БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Кирил Ковчегарски: ОБЕДИНУВАЊЕ НА СИТЕ ЗАРАДИ ОБНОВА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Пренеси го гласот

Изминатиов викенд во СЦ ,,Јане Сандански,, во Скопје се оддржа импозантен собир со кој ВМРО-ДПМНЕ го одбележа крајот на неколку месечниот карaван за ,,Обнова на Македонија,, а со самото тоа и почетокот на обновата, најпрвин преку партиципацијата на партијата во техничката влада, а веднаш потоа по победата на изборите во април и преку целосното преземање на власта со конкретен план и мерки за обновата. На овој настан свое обраќање пред присутните имаше претседателот на партијата Христијан Мицкоски кој ги изложи своите замисли и идеи кои планира да ги спроведе по формирањето на новата Влада на Република Македонија. Кај присутните во салата после подолг период можеше да се забележи големиот оптимизам и вербата во ова раководство на партијата, се чуствуваше онаа енергија која ја имавме изгубено, заборавајќи се претходно во привилегиите кои ги носи власта. Победата е неизбежна, но секој еден ќе мора својата задача и улога да ја одигра беспрекорно во овој предизборен период за победата да биде убедлива со што ќе биде олеснет патот кон целосната обнова на Република Македонија. Огромната маса на народ кој неприсилен од никого, по своја воља присуствуваше на настанот е гаранција за тоа.

 За само две години, Претседателот и новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ успеаа во целост да ја стабилизираат партијата и да ја вратат довербата кај народот. Во овој период ни беа зададени многу удари и сите ги издржавме, а од сето тоа излеговме уште посилни. Ги издржавме стоички прогоните, тортурата и апсењата на нашите членови, неразумните реформатори, предавството од внатре, притисоците и заканите од власта. Малкумина веруваа во брзата стабилизација на партијата пред две години кога сите овие случувања почнаа да се засилуваат со цел, таа да биде уништена и да ја снема од политичката сцена, за да можат со леснотија да си ги остварат своите планови кои си ги имаа зацртано во нивните глави сегашниве властодршци, а се заради туѓи интереси и матријална корист на поединци. Но заборавија на македонскиот, на вмровскиот инает, на пирејот наш кој колку и да го сечеш и корнеш повторно изникнува. Малкумина бевме пред судот ноќта кога ги уапсија уставобранителите од 27-ми Април, се намалуваше и бројот на оние кои секојдневно протестиравме пред Собранието на РМ против предавничките договори, штетните закони и постојаното кршење на Уставот на РМ од страна на парламентарното мнозинство. Не напаѓаа дури и ,,нашите,, затоа што партијата не учествува активно на протестите, иако преку 90% проценти од оние што бевме секојдневно таму заедно со нашите семејства сме лојални членови на ВМРО-ДПМНЕ. На одредени личности беше тешко да им се објасни, што во тој момент и се случува на земјата, и какви се притисоци се правеа заради остварување на зацртаната цел со кој се дојде до насилна и против уставна промена на името на државата. Штетата е огромна и во тие тешки моменти реално гледано никој немаше сили да ја спречи. Секој погрешен и радикален потег сигурен сум дека дополнително ќе ја влошеше состојбата на сите во државата што реално бевме против оваа будалаштина со името која насилно ни беше наметната.

ЗАТОА ПОТРЕБНО НИ Е ОБЕДИНУВАЊЕ НА СИТЕ ЗАРАДИ ОБНОВА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!!!

Нема да биде ниту едноставно, ниту лесно, штетата е огромна на секој план. Нема да биде ни брзо како што многумина си замислуваат и посакуваат. Потребен е ум и разум, трпение и многу посветено време. Потребно е обединување на сите кои се водат од идејата за враќање на уставното име на државата и темелна ревизија на штетните договори кои се склучија само за да ја задоволат другата страна. За било што да може да се презема мора да се влезе во власта, без тоа се е залудно. Некои ќе речат: ,,ама тоа е признавање на Северна,,. НЕ! Не е така! Тоа апсолутно не значи легализирање на оваа лажна творба, туку само начин за истата да биде сменета. Сетете се на изјавата која Претседателот Ѓорѓе Иванов ја побара од Заев како гаранција дека ќе го штити уставот и законите и дека нема да направи ништо што би било на штета на граѓаните! Истиот без око да му трепне појде и ја потпиша, иако знаеше дека ништо од тоа што го ветува нема да го исполни. Ја потпиша затоа што таа му беше клучот за да влезе во власта и преку неа да си ги оствари сите свои и туѓи планови. Кога после добивањето на мандатот се врати во штабот на својата партија каде го чекаа симпатизерите само им покажа со прстот на слепоочницата (ум треба), иако лично дискутабилно е дали некој му го има дадено или го искористил сопствениот. Таа слика треба да ја имаме сите во главата кои се бориме против ова навистина моќно зло кое секојдневно ја урнисува државата, кога бараме од Мицкоски да вети ова, да направи она, па да каже што ќе прави кога ќе ја добие власта итн. Нема потреба да создаваме дополнителни тензии, меѓусебни караници, недоразбирања и да ја ослабнуваме положбата на ВМРО-ДПМНЕ, оти од тоа фајде ќе имаат само Заев и хунтата на власт. Се што треба, се е јасно и ,,математички прецизно,, кажано и нема потреба од секојдневни дообјаснувања. Па, ако не му верувате на Мицкоски, еве и самиот Заев пред некој ден ви кажа: ,,Да, ако дојде Мицкоски, ќе го врати името на државата,,. И покрај тоа што тој оваа изјава ја даде со намера да го застрашува населението, таа работа нема да оди со толкава леснотија, а и постапката сигурно нема да се одвива на оној начин на кој пренесоа медиумите и некои од структурите кои работат против ВМРО, преку поништување на договорот. Ова од едноставна причина што: како прво договор не постои, тоа е спогодба, а како второ истата е склучена спротивно на Закон и Устав од страна на неовластени лица. Исто така, не е испочитувана вољата на народот искажана на референдумот од 30-ти Септември, а постапката за отварањето на Уставот на РМ е изведена без 2/3 мнозинство, одностно со 80, наместо 81 пратеник. Но почитувани, гледате и самите дека од оваа позиција сме немоќни на сите овие работи да укажуваме и да ги смениме, надлежниот суд не постапува по поднесените иницијативи затоа што е под притисок и само се вртиме во место. По промената на власта ќе дојде до ослободување и релаксирање на состојбите, а со самото тоа ќе се отворат можности да се постапува по сите овие работи согласно правото. Уште еднаш ќе напоменам, ова е можно само со преземање на власта, во никој случај не преку улица или со насилство, тоа видовме до каде не донесе.

