-ПОДГОТОВКИ НА ИЛИНДЕНСКО ВОСТАНИЕ
Гарванов откако се вратил од Софија, Централниот комитет ги известил сите свои раководители на реони дека:
1. Организацијата решила да крене востание и со сите сили и средства да се бори за извојување на човечки права.
2. Организацијата ги осудува сите стремежи на официјалните и неофицијалните фактори во Бугарија, кои без нејзина согласност настојувале и настојуваат да го вовлечат населението во востание, бидејќи со тоа свесно или несвесно ја поткопуваат каузата на македонскиот роб и со своите дејства давале колорит на надворешно потикнување, факт кој бил силно експлатиран од Турција и европската дипломатија.
3.Организацијата изјавува дека до денот на востанието ќе се бори со сите комитети, корпорации и надворешни лица, кои со своите постапки ќе ја фрлат во борба и предвреме ќе го осуетат планот за дејство. Таа ќе води сметка за сите што ќе се обидат да ја искористат нејзината борба за други цели.
4. По објавувањето на востанието, сите кои се готови да го поткрепат ќе бидат прифатени. Притоа била пожелна претходна согласност од Организацијата.
Со ова известување била официјализирана одлуката за кревање на востанието, а истовремено биле предупредени и поканети врховистите.
Одлуката за востание предизвикала негодување кај многумина. Јане Сандански со одлуката бил запознат на 21 јануари 1903 година од Лазар Димитров, а самиот Сандански за тоа истакнува:
Тоа соопштение морално не уби, едно мислевме за Организацијата, едно агитиравме, а сосема друго излезе. Веќе немав ни лице, ни срце да агитирам како порано… просто плачевме.
Константин Нунков за решението на Централниот комитет за востание истакнува:
Во нашите очи тоа е една непромислена авантура. Ние мислевме дека востанието е пакосно, штетно, безнадежно, ненавремено, неподготвено, повеќе од кога било! Ние го сметавме погубно за македонскиот народ.
Андон Димитров, го дава следново објаснување за донесената одлука за кревање на востание:
Во 1902 и 1903 година та сè до денот на востанието — 20 јули 1903 — состојбата на бугарското население во Турција беше неопислива. На нас адвокатите, полицијата ни беше забранила дури да поднесуваме жалби до административните власти таму… Освен доаѓањето на српските чети во северозападна Македонија, Хилми Паша во согласност со грчките емисари создаде на југозапад и фронт за влез на грчките андарти. И така бугарските чети мораа да се борат против три фронта: турската војска, која со потери ги бркаше, српските чети и грчките андарти. Тешка стана и ситуацијата на организацијата. Ова го принуди руководството да свикаа специјален конгрес целта, на кој го одлучи тешкото решение да се крене општо востание.
Веднаш по Солунскиот конгрес, Централниот комитет ги известил сите раководители да започнат со собирање на оружје.
Самиот Централен комитет постигнал договор со група на грчки контрабандисти. Тие оружјето за потребите на Организацијата и претстојното востание го пренесувале преку море до утоката на реката Вардар, а таму било преземано преку канал.
Лазар Димитров истакнал дека овој канал одвај ги задоволил потребите на Кукуш и околните села. Централниот комитет со посредство на Петроградскиот македонски кружок се обидел да набави и руски пушки но овој план бил напуштен откако бил воспоставен каналот со Грците.
Дополнително на овие активности ЦК започнал иницијатива за враќање на печалбарите во Македонија. Од кореспонденцијата помеѓу Бугарското трговско агентство во Солун и Бугарското министерство за надворешни работи и вероисповест се дознава дека до 13 март, околу 10.000 млади Македонци се вратиле во родните краеви од Цариград, Румелија, Бугарија… за да земат учество во претстојното востание, а Селџобалив истакнал дека од Цариград заминале 2.500 градинари и малекари, Сите тие Македонци со нетрпение чекаат да дојде часот за востание.
Овие подготовки биле будно следени од дипломатските претставници во Солун, а рускиот дипломатски претставник Николај Гирс информирал дека:
во целата земја одвај можело да се најде поголема село, каде немало востаничка чета. Селаните биле во постојан контакт со нив. Четите биле раководени од членовите на Комитетот. Тие имале строга наредба да не предизвикуваат вооружени судири, туку само да го подготвуваат населението за востание на повик од повисоките раководители… есенскиот налет на бандите од Бугарија (врховистички чети б.н), суровата пресметка на војските со мирното население, вмешувањето на Русија, прогласените реформи од страна на султанот и очекувањата од сето тоа, ако во суштина не ја промениле дејноста на месните комитети, во секој случај ги поттикнале… Организацијата не била за одлагање на востанието. Таа сакала да ги причека резултатите од реформите во кои малку верувала. Со одлагањето на востанието на неопределено време, македонското прашање би се затаило, а со тоа Организацијата би ја изгубила својата подлога и би го пропуштила погодниот момент за целосно ослободување. Оттука четите трескаво работеле на собирање борци. Притоа истакнувале дека нема да им допуштат на Турците да ги исколат како Ерменците.
Смилевскиот конгрес, како конгрес на Битолскиот округ, според решенијата донесени во Солун, требало дефинитивно да ја потврди одлуката за кревање востание. Во таа насока се развила остра дискусија, во која се јавила струја која сметала дека условите за сенароден бунт сè уште не се созреани. На првиот ден од конгресот од излагањето на делегатите било утврдено дека Прилепскиот, Битолскиот, Кичевскиот и делови на други реони не се достатно подготвени. Најдобро подготвени биле Ресенскиот реон, Костурскиот, Демирхисарскиот, неколку села од Битолскиот реон, како што се Смилево, Ѓавато и Цапари, додека Охридскиот располагал само со 1.400 пушки. Меѓу делегатите се јавиле лица кои биле против востание во текот на таа година како што биле: Ѓорѓи Сугарев, Петар Ацев, Тале Христов, Никола Карев, Никола Петров Русински и други. Во една крајно напната атмосфера по повод острите расправии околу решението за востание, несогласувањата ги прекинал Даме Груев, кој како еден од основачите на ТМОРО и претставник на неговиот Централен комитет, уживал огромен авторитет. Според сеќавањата на Пандо Кљашев, тој рекол:
А бре луѓе, не губете си го времето да го решавате прашањето – ќе има ли востание или не, зашто тоа е решено – битти даваси! Говорете сега за востание, како да го направиме и кога, но не по ден и по време.
Во прилог за донесување на одлука за кревање на востание влијаеле и неколку настани. Конгресот преку Лука Ѓеров дознал за Солунските атентати. Како дополнителен аргумент послужил и Ѓурѓовденскиот масакр извршен на 6 мај во Битола, а во Цапари дошло до судир со османлиските сили. Тој ден Конгресот не заседавaл, бидејќи судирот можел да се прошири кон Смилево. Настаните во Цапари и Битола влијаеле психолошки врз оние делегати кои се колебале за востание.
На последното IV заседание Конгресот го усвоил Востаничкиот дисциплински устав кој бил изработен од Борис Сарафов и Димитар Дечев.
Конгресот уште од првото заседание започнал со донесување на одлуки за кревање на востание. Бил избран Главен штаб за II-от Битолски револуционерен округ, а тој требало да раководи со подготовките за востанието и со самото востание. За членови на Главниот штаб биле избрани: Даме Груев, Борис Сарафов и Атанас Лозанчев, а како нивни заменици биле избрани Георги Поп Христов, Петар Ацев и Лазар Поп Трајков. Членовите на ГШ биле избрани со јавно гласање, додека пак нивните заменици со тајно гласање.
Конгресот донел и непротоколарно решение, доколку пристигнат нови сили, како Ѓорче Петров, Пере Тошев и Христо Матов, тие по автоматизам да влезат во Штабот.
На Главниот штаб му биле пренесени сите овластувања за раководење на Востанието, да извршува воена и политичка власт и, со функции на воено-востаничка влада, да стапува во врска и да води преговори со дипломатските претставници и со владите на европските големи сили, како и посредни или директни преговори со непријателот, Владата на османлиската држава, или со нејзини ополномоштени претставници.
Главниот востанички штаб донел наредба горските началства да ги мобилизираат органите и телата на Организацијата да ја преземат власта во градовите и во селата. Окружното раководство во Битола формирало Информационо биро на Главниот штаб за извршување разузнавачки и информациски задачи.
На 28 и 29 јуни 1903 година се одржал Конгрес на Одринскиот револуционерен округ во месноста Петрова нива. За претседател на Конгресот бил избран Васил Пасков, потпретседател Велко Думев, а за секретари: Христо Силјанов и Анастас Разбојников, а вкупно присуствувале 47 делегати. За време на овој Конгрес било разгледано прашањето за кревање на востание и тука биле поделени мислењата, но по одлуката на Смилевскиот конгрес на делегатите не им останало ништо друго освен да се донесе одлука за започнување на подготовки за кревање на востание. Избраниот Околиски штаб донел одлука востанието во Одринско да започне на 6 август (стар календар) на празникот Преображение Христово.
Во јуни по барање на Централниот комитет бил изработен Општ план за востанието. Во него било истакнато дека во согласност со одлуките на Солунскиот конгрес и советувањата во Софија, треба да се води герилска борба. Четите требало да дејствуваат насекаде и во исто време, без да се крене народот. Целта не била да се победи Турција, туку таа да не може да ги победи востаниците. Востанието требало да биде послабо но долготрајно и борбата требала да се води до зимата, а повторно да се прогласи идната пролет. Востанието требало да почне кога ќе созреело житото и ќе се зголемела ноќта во јули 1903 година.
Извори:
1. Стојчев, Ванче (2000). Воена историја на Македонија. Скопје: Сојуз на друштвата на историчарите на Република Македонија : Воена академија “Генерал Михаило Апостолски”. стр. 483. ISBN 9989776075.
2. Македонска енциклопедија
3. Михаил Герджиков, Защо Преображение, а не Илинден? (Бегла историческа бележка), Михаил Γерджиков и подвигът на тракийци 1903 г. съст. Надежда Недкова, Евдокия Петрова.
4. Д. Димески, „Солунски јануарски конгрес на македонската револуционерна организација 1903 година“, ГИНИ, бр. 2, Скопје 2001.
5. Ванчо Ѓорѓиев „Слобода или Смрт: македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 – 1903 година“, Скопје, Институт за историја – Филозофски Факултет, 2003.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Сообраќајна несреќа на автопатот Штип-Скопје: Тешки телесни повреди здобила жителка на Виница
Приведен велешанец, управувал возило под дејство на алкохол и физички нападнал полициски службеник
Манасиевски: Досега не се разговарало за размена на ресори, Таравари пак се интересираше само за бизниси и за Груби и за Заев