За жал драги мои оваа прекрасна малешевска, македонска песна, не е поводот за овие редови што ги пишувам. Поводот е злоупотребата на песната во политички цели на еден несмасен и прилично понижувачки начин за мене, а верувам и за многу други Малешевци.
Деновиве во центар на внимание е расправата која се води пред Комисијата за финансирање и буџет во Собранието на Република Македонија, а се однесува на Буџетот за 2020 година. Поднесени се амандмани на истиот, повеќето од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, по кои две недели ќе се дискутира и ќе се гласа дали ќе бидат вметнати во буџетот или не. Како Малешевец и ,,локал-патриот,, очекував од 5-6 мината пратеници од овие краишта да го затрупаат Собранието со амандмани со кои би се обезбедиле средства за реализација на некои капитални проекти во Малешевијата, па пратениците предлагачи да рипаат низ салата, да држат говори во одбрана на амандманите, да лобираат меѓу колегите, да припаѓаат, да викаат од терасите во салата, море и да крварат ако треба за да се изборат за подобро утре на нивниот крај. Да допринесат нешто за Малешевијата, па нели за тоа се избрани. Се распрашав по запознаени, ама изгледа такво нешто нема (Нека ме демантираат ако грешам, спремен сум да се извинам! Овде не сметам ако некој поради про форма поднел амандманче за некоја тековна работа или некоја ситница). Не успеав ниту да пронајдам колку средства се предвидени за овие краишта во предлог Буџетот за 2020 година од страна на предлагачот. Секако не сметам на средствата за плати и трошоци во администрацијата, и ќе повторам, мислам на средства за капитални проекти, за нешто трајно што ќе остави белег овде, нешто што засекогаш ќе не потсетува на овие 5-6 мина. Доколку има средства ме интересира, дали се повеќе или помалку од претходните години? Колку во проценти се тие средства, ако на пример се споредиме со соседната општина Струмица, особено ако се има во предвид дека премиерот во повеќе наврати истакнува дека Берово му е после неговата Струмица, најомилениот град. Би сакал да знам, колку таа омиленост изнесува во проценти и колку е зголемена за овие години откако е тој власт во Македонија? На зборови и фалби, верба веќе се нема, само дела не интересираат, црно на бело, сите карти на маса, па да видиме дали сте на прав пат или си фаќате кривини.
Случајно пред два-три дена вртам по каналите и ,,среќа имав,, баш на Собранискиот канал ја гледам беровската пратеничка, истакнатата перјаничка на СДС, Шахпаска, говори пред присутните на седницата на комисијата за финансирање и буџет. Си велам супер, таман ќе видам што бара за Малешевијата, дали нешто е предвидено да се прави, ќе го добијам одговорот на погоре поставените прашања, чисто за да не се распрашувам по други, ќе имам информации баш онака што би се рекло од прва рака. Изгубив така дваесетина минути од моето, за мене скапоцено време, но за Берово, Пехчево и Малешевијата ништо, ниту збор. Шахпаска изгледа води само виша политика, локални работи не се за неа. Веднаш си помислив, море поарно, оваа вака на високи позиции во власта ,,ќутејки,, ќе извади нешто големо за тука, па сите ќе имаме ќар и сдсовци и вмровци, и тие што живеат таму, и ние што потекнуваме и често престојуваме, само нека падне нешто. И ја гледам така влезе во дискусија со своите колеги, жестока, дрчна, па реплики, па контра реплики, па реплики на реплики и така подолго време, ама пак ништо за Малешевијата да слушнам, само виша политика. Си помислив, па и ,,ќутејки,, да изнудила некои средства во буџетот за нешто големо во Малешевијата, ќе се пофалеше барем малку, онака од околу, да знаат луѓето, нели треба во април пак да ја гласаат, не чини да незнаат за нејзините работни успеси, иако за волја на вистината Малешевијата е мало место и таквите работи не би останале незабележани. Таман дојде до крајот и јас онака разочаран се подготвував да го сменам каналот кога госпоѓава им вели на присутните во салата:
-,,знаете јас доаѓам од Берово, таму сум мажена пред триесет години,,.
