Ексклузивно интервју со професорот и доктор на науки Тит Турншек, бивш министер за одбрана на Словенија и бивш Амбасадор на Словенија во НР Кина.
Со господинот Тит Турншек разговаравме за војната во Украина, можноста истата да се прелее на Балканот, како и за кризата во односите помеѓу Русија и Западот.
Д.Т. Добар ден господине Тит, денес во целиот свет актуелна е војната помеѓу Русија и Украина. Русија тврди дека се работи за специјална мировна операција, а Украина и Западот тврдат дека се работи за агресија и обид за окупација. Каква е вашата оценка како поранешен министер за одбрана за ситуацијата околу Украина?
Т.Т. „Русија беше принудена на оваа операција. Цели 8 години Украина не сакаше да го исполни Минскиот договор. Сето тоа ја поттикна Русија воено да интервенира за да го заштити руското население кое што живее на истокот на Украина. Русија се трудеше по мирен пат да го реши конфликтот. Но Украина поддржана од САД и НАТО не ја слушаше загриженоста на Русија. Русија очигледно реши да стави крај на тоа и се одлучи за војна, притоа знаејќи што таа војна ќе донесе. Се работи за огромна воена операција каде што од двете страни се ангажирани огромни количества на војници и техника. Да се потсетиме дека Украина 8 години водеше граѓанска војна против Доњецк и Луганск, и за таа цел користеше многу паравоени групи со нацистичка идеологија.“
Д.Т. За какви паравоени групи со нацистичка идеологија се работи?
Т.Т. „Се работи за нацистички групи кои што своето минато го влечат од Втората Светска Војна, од СС дивизијата Галиција. Таа била составена од украинци нацисти, кои што војувале за Германскиот рајх. Покрај злоделата и геноцидот против еврејското население во Западна Украина, Полска и во Белорусија, дел од таа дивизија во периодот 1943-1945 година биле распоредени во Словенија, каде што извршиле доста злосторства. Денес нивни наследник е паравоената нацистичка група Азов. Но за тоа во Европа за жал малку се зборуваше во последните 8 години.“
Д.Т. „Според вас кој е виновен за војната? Русија? Украина? САД и НАТО? Или сите се криви?
Т.Т. „Оваа војна најмногу им одговара на САД. Тие свесно цело време ја поттикнуваа и провоцираа Русија на оваа војна. И на крајот успееја во тоа. Преку Украина САД ќе ја остварат својата цел, ќе воспостават целосна доминација над Европа, ќе стават крај на односите ЕУ – Русија, и ќе го зајакнат НАТО. Од војната во Украина, покрај самата Украина, Русија и Европа ќе излезат уште послаби. На тој начин ќе стават крај на планот на ЕУ за создавање на европска армија, која што би ги штитела интересите на ЕУ, а не интересите на САД. Уште додека бев министер за одбрана во 1997 година, во ЕУ тогаш се водеа начелни преговори за создавање на европска армија.
Јас во 1997 година имам присуствувано на состанок помеѓу ЕУ и САД, каде што разговорите на европските политичари за создавање на европска армија беа негативно дочекани од страна на претставниците на САД. Претставниците на САД тогаш изјавија дека е невозможно создавање на европска армија. Во 1999 година САД по забрзана постапка ги вклучија во НАТО Полска, Чешка и Унгарија. Преку нив САД, поточно преку Полска, САД си обезбедија „Тројански коњ“ кој што цело време потоа ги блокираше обидите за создавање на европска армија.
Д.Т. Колку е важно создавањето на европска армија за иднината на ЕУ и на Европа?
Т.Т. „Без создавање на своја сопствена европска армија ЕУ никогаш нема да биде самостоен играч и фактор во светот, и покрај својата економска сила. ЕУ секогаш ќе биде во сенка на САД, каде што интересите на САД ќе бидат на преден план. ЕУ денес нема своја сопствена одбранбена и надворешна стратегија, и таа слепо ги следи надворешната и одбранбената политика на САД. На ЕУ и треба своја армија и надворешна политика, за да биде рамноправен светски играч со САД, Кина и Русија.“
Д.Т. „Дали е можно прелевање на војната во Украина на Балканот?
Т.Т. „Балканот до денес не е уште безбедносно стабилен. Сеуште има можности од дестабилизација на Косово, Босна и Херцеговина, односно Република Српска и во Македонија. Но јас сум сигурен дека нема да има никаква дестабилизација, НАТО и ЕУ тоа нема да го дозволат во моментов. Но во иднина не е исклучена дестабилизација, бидејќи сведоци сме дека се менува геополитичката ситуација во светот.“
Д.Т. Какви се вашите прогнози и проценки, како ќе заврши војната во Украина? Како ќе се развиваат односите помеѓу Западот и Русија во иднина?
Т.Т. „Сите војни порано или подоцна завршуваат на преговарачка маса со потпишување на мировен договор. Не би сакал да шпекулирам, но се надевам дека брзо ќе се постигне оддржлив мир, прифатлив за сите страни. Новата „Студена војна“ помеѓу Западот и Русија во Европа е факт и таа е на долги стази. Светот влегува во нова неизвезна ера.“
Автор на интервјуто за нашиот портал: Дарко Тодоровски
Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Магична приказна од село Орешани: Наше интервју со Мила Атковска- фотограф, љубител на животни и живот на село
За неа само хоризонтот е граница: Наше Интервју со Даница Стојановска- планинарка
Наше Интервју со Емилиjа Маринова- уметник која го носи магичниот шепот на Охридското езеро во најубава форма на музичка експресија