ПРАЗНУВАЊЕ ВО СЕЛО ГРАД (ДЕЛЧЕВСКО): СВЕТОВЕН СОБОР НА СЕЛОТО
Духовден во село Град се празнува од памтивек како Собир на селото. На овој ден домовите на сите житњли на селото се отворени за прием на сите добронамерни гости. На времето секоја куќа редовно правела курбан (јагне или јаре) со што на некој начин се дарувала жртва од самото семејство.
Редовно на самиот ден во селото се организира турнир во мал фудбал на повеќенаменското игралиште кај училишната зграда на подрачното училиште во селото.
И оваа година овој спортски настан ќе биде убава прилика за дружење, спортување и натпревањеување на фудбалските екипи од речиси сите генерации и сите населени места во општината.
ЗА ПРАЗНИКОТ: СВЕТА ПЕДЕСЕТНИЦА (ДУХОВДЕН)
Пред да се вознесе на Небесата, Христос им даде заповед на Своите ученици да се вратат по Неговото вознесение во Ерусалим и да останат даму додека не се облечат со сила од Небото. Така, значи, им го даде ветувањето дека ќе Го примат Светиот Дух, за Кого зборуваше за време на Својот живот. Ова Христово ветување се оствари кај учениците педесет дена по Пасха и десет дена по Неговото вознесение на Небесата. Така, во Црквата го празнуваме празникот Педесетница, кога ја чествуваме Светата Троица, а следниот ден Го прославуваме и славословиме Светиот Дух. Значи, празникот Педесетница е празник на Светата Троица. Нема детално да се осврнеме на Третата личност на Светата Троица, т.е. на Светиот Дух, туку ќе ги нагласиме само оние факти и оние учења на Светото Писмо и на светите отци кои се однесуваат на Христа. Следствено, повеќе ќе ги нагласиме христолошките факти во однос на Светиот Дух.
Бидејќи христологијата е незамислива надвор од тријадологијата, затоа ќе се осврнеме и на догмата за тајната на Света Троица. Во редот Додекаеортион (дванаесетпразничие), термин употребуван од Црквата, е содржан и празникот Педесетница, затоа што е последниот празник од Божјиот домострој. Христовото вочовечување за цел ја имаше победата над смртта и доаѓањето на Пресветиот Дух во срцето на луѓето. Впрочем, познато е дека цел на црковниот и духовниот живот е да станеме членови на телото Христово и да Го примиме Светиот Дух. Овие две нешта се меѓусебно нераскинливо поврзани. Свештениот химнограф ја нарекува Педесетницата последен празник од аспект на повторното создавање и обновувањето на човекот.
Така, ако Благовештението на Пресветата Богородица е почетокот на воплотувањето на Логосот и на Божјиот домострој, тогаш Педесетницата е крајот, бидејќи тогаш, преку Светиот Дух, човекот станува член на воскреснатото тело Христово. Во оваа рамка можеме да ја сместиме и Педесетницата, а ,исто така, и она што е во врска со Светиот Дух и со Христа, бидејќи не може да се замисли христологијата надвор од пневматологијата, ниту пневматологијата надвор од христологијата. Слегувањето на Светиот Дух се случило во недела. И од ова се гледа значењето на неделата, бидејќи во тој ден се случиле големите Господови настани. Според светиот Никодим Светогорец, во првиот ден, т.е. во недела, започна создавањето на тварта, бидејќи тогаш беше создадена светлината, во недела започна обновувањето на тварта со Христовото воскресение, и во недела се случи восовршувањето на тварта со слегувањето на Светиот Дух.
