„ Молчењето е злато“
„Трпеливоста е доблест“
„Свиен врат,сабја не го сече“
Овој текст го почнувам со овие три општо познати народни поговорки , бидејки токму тие за жал најпрецизно го дефинираат Македонскиот дух и менталитет. Истовремено, во нив лежи и коренот на денeшнава небидница која е само продолжение на долгата историја на небидност на овие простори. Трпеливоста, молчењето и постојано наведната глава, ниту ќе види сонце, ниту ќе проживее достоинствен живот.
Периодот кога сме биле физички поробени, работите биле многу поедноставни. Од една страна ги имаш поробувачите како власт и репресивниот апарат, од друга страна го имаш поробениот народ и нивниот стремеж за слобода. Од јасно, појасно. Проблемот била само организацијата, пари за оружје и храброст да се почне со отпорот. Денес нештата многу се покомплексни. Работите се прават многу поперфидно, а манипулациите со народот (“перење мозок“) е многу повеќе софистицирано. Навидум слободни, но поробени под маската која се нарекува„Демократија“..Секојдневно слушаме транспарентност, отчетност и политички решенија за кои народот ке одлучи!! Не постои такво нешто, заробени сме во канџите на политичките профитери кои јасно и недвосмислено спроведуваат агенда од која ке произлезат материјални добра и економски бенефити само и единствено за нив… Каде е народот во оваа приказна,на кој начин одлучува тој и што е неговата добивка?!
Медиумите наместо да ја прикажат реалната политичка слика во државата, всушност ја замаглуваат и го доведуваат македонскиот граѓанин во состојба на заблуда. Факт е дека до обичниот граѓанин не доаѓаат битните, есенцијалните информации врз кои тој ке може да изгради свој сопствен став! Сево ова се прави само и единствено со една цел! Создавање на имагинарна слика дека имаме две опции: Или да ја наведнеме главата и да правиме како сакаат поголемите или ке бидеме ставени во изолација и ке умреме во сиромаштија!! Знаете, токму тоа е најмоќното оружје на денешницава, да го доведеш народот во состојба на апатија, да не се бунтува, да мисли дека така треба, дека попаметните од него знаат работи што тој не ги знае и затоа одлучиле така како што одлучиле…Да си каже доста веќе, нека биде што ке биде!! Да заврши сево ова и да се надеваме на подобро утре!!
Но подобро утре не се гради на самоуништување, предавање на брат со брат, другар со другар и страдање поради истото. Цела нација страда поради тоа со години наназад. Предавството и лакомењето за странските пари и тоа дека ќе живееме како големци и богаташи ако го предадеме својот брат за одредена сума, стана секојдневие… Моралните вредности исчезнуваат, додека се почнува да се врти околу материјалното. Па си го поставувам прашањето: До кога ке продолжиме со ваквиот губитнички менталитет!! Да менталитетот на македончето е губитнички!! И тоа на секое поле без исклучок!! Запрашајте се само колкупати сте биле сведоци на одредени изјави на видни спортисти: „Добро е,изгубивме само 1:0“ или „Само да не ни паднат Германците во група“!! Почитувани, резултатот од 1:0 не се слави!! Тоа е пораз, пораз!! Не е никаков успех!! Само да не ни падне во група оваа или онаа држава?! Зошто ни фали самодоверба, зошто сами се демотивираме и влегуваме во секоја борба како однапред поразени!! Повторно сакале или не, доаѓаме до истиот извод : Губитнички менталитет!
Колкупати само сме се нашле во друштво на луѓе од Бивша Југославија…Слушаш како секој од нив говори на својот јазик, додека ние македонците си го потчинуваме нашиот на тој начин што се обидуваме да зборуваме на нивниот јазик, како би можеле да не разберат или да им покажеме дека знаеме!! Мислите тие не знаат Македонски?! Знаат, но убаво се чувствуваат додека ве гледаат како се понижувате!
