БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Чествување на Митровден во Пијанец

Пренеси го гласот

Празникот посветен на Св. вмч Димитриј во православниот христијански календар се празнува на 8 ноември нов стил (или 26.10 стар стил на сметање на времето) секоја година.

Со овој празник помеѓу народот се одомаќинило верувањето дека почнува зимата затоа што времетраењето на денот намалува, плодовите по полето се собрани, температурата паѓа и семејствата се повеќе се вртат околу своите домови.

Во традицијата на луѓето од Пијанец овој празник е значаен по тоа што во семејствата на сточарите каде се ангажирале помошници- т.н. пастири тоа било во период од Ѓурѓовден напролет кога се главеле момоците за пастири па се до Митровден наесен кога се разглавувале. Во периодот помеѓи Ѓурѓовден и Митровден интензивно се напасувала стоката по околните планини во Пијанец. Штом дојде Митровден стадата од планините се прибирале поблиску до селата а пастирите добивале исплата според договорениот износ за својата работа од своите стопани.

Во Пијанец и пошироко во регионот празникот посветена на Св. вмч. Димитриј многу семејства сега како и во минатото го чествуваат со семејна слава на која што во духот и хармонијата на семејството се собираат сите членови на поширокото семејство на богата разновидна трпеза според тоа што дарила годината пред тоа.

Именден празнуваат: Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра…

Светиот великомаченик Димитриј Солунски, наречен уште и чудотворец и мироточив во делчевско е заштитник на селото Габрово чии што жители на овој светец му имаат подигнато преубава црква.

Свети Димитриј е роден во Солун, во третиот век. Беше син единец на солунскиот војвода. По смртта на татко му, цезарот Максимијан го постави Димитриј на истото место и посебно му препорача да ги гони христијаните. Меѓутоа, Димитриј не само што не ги гонеше, туку и јавно ја исповедаше и проповедаше верата во воскреснатиот Христос.

Штом слушна за тоа, цезарот, враќајќи се од еден поход, сврати во Солун, за да ја испита работата. Го повика Димитриј, кој не ја одрекуваше својата вера и дури и го убедуваше цезарот во бесмисленоста на идолопоклонството.

Максимијан се разгневи и го фрли Димитриј во затвор, а по неколку дена и го погуби. Некои христијани го земаа неговото тело и чесно го погребаа. На тоа место подоцна беше подигната црквичка, а после и голема црква, која до ден денес се наоѓа во Солун. Таму се сместени и неговите мироточиви мошти.

Креирано од:


Пренеси го гласот