Создавањето на тварта се случи од Отецот, со содејство на Синот и на Светиот Дух, обновувањето се случи од Синот, со благоволение на Отецот и со содејство на Светиот Дух, а восовршувањето на тварта се случи од Светиот Дух, Кој исходи од Отецот и се испраќа преку Синот. Секако, кажувајќи го ова им придаваме значение на Личностите кои биле претстојатели во создавањето, обновувањето и во восовршувањето на тварта, но, како што сме научени и како што веруваме, заедничко е дејството на Троичниот Бога и никогаш не може да се оддели и да се изолира една Личност од другите Личности на Светата Троица. Христијанската Педесетница, во која го празнуваме слегувањето на Светиот Дух, совпаѓа со јудејската Педесетница. Значи, во денот кога Јудејците ја празнувале Педесетницата, слезе Светиот Дух врз апостолите и ги направи членови на воскреснатото тело Христово. По Пасха, Педесетницата е втор по важност празник на Јудејците и, според преданието, го празнувале предавањето на Божјиот закон на Мојсеја. Значи, четириесет дена од првиот празник на Пасхата, Мојсеј се искачил на Синајската Гора и го примил Божјиот закон.
Меѓутоа, јудејската Педесетница истовремено била и израз на благодарноста на Јудејците поради собирањето на плодовите. Бидеј ќи совпаѓал со периодот на жетвата, бил наречен празник на жетвата и Јудејците во Храмот ги принесувале првините од плодовите. Празникот Педесетница, кој Јудејците многу блескаво го празнувале, се нарекувал празник на седмиците (види 2 Мојс. 34, 22; 3 Мојс. 24, 15, 16, 17; 4 Мојс. 28, 26, 31; 5 Мојс. 16, 9 – 10). Краткиот осврт на јудејската Педесетница покажува дека таа била образ на новозаветната Педесетница. Ако Мојсеј го примил Старозаветниот закон, тогаш во денот на христијанската Педесетница учениците Го примиле Светиот Дух и така го доживеале Новозаветниот закон, односно законот на Божјата благодат. Ако во Стариот завет невоплотениот Логос го дал Законот на Синај, тогаш во Новиот завет, Воскреснатиот воплотен Логос им Го испратил Светиот Дух на учениците, кои се наоѓале во горната соба, и тие станале членови на Неговото прославено тело.
Ако на Педесетница во Стариот завет ги принесувале првините од плодовите на жетвата, тогаш на Педесетница во Новиот завет биле принесени првините на словесните плодови од жетвата што ја направил Самиот Христос, т.е. Му биле принесени апостолите на Бога. Секако, постои јасна разлика помеѓу Божјото откровение на Синај и Божјото откровение во горната соба во Ерусалим. Синајската Гора целата беше во дим, затоа што Господ беше слегол над неа во оган; и дим се креваше од неа, како дим од печка, и се уплаши сиот народ (2 Мојс. 19, 18). Беше дадена заповед никој да не се доближува кон Гората, затоа што ќе умре: Секој кој ќе се допре до Гората, ќе биде предаден на смрт (2 Мојс. 19, 12). Меѓутоа, не се случило истото на денот на слегувањето на Светиот Дух во горната соба. Учениците се исполниле со радост и се преобразиле, и од плашливи, станале неустрашливи, а од смртни луѓе, станале богови по благодат. Разликата помеѓу Синај и горната соба во Ерусалим се гледа во разликата помеѓу Старозаветниот и Новозаветниот закон.
Тогаш беше даден Законот на камени плочки, а сега истиот се запишува во срцата на апостолите. Апостолот Павле вели: вие се јавувате како Христово писмо, составено преку нашата служба, напишано не со мастило, туку со Духот на живиот Бог, не на камени плочки, туку врз телесните плочки на срцето (2 Кор. 3, 3). Со слегувањето на Светиот Дух се исполни пророштвото на пророкот Еремија, како што го опишува апостолот Павле: ќе ги вложам законите Свои во мислите нивни, и во срцата нивни ќе ги напишам, и ќе бидам нивни Бог, а тие ќе бидат Мој народ (Евр. 8, 10).
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
КЈП „Водовод“ – Кочани: Известување за состојбата на Градската депонија и преземени работни активности
Две населби во Делчево деновиве добија нови асфалтирани улици
Започна асфалтирањето на улицата „Гоце Делчев“ во Кочани