Диме Ратајковски на својот фејсбук профил објави досега необјавена фотографија од Македонскиот револуционер и основач на Македонската револуционерна организација, Иван Хаџи Николов со кратко објаснување за потеклото на оваа значајна историска фотографија:
“ИВАН ХАЏИ НИКОЛОВ, затворски портрет. Фотографија на Пол ЗЕПЏИ, импровизирано фото студио за затвореници, Еди – куле, Солун, 1901 година. Овој портрет е еден од ретките портрети на еден од основачите на Македонската револуционерна организација, солунскиот книжар, кукушанецот Иван Хаџи Николов. Фотографијата е необјавена и ова е нејзино прво јавно прикажување.
Иако фото ателјето на Пол Зепџи се наоѓало на ул. Вардарска бр.90 (Rue du Vardar No.90) до Арката на Галериј, по наредба на властите Зепџи морал да направи уште едно едноставно импровизирано студио во затворот Еди – куле, или пак во делот каде што турските власти ги држеле обвинетите под истрага Сарај (Општинска зграда), Воениот суд, Бејаз – куле, пред да ги пратат на суд а потоа во заточение. Зепџи како најстар фотограф во Солун, уште од седумдесетите години на XIX век, ги фотографирал најголемиот дел од затворениците, чии фотографии биле наменети за изработка на полициски досиеја, а денес се чуваат во Истанбулскиот архив. Така и овој портрет на Хаџи Николов е дел од неговото полициско досие, заедно со досиејата на сите упасени и осудени во Солунската афера од 1901 година, кога скоро сите членови од Централниот Комитет на Организацијата се уапсени, осудени и пратени во заточение.
Иван Хаџи Николов е упасен на 5 март 1901 година. Со цел да не биде подложен на физичко измачување и да ги издаде тајните на Организацијата, во затворската ќелија пробал да се самоубие сечејќи си ја радијалната артерија на раката и поради тоа подолго време бил пратен во болница на лекување. Во мај 1901 година Хаџи Николов е осуден на доживотен затвор, 101 година заточение во Бодрум Кале. По општата амнестија во Империјата, август 1902 година е ослободен и се враќа во Солун, а оттаму во Софија каде што постепено ја пасивизира својата револуционерна дејност.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Најстарата културна институција- Македонската филхармонија одбележува 80 години постоење
Во спомен на Мето Јовановски: -Малиот човек може да создаде нешто вонвременски важно и големо и повторно да остане оној скромен и обичен човек кој што бил пред овој негов подвиг
Ин мемориам: Петре Прличко- најголем меѓу големите, ѕвезда на едно време