Денеска на прес конференција Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ од Општинскиот комитет во Штип ги обвини локалните власти во општината дека ги залажува граѓаните преку прикажување на цртежи на некакви си виртуелни проекти:
Во продолжение во целост ја пренесуваме прес конференцијата на Иван Јорданов од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ:
Оваа локална власт предводена од СДС веќе добро ни е позната по своите фото сесии, меѓутоа сега сликањето добива и сериозна конкуренција во цртеж – проектите. Граѓаните на Штип веќе две години можат да видат како локалната власт ја залажува јавноста со прикажување на цртежи од некакви си виртуелни проекти.
Па така, до сега граѓаните на цртеж-проектите можеа да видат и добија Аквапарк најголем во Македонија, обиколница до Бањата Кежовица, исто така добија брана на река Отиња, 20 километри гасоводна мрежа и секако добро познатата жичара до Исарот.
Почитувани сограѓани, овие цртеж-проекти се само добра претстава за виртуелниот свет во кој живее и работи оваа локална власт. Сите ние знаеме дека сето ова е далеку од реалноста.
Местата кои се претставени се обични ридови и ливади обраснати со трња и трева.Преку цртежи-проектите овие локални власти уште еднаш докажуваат дека се уметници во неспособност и неработење.