Опаа, и текна. Одма си реков, сега оваа кога ќе му ја разврзе за амандманите што ги поднела, за тука и за она што е веќе вградено во буџетот, а се однесува на овие краишта, има вистински да се стресат присутните во салата. Но пак ништо, дури ни за разочарување, кое многу полесно ќе го поднесев отколку срамот кој ме облеа во тој момент. Лидерот на госпоѓава би се изразил со: ,,Уби ме туџа срамота,,. Наместо нешто суштинско по втор пат месецов (првиот пат беше на трибина во Берово за што пишував во претходна колумна) беше цитирана песната чии што наслов (за една буква променет) го употребив во оваа колумна. Ај за првиот пат си помислив, ја зафатило еуфорија од преполната саличка со Сдс активисти кои со гордост го скандирале нејзиното и името што и таа со својот пратенички глас и го стави на државата, па онака непромислено обидувајќи се да направи компарација, искажа ,,блес(к)авица,,. Ама кога истиот говор го слушнав и во Собранието на Република Македонија и тоа со нагласување дека тие зборови со гордост секаде ги истакнувла, навистина неможев поинаку да се почуствувам, освен како горд Малешевец, да останам ,,убиен,, од туѓиот (нејзиниот) срам. Да не должам многу, гордоста на госпоѓата се состои во тоа што сега откако е таа пратеничка и СДС е на власт, песната на која ја научиле и прв пат ја чула кога пред триесет години станала беровска снаа: ,,Ајде Милке да бегаме в наше село Малешево,, каде што во песната се вели дека од три страни сонце грее, од четврта месечина, сега веќе не се пеела така, туку се пее: ,,В наше село Малешево од три страни регионални патишта греат, а од четвртата Граничен премин Клепало,,!!!??? Твитерџиите викаат: ,,Ќумрам,, ,,Гасете интернет за денес,, ,,Шта речи, а не заплакати,,. Но тоа е. И ова внимание што го посветив за вака продуховениот восклик на пратеничкава е премногу. Само во оваа прилика добрронамерно би ја замолил повеќе да не се гордее до толку, особено не со залудно спомнување на Малешевијата и извитоперување на народното творештво, оти тоа е македонско, а не северџанско, за да може секој како ќе му текне да се ,,заеб-ава,, со него. Јас како горд Малешевец, не сакам, кога некој познат ќе ме сретне да се исмева и да си прави вицови со мене и мојот крај заради туѓи непромислености. Убаво е човек да е вицкаст, да е шегобиец, ама не треба до толку да оди во крајност и баш во чекор да ги следи стапките на лидерот, особено не со нешта кои му се свети на овој народ, како што е скапоценото македонско народно творештво. Во вашето семејство има многу умни луѓе, но изгледа не сте ги слушале добро или пак заборавиле да ви објаснат дека песната која ја злоупотребувате има и еден друг дел во кој народниот пејач на саканата Милка и вели: ,,в наше село Малешево два пати се жетва жнее, три пати се грозје бере,, што ќе се согласите е невозможно, односно претставува лага, но тој за да ја убеди да појде по него се служи дури и со недозволиви средств, кои нели само и само во љубовта се дозволени. Тоа на вас како политичарка, која сака да се занимава со виша политика, не ви дава за право исти такви средства да употребувате во реалниот живот затоа што политиката е далеку од љубовта, а за тоа како ја терате работата и вие и вашата партија откако сте на власт, да ви кажам право, народот песната си ја пее, ама не како што вие си замислувате, туку повеќе ја кука: ,,Ајде Милке да бегаме од наше село Малешево и од Македонија,, за да не ги гледаме овие будалаштини кои ни се случуваат. Времето кога народниот пејач ја подлажнувал Милка било многу одмана, средствата за комуникација кои сега ние ги имаме, за нив биле незамисливи, па веројатно лагава му успеала. Во денешно време такво нешто не поминува, патиштата кои ве греат, си греат и постојат со години, а нивната тековна реконструкција со по некој сантиметар асфалт, сигурно не е нешто со кое треба толку да се гордеете и фалите, особено што истите не беа во некоја драматично лоша состојба и досега. За нештото што ве грее и блеска од четвртата страна, а вие го нарекувате граничен премин Клепало, ве поканувам кога ќе сте расположени, еве на пример за време на викендов, заеднички со наши сограѓани или сопартијци да преминеме преку истиот и да посетиме некое место во соседна Бугарија, да зобнеме и ние ко овие од СЈО по некое апетисанче во добра кафеана, да го овековечиме и преку социјалните медиуми да им прикажеме на сите што се заинтересирани. Ама тоа нема да се случи, јас си знам зошто, а за вас не сум сигурен, оти тоа вашето ЌЕ, ЌЕ, ЌЕ, во кое изгледа вие реално си живеете, веќе предолго трае и премина во патетика.
Затоа драги мои, на 12 Април следната година ќе му ставиме крај на ова ЌЕ-владеење зачинето со многу лажење, фантазирање и забеганост од реалноста. На Република Македонија и е потребна вистинска обнова, на Малешевијата исто така. Народната песна повторно со задоволство да си ја пееме, ама онака како што некој ни ја оставил да ја чуваме и пренесуваме на поколенијата и пак да сакаме ,,да бегаме в наше село Малешево,, а не да ја скврнавиме, како што е тоа случај деновиве.
Со доаѓањето на на власт на ВМРО-ДПМНЕ, на идниот премиер Христијан Мицкоски и на чесни и вредни луѓе, сето ова ќе биде реално остварливо за доброто на Малешевијата и на Република Македонија.
Пишува: Кирил Ковчегарски,
Aдвокат и член во Комисијата за правни работи, политички систем и антикорупција при ВМРО-ДПМНЕ


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Изместена реалност во СДСМ. Дали ова е аргумент за добивање на глас на изборите во недела?
Стравот посилен од науката, како дезинформациите ги одвраќаат родителите од вакцинирање
На кого му пречи силно ДПД Делчево????