“ Гласањето „против“ е токму онаа замка која ја подготвува власта, која уште сега им се заканува на сите кои се на таа страна на „равенката“, нарекувајќи ги криминалци, непатриоти, русофили, шизофреничари, и што се’ не. Како нормален човек да се изјасни за три варијабли (НАТО, ЕУ и Договор со Грција за промена на името), кога од таквата равенка произлегуваат осум можни одговори (на пример, не за НАТО, да за ЕУ, и не за Договорот, итн. – направете ги лесно сите можни комбинации). Знам многу луѓе кои приватно велат „би прифатил/а име Северна Македонија, ама овде не станува збор само за името, туку за деноминација и фактичка забрана да се користи атрибутот „македонски“ во секоја сфера на јавниот живот! Слаба утеха е што по дома ќе сме зборувале македонски или ќе сме се именувале Македонци, кога јавната сфера е ставена на располагање на надворешна власт. Тоа е нешто што е тешко да го прифатат дури и големите поддржувачи на НАТО и ЕУ. Гледајќи каква не само недоветна, туку и насилничка кампања почнаа да водат, а и надворешните притисоци ќе се зголемуваат до септември, ми се чини дека отпорот ќе расте, а нема да се намалува. Тоа го знаат и тие, па затоа се „вадат“ на консултативен референдум. Мојата проценка е дека ќе биде неуспешен заради недоволна излезност – што, реално, е единствената опција на оние кои се спротивставуваат на ваквиот однос на власта”
– изјави професорката Билјана Ванковска во интервју за Прес24.