Брегалнички Портал

Вести од Брегалничкиот регион.

Кога навистина и од кого е ослободено Царево Село (Делчево) во II Светска војна

Пренеси го гласот

Илегалната и револуционерна активност на месното население во Пијанец во 1944 година била динамична и проблематична. Уште во летото 1943 година под директива на Обласниот Комитет на КПЈ во Штип, започнале да се формираат т.н. Народно-Ослободителни комитети на Народно- ослободителната војна во сите места на источната граница од тогашната окупирана Вардарска Македонија која била пред војната во состав на Југославија. 

Во тогашното Царево Село бил формиран таков комитет на чие чело застанал Павле Димитров. За секретар бил поставен младиот Методи Митевски Брицо, На овој начин започнала агитацијата меѓу месното население за нивно организирање и спротивставување на отпор кон асимилаторската политика на бугарските фашистички окупаторски власти.

Методи Митевски Брицо по војната

Зимата 1944 година низ просторот на Пијанец поминале дел од главнината на партизанските одреди кои биле учесници на т.н. Февруарски поход. Во пресрет на партизанските единици кои поминувале низ Пијанец, на 14 февруари бил испратени силен бугарски полк од Горна Џумаја (Благоевград) придружуван од помошни логистички единици и полