понудат решенија, за ваквите катастрофално лоши изданија преку кои што го градат тој негативен имиџ на нашите натпреварувачи на Евровизија, Уредничкиот колегиум прибегнува кон најштетната и најнепосакуваната варијанта:
-Да се откажат од учество на Евровизија!
Евровизија е тимски проект во кој што треба да бидат вклучени професионалци и луѓе со капацитет!
Во недостиг на менаџерски способности, незнаење и импровизации како и негативните појави на домашниот избор за песна на Евровизија, без визија за решавање на проблемите најдобро би било колективна оставка да поднесат сите надлежни и директно инволвирани во овој циркус кој го приредуваат на Македонската јавност со парите на даночните обврзници и да биде направен избор на нови способни луѓе со знаење и визија да бидат вклучени во реализацијата на овој деликатен проект.
Со таквата можна одлука за откажување на настапите на Евровизија губи нашата држава, губат и Македонските граѓани. Зошто сами да си ја ускратиме ваквата можност Македонија да биде рамо до рамо со сите европски држави и да ја користи можноста што ја дава Евровизија за промоција на нашата држава?
Заради нечија неспособност, незнаење и импровизации?
НЕ!
Коментар на: Кирчо Анастасов
Соопштение на МРТ во врска со ваквите состојби.

Македонската Радио Телевизија, по инцидентот кој што се случи за време на официјалната церемонија за отворање на „Евросонг 2022“, кога нашата претставничка Андреа Коевска го фрли македонското знаме на тиркизниот тепих и по првичното Соопштение кое што беше објавено по реакциите на јавноста, детално ги разгледа сите аспекти за евентуалното повлекување на нашата претставничка од Евровизија. Таквиот чекор во момент кога сите рокови за повлекување се поминати би предизвикал голема финансиска штета и други санкции кои што не се за занемарување. Имено, со откажувањето би се загрозилo и учеството и отстапувањето на телевизиските права на сите други настани кои што Јавниот сервис ги добива како членка на Европската радиодуфузна мрежа.
Македонската Радио Телевизија ќе ги преземе сите законски решенија и дисциплински мерки по враќањето на нашата делегација од Торино, откако членовите ќе ги поднесат извештаите за случувањата на церемонијата.
Поради негативниот имиџ во јавноста на проектот „Евровизија“ што предизвикува негативен публицитет на МРТ, Уредничкиот колегиум на МРТ ја разгледува можноста од следната година Македонската Радио Телевизија веќе да не учествува на Изборот за песна на Евровизија.