Веднаш по добивањето на власта, исто така ќе треба да се преземат итни мерки за ослободување на уставобранителите, на кои државата е должна да им обезбеди фер постапка во која ќе ја докажат својата невиност и дека нивното дело нема ама баш никаква врска со тероризам, за што беа неправедно обвинети и осудени. Јас искрено се надевам дека второстепениот суд ќе ја укине пресудата на Кривичниот суд како незаконита со што ќе се отворат вратите кон правдата и дека нема да има потреба од законски интервенции и пазарења за да се дојде до неа.

Има уште многу работи кои ќе треба да се направат, економијата е целосно урнисана, криминалот цвета како во деведесетите години на минатиот век, пукањата и тепачките повторно ни станаа секојдневие, градовите не биле никогаш понечисти и позагадени од сега. Само обединети можеме овие работи да ги обновиме. Знам дека секој од нас е некому лут, секој има некој, кој, поради оправдани или неоправдани причини не го сака, не го поднесува и сл. Се направија многу грешки и неправди и од наша страна во времето додека бевме на власт. Повредивме, можеби и несакајќи, многу луѓе. Тоа повеќе не смее да се случува! На народот мора да му се слугува и да се исполнуваат сите негови реални потреби и барања и тоа најдобро што се знае и умее. Лекцијата е научена и многу скапо платена. ВМРО-ДПМНЕ ќе работи пред се во интерес на сопствените граѓани, а дури потоа ќе се гледаат односите со соседите, меѓународните интеграции итн.

На овој начин сакам да ги замолам сите што се против оваа однародена власт, сите поранешни членови и симпатизери на партијата, оние кои можеби сте и за други партии или сте биле за СДС, а сте разочарани, без разлика на се, да се обединиме за да оствариме победа за обнова на Македонија. Тоа реално гледано во овој момент го може само ВМРО-ДПМНЕ. Сите други кои се многу на број, а не се способни дури ни самите себе да се контролираат и координираат и несвесно работат во интерес на хунтата или пак се од нив подржани за да предизвикаат штета во опозиционите редови. Нивната сила е толку мала и тоа е многу очигледно од бројот на луѓе кои ги имаат околу себе, а поединци од нив постојано непотребно ги иритираат и обесхрабруваат чесните Македонци и борци за правда со нивното делување против ВМРО, наместо против СДС. Посебно сакам да се обратам до иселениците кои се во огромен број, а на минатите избори не успеаа да излезат доволно ниту еден свој претставник да имаат во Собранието. 18.000 илјади и не е толку голема бројка за такви родољуби и патриоти какви што живеат низ Европа, Австралија и Америка. Три пратеника плус кои и следуваат на дијаспората да имаше ВМРО-ДПМНЕ на минатите избори, можеби немаше да дојде до сите овие случувања. Затоа добра организација во дијаспората, земете си го она што ви следува, освојте ги тие три пратеника, па од овде да се води патриотската политика, а не само залудно по социјалните мрежи. Џабе ни е што сме толку многу по светов, кога не се организираме, а е потребно за да се бранат институционално интересите на Република Македонија и народот. Обединете се и резултатите што ги барате постепено ќе  дојдат.

Обединување ни е потребно и на локално ниво. Заборавете на меѓусебните недоразбирања и личната нетрпеливост која ја имате по општинските и месните комитети. Македонија и Организацијата нека ни бидат пред се! Секој нека си го одработи својот дел најдобро што умее, без притоа да работи суетата или да се мисли само на некој личен проблем или став по некое прашање. Сите се потребни во оваа борба, заради што е можно поубедлива победа на предвремените избори. Разговарајте со луѓето, ислушајте ги нивните потреби и проблеми, извинете им се ако тоа го побараат поради некоја причина! Секој еден граѓанин, без разлика какво е неговото политичко убедување, што е против хунтата на власт ни е потребен и е добредојден. Мора сите заедно обединети, од првиот до последниот, од млад до возрасен, од стар до нов, или од друга партија дојден член, да сфатиме дека само така, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Христијан Мицкоски ќе биде возможна целосната ,,Обнова на Македонија,,.

На крајот ја користам оваа прилика на сите, и на оние што ме поддржуваат, но и на оние што имаат нешто против мене и моето пишување, најискрено да ви ја честитам Нова Година и Божикните празници. Нека не сите ви донесат пред се многу здравје, љубов и среќа. Сето друго ќе си дојде самото по себе. Нека 2020 година ви биде на секое поле поуспешна од претходната година! Нека Бог ви даде мир на вас и на вашите семејства.

Пишува: Кирил Ковчегарски,

Aдвокат и член во Комисијата за правни работи, политички систем и антикорупција при ВМРО-ДПМНЕ

Креирано од:


Пренеси го гласот