Денес на прес конференција за медиумите градоначалникот на Општина Штип најави дека се обезбедени финансиски средства за изградба на нова детска градинка во Штип.
Станува збор за детска градинка во населба Сењак 4. Тоа е целосно нова градинка со место за 200 дечиња, којашто ќе биде изградена во две фази. Веќе работевме во претходниот период на финансиската конструкција за изградба на оваа градинка, со што вчера на седница на Источен плански регион, Штип доби 16.000.000 денари, со целосна поддршка од сите градоначалници од регионот.
Втора Општина којашто доби средства е Делчево, којашто доби 6 милиони денари, а средства доби и Општина Пехчево, со 4 милиони денари. Уште 3.5 милиони денари има за сите единаесет општини, коишто добија простор да дадат проектна документација за по едно ефикасно училиште.
Ова е убава можност да се пофалиме дека во наредниот период ќе започнеме со реализација на еден од клучните капитални проекти со коишто излеговме на претходните локални избори. Се работи за детска градинка за 200 деца којашто е околу 1500 метри квадратни и е насушно потребна за нашиот град, бидејќи во последните триесет години Штип не добил детска градинка.
Ова е првиот чекор. Ние продолжуваме да ги комплетираме сите документации и во наредната година да отпочнеме со реализација на овој клучен проект за нашиот град и за овој регион воопшто, бидејќи во општина Штип веќе имаме одредена миграција на граѓани кои доаѓаат овде и бараат сместување повеќе за нивните деца.