БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Блаже Конески-ризничар на македонската народна лирика

Блаже Конески со оваа антологија, му го врати на Македонскиот народ благото што одамна му беше одземено од страна на бугарскиот поет Пенчо Славејков, кој во својата “Книга на песните” вклучи огромен дел од македонските лирски народни песни. Ова е мошне важно, зашто на тој начин се продлабочува литературната основа, се даваат нови предели за творење и за збогатување на современата, врз темелите на народната литература.
Пренеси го гласот

Во плодниот научен и литературен опус на академик Блаже Конески, посебно место зазема и неговата антологија на македонската народна лирика, насловена како “Блажена гора зелена”. Оваа антологија за првпат е издадена во 1945, практично по ослободувањето, но под наслов “Збирка на македонски народни песни”.

По две години, поради голем интерес, кој во тоа време е несомнен заради малиот број издадени и печатени книги, се појави и второто издание. Во малку скратен вид таа била преведена и издадена на хрватски/српски (тогашен српско-хрватски) јазик, во превод на Јуре Каштелан*. Дел од овој превод послужил и како избор за антологијата на македонската лирска песна издадена во Оксфорд 1978 година, во превод на Ендрју Харви и Ен Пенингтон**.

Идејата што Конески ја имал е да состави збирка поезија,ослободена од етнографските и фолклористичките референци, за да може читателот најспонтано да пристапи кон текстот. Затоа тој извршил селекција и поделба на неколку циклуси, кои се составени од лирски народни песни сврзани според нивното исполнување на определени празници, при обреди или при сезонски работи. Исто така, во антологијата е извршена и извесна нормализација на јазикот на песните, зашто, како што смета Конески, во времето на нејзиното објавување се чувствувала голема потреба од текстови на изедначен македонски јазик***.

Во последното издание на оваа антологија од 1986 година, направена е поделба во тринаесет циклуси и тоа:

1. Што ми грачиш гавране море
2. Арамија куќа нема
3. Дојде време, дојде коа да расцути трендафилот
4. Лудост младост
5. Бисеро, моме Бисеро
6. Е проклет да е кој љуби
7. Игралито срце јунаково
8. Откако ми се овчар ожени
9. Што е ова чудо големо
10. Туѓина пуста јабана
11. Турчин низ гора врвеше
12. Блажена гора зелена
13. Македонско име нема да загине

Секој од циклусите е насловен според насловот на некоја од песните што се наоѓа во него. Притоа Конески мошне студиозно му приоѓа на материјалот, па распоредот и на циклусите и на песните што влегуваат во нив воопшто не е случаен. Со својот метод тој сакал “…антологијата да се чита докрај како книга песни од еден велик поет. Таа затоа и не е замислена да биде општ преглед на нашата народна поезија, по циклусите. Целта беше друга: да се ппретстави нашата народна поезија преку најубавото и вистински уметнички издржаното во неа, за да се изјави чисто нејзината голема вредност. И дека се најубави, овдека се одбраа само нашите лирски и лирско-епски песни”.****

Во својот предговор Конески исто така забележува дека оваа антологија и народната поезијаа воопшто, не претставуваат само извор за научна историска и споредбена анализа, туку и на литературно, уметничко односно естетско дело. Токму ваквата определба е мошне важна и интересна, зашто долг период истржаувачите, литератите и литературните критичари сметале дека народната песна не влегува во доменот на literatura bella. Новите литературни текови, пак, сметаат дека народот во голема мера влијаел на тековите, темите, како и на структурата на светската поезија. Затоа многумина го сметаат “народот” како најголем поет.

Првиот циклус од оваа антологија, насловен како “Што ми грачиш гавране море”, содржи лирски песни посветени на ропството, на луѓето кои неправедно биле заробени, на јунаците кои биле лишени од слобода, борејќи се за основните човекови права.

Мојте дворје сами бележити:
во дворои една бела чешма,
до чешмата едно суво дрво,
на дрвото до три кукаици.
Та што кука од утро на вечер,
таа ми е моја мила сестра;
та што кука од пладне на пладне,
таа ми е мојта невеста;
та што кука едно едностојно,
таа ми е моја стара мајка.

Во истиот контекст се доведуваат и лирските и епски песни посветени на смртта и умирачката, која кај народот предизвикувале особен интерес. Свесни за својата конечност, тие сакале да го опишат најтажниот, најнеубавиот дел, со кој завршува нивното постоење.

Сонцето оди, заоѓа,
девојка душа береше
меѓу две гори зелени,
меѓу две води студени.
Никој крај неа немаше,
вишен е Господ над неа,
црна е земја под неа,
станоит камен под глава,
под камен змија лутица.
Змија си Бога молеше:
“Умри ја, Боже, девојка,
гнездо в коса и да правам,
од лице месо да јадам,
од очи вода да пијам!”
Како ми Бога молеше,
така и Господ поможа:
ми умре млада девојка.
В коси и гнездо направи,
од лице месо јадеше,
од очи вода пиеше.

Вториот циклус го носи насловот “Арамија куќа нема” и во него се обработува темата на арамилакот, и тоа сфатен како бунт на човекот кон тогашното општество, без разлика дали постои причина за тоа. Поставени се две фази на патот кон арамилакот. Првата се огледа во немаштијата, оскудноста, кога луѓето, за да преживаат му се предаваат на арамилакот или, пак, тој пат е поставен врз основа на револтот што го предизвикала сиромаштијата, одземјаќи му ја можноста на човекот за пристоен живот.

Зеде вреќа на рамена,
си отиде Ситница,
си наполни дробна песок,
си донесе своја куќа.
Го видоа девет деца,
затрчаа при татка си,
деца гладни, голи, боси,
да им даде пченица.
Им истури дробна песок,
как зобаа, так треснаа.
Им ископа еден гробец,
си закопа девет деца.
Пушка зеде на рамена,
си излезе арамија.

Втората фаза се однесува на арамилакот како средство за израз на бунт, за кој не постои јасна причина. Оваа фаза се однесува на младешкиот начин на мислење и на живеење, при што арамилакот е сфатен како извесе животен стил.

Ти мислиш да ме ожениш,
куќа да ми отвориш,
невеста да ми донесеш.
Јас мислам да те продадам,
на нови Пазар дојрански,
на тие жолти евреи,
за таа коња чапкуна,
за тоа седло сребрено,
за таа узда позлаќна,
млад арамија, мајко, да бидам
низ Дојранската планина.

“Дојде време, дојде коа да расцути трендафилот” е циклус посветен на природата и на животот во неа.

Сонцети оди заоди,
девојка трча и вика:
“Чекај, почекај сондевце,
јас да ти реча два реча,
два речам два изговора:
дал да посадам босилек
на сува рида без вода,
на неградена градина?”
“Сади, посади, девојко,
силен ќе ветер повее,
градина ќе ти загради,
ситна ќе роса пороси,
босилек ќе ти ороси.”

Особено место во овој циклус заземаат песните посветени на компарацијата на природата со љубовта, без разлика дали станува збор за среќна или тажна.

Ѓул***** девојка под ѓул ми заспало,
ѓул ми цути, на девојка капе.
Девојка си на ѓулум говори:
“А ѓулуме, најарно цветенце,
што ми цутиш и на мене капеш?
Ако цутиш, ан мене не капи,
јас си имам големи дердови:
млад ме сака, за старо ме дават,
старо аро како јавор дрво,
млад неженет како страк босилек”.

Четрвтиот циклус го сочинуваат песните за младоста, па затоа и го носи насловот “Лудост младост”. Во него се содржани мотиви на љубовта, на додворувањето и на младоста како минлива категорија.

Шетале, ми се шетале
до три јунаци беќари
по тие бавчи широки,
под тие сенки високи,
на таа трева зелена,
крај таа вода студена.
Пиле! Како сум си шетало
јас така сум си заспало,
голем сон сум видело:
моме на раце ми леже,
пиле! Како камен ми тежеше,
во пазува ми дишеше.
Вардев да не си го отпуштам!
Кога јас си се разбудив,
моме на раце си не најдов;
голема жалба си видов,
тргнав да се отепам!
Дружината ме фатија:
“Ај море лудо и младо,
зашто ќе си се отепаш,
за тоа моме убаво?”

Во циклусот “Бисеро, моме Бисеро” се поместени специфични љубовни песни, кои зборуваат за љубовта на момчињата кон девојките, за нивниот копнеж по некоја девојка, за начините на кои тие ги освојувале нивните срца. Забележливи се мотивите на тага, меланхолија, љубовна потиштеност, како и среќа за создадената љубов.

И бела Марија ми дошла,
кискица му е донесла,
високи гласје е дала:
“Стојане, мили Стојане!
На живот не се видовме,
на смрт ќе се видиме!”
Окото му е на поглед,
раката му е на пограб,
ногата му е на потскок.
Тогај си Стојан рипнало,
та си пограбил Марија.

Како логично надоврзување на претходниот е и циклусот со наслов “Е проклет да е кој љуби”, во кој се опишуваат љубовните маки и страдања. Доминантни се мотивите на забранетата љубов, како и на неостварената љубов. Особено е присутна темата кога родителите ја мажат девојката не за оној кој таа го сака, ами за некој друг. Оваа тема е актуелна и до денешен ден во љубовните песни, како и во целокупната литература.

Си посакав моме од малено,
од малено дури до големо,
а они ја мене не дадоа,
дадоа ја другуму јунака,
а мене ме кума окумија,
па брата ми девер деверија,
па ојдовме црква на венчање.

“Игралито срце јунаково” е циклус песни, чија главна нитка е мажачката и женачката, односно свадбата. Интересно е што низ овој циклус се провлекуваат лирски песни со повеќе мотиви, започнувајќи од среќа за остварената љубов, преку изборот на момче или на невеста, па се до шекспировиот мотив за смрт поради нереализираната љубов. Во песните од овој циклус доминантна е темата на значењето на бракот и за животот во него.