Македонче? Има ли нешто поконтрадикторно од тоа самите да се понижуваме?! Македонче не е деминутив, Македонче е понижување, намалување на вредноста на поединец на една нација.. Кога ке сватиме дека треба да настапуваме како горди МАКЕДОНЦИ, да се почитуваме себеси и своето за да не почитуваат другите?! Изградете свој цврст став и држете се до него,темелете го на ваше соспствено убедување, но никако не градете ставови за да се допаднете некому доведувајки се во состојба на потчинетост!!
Поради овие нешта реалноста во Македонија е депресивна! Денешницата е за жалење, а утрешницата за плашење. Лошата економска состојба, полициската бруталност, интригите на тајните служби, меѓуетничките тензии и постојаната закана од ваков или онаков воен судир, образованието, здравството и слично, постојат поради лошата внатрешна политика која се води во државата. Од друга страна пак, обезличувањето со името, неуспешните обиди за одпочнување на преговорите со ЕУ и сличните проблематорики се одраз на лошата надворешна политика која се води од нашите политичари. Значи проблемот лежи во внатрешната и надворешната политика која ја спроведува оваа влада на Република Македонија. И пак ке се навратам на нашиот добро познат губитнички менталитет…Иако со свиткана кичма, повторно ладен туш од ЕУ… И замислете овој срамен и понижувачки пораз за надворешната политика водена од оваа ненародна влада повторно се обидуваат да ја прикажат како некаква голема победа!! Условна препорака за отпочнување преговори за наредната година!! Наредната повторно условна препорака со нови услови до понаредната..И така ке оди се до моментот кога ке се откажеме од се и нема да добиеме ништо за возврат!!
Дали знаете што е “Синдром на Малтретирана Сопруга”? Тоа е еден вид на психолошка болест чија основна карактеристика е тоа што малетретираната сопруга секогаш се враќа кај сопругот што ја малтретира и понижува – бидејки со него се чувствува безбедно иако е свесна дека во било кој момент сопругот освен што ја тепа и понижува, може да ја лиши и од нејзиниот живот. Таков е генерално и случајот со македонецот да молчи и да биде угнетуван, да трпи понижувања, добивајќи ја дневната доза ќотек – физички, психички и душевен;
Да нема ‘рбет, оти ‘рбетот кој го нема не се крши! – отколку да застане на свои нозе и да се избори за она што е правно негово: слободата; Ограбениот општествен капитал кој се изгради и сеуште се гради на грбот на овој народ; Достионството, кое и покрај сево ова може да се поврати; Името кое е наше и на никој друг; Знамето и милион други работи со кои се обезличуваваше и продолжува да се обезличува оваа бедна нација!
Причина: кукавици сме. Во генот ни е да молчиме и да трпиме со отсуство на борбен жар во нас. Речиси сите сме се соочиле со феноменот на тоа дека нашите родители секогаш не сопирале и не молеле да не сме дел од борба за подобра држава и борба против системот!! Секогаш со онаа , зошто баш ти мора да бидеш прв, други нека се борат, не оди ти директно во огнот, ке изгориш и никој нема да те погледне, ниту пак фала да ти каже!! Како тогаш ке се справиме со механизмите кои служат за присила и угнетување а се креирани од системот?!
Со онаа утешна погубна реченица: „Пушти ја будалава, нетокму е – нека прави што сака“. Со сета почит, но со таа филозофија може да создадеме идни поколенија, кои, наместо чест и достоинство, ќе имаат само зголемена потрошувачка на тоалетна хартија!
Проблемот на Македонецот, кој својата работа му ја остава на друг, e неговиот губитнички менталитет. За да се спроведат чекорите на ова колективно трезнење, мора најпрво да се собереме психички, да веруваме во себе, за на крај да си ги завиткаме ракавите и да си ја земеме дражавата во свои раце! Да оставиме белег во историјата каков што оставиле нашите претци!! Да ја зачуваме Македонија за нашите идни поколенија!!
Историска е обврската и голема е честа!!
Сите се добредојдени, без разлика на вера, пол или политичко убедување!!
Без предрасуди, без осудување!!
Сите и требаме на Република Македонија!!
Да живее РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!!! 🇲🇰
Пишува: Бошко Цветковски
Претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Лозово