Доста си моме одила,
доста си глава врзала,
отсега каар да береш.
Свекор да чекаш од Пазар,
љубе да чекаш од нива,
девер да чекаш од гора.
Темна темница пред очи,
тешко железо на раци,
тешка тежина на глава;
темна темница љубето,
тешко железо детето,
тешка тежина куќата.

Аналогно на претходниот, се надоврзува и циклусот “Откако ми се овчар ожени”. Главната тема на овој циклус е животот во брак. Се надоврзуваат темите за жалта по беќарксиот живот, за лошата домаќинка, за жлта на мајката за омажената ќерка, како и за прељубата.

Везден Јана до девера жнала,
везден му се деверу плакала:
“Брате Петре, китко невенова,
брат ти љуби видимка девојка,
неа љуби, мене ќе загуби”.
“Дејди Јано, дејди мила снао,
што не кажа до три дни порано,
да заптисав друмишта, патишта,
да го вратев мојот мили браток!”

Во циклусот “Што е ова чудо големо” се собрани на едно место голем број хумористични песни, кој народот особено ги сакал. Во секоја песна постои различна тема, но она што ги поврзува е чудното, смешното, несекојдневното, па дури и невозможното.

Ејде сваќе, сваќе ваќе,
што ни даде чудна снајка!
Виде зелник, се зачуди:
“Што е ова витка тутка?”
Ејде сваќе, сваќе веќе,,
виде племна, се зачуди:
“Што е ова лепа црква?”
Виде разбој, се зачуди:
“Што е ова чкрипни, рипни,
а оздола два ѓавола,
еден горе, други доле?”

“Туѓина пуста јабана” е циклус посветен на македонската клетва – печалбарството. Печалбарството во Македонија се сметало како – специфичен вид стопанска гранка. Мажите заминувале на печалба наесен, а секогаш се враќале пред Илинден. Печалбарите најчесто заминувале во тајфи (дружини), а најпознати тајфи биле резбарите, зографите, ѕидарите-градители и кирајџии. Она што се провлекува како тема во печалбарските песни е жалта за домот, за семејството, тешкотијата на живеењето во туѓина, како и смртта на некој јабанџија во туѓина.

Жали, моме, да жалиме,
како ќе се разделиме, еј моме!
Како бевме посвршени,
сега ќе се разделиме,
јад од тебе, ти од мене.
Јас ќе одам во туѓина, еј душо,
на туѓина, на работа,
ќе останам три години.
Ќе ти пратам бела книга,
бела книга, жално писмо –
ем да четеш ем да плачеш.
Ќе ти пратам убав ѓердан
ем да носиш ем да плачеш, еј моме!

Циклусот “Турчин низ гора врвеше” е составен од лирски песни, кои се однесуваат на периодот турското ропство во Македонија. Во нив се опишува тешкиот живот, омалуважувањето од страна на поробувачите, ѕверскиот однос што го имале кон македонското население, како и за злото што го нанесувале.

Пладнина, мајко, пладнина!
Да знае Турчин правина,
ручекот би ни донесол,
под сенка би не однесол,
кај таа вода студена,
кај таа трева зелена.

Како надоврзување на циклусот песни посветени на турското ропство е претпоследниот дел кој е насловен како и самата антологија – “Блажена гора зелена”. Главниот мотив на песните од овој циклус е борбата на Македонскиот народ за слобода, како и придонесот на комитите за слобода на својата татковина.

Развивај, горо зелена,
развивај шума зелена,
отвори сенки широки,
ќе мине Делчев војвода
со неговата дружина!

Последниот циклус “Македонско име нема да загине” е посветен на народните лирски песни создадени за време на фашистичката окупација на Македонија. Разликата помеѓу патриотските песни од овој и од претходниот циклус е во времето на создавање – првиот е за време на Османското ропство, а второто за време на Првата и Втората Светска Војна.

Давај ме, мила мамо, давај ме,
за што ме срце, мамо, тргнало:
млада партизанка да станам,
Козјак планина да идам,
Карпуш војвода да вида.
Пушкомитралезот да носам,
клети фашисти да косам.

По краткиот преглед на циклусите од антологијата, можеме да заклучиме дека таа претставува вистинска ризница на македонската лирска песна, со која треба да се гордеат сите Македонци. Но, како што напоменува и самиот Блаже Конески во својот предговор “овој избор од народната македонска поезија има една најпрва цел: да му ја открие на македонскиот народ во целосна претстава убавината на оние песни што тој ги пеел, да разбуди кај него љубов за нив и свест за нивната вистинска вредност.”

Во истовреме, Блаже Конески со оваа антологија, му го врати на Македонскиот народ благото што одамна му беше одземено од страна на бугарскиот поет Пенчо Славејков, кој во својата “Книга на песните” вклучи огромен дел од македонските лирски народни песни. Ова е мошне важно, зашто на тој начин се продлабочува литературната основа, се даваат нови предели за творење и за збогатување на современата, врз темелите на народната литература.

Креирано од:


Пренеси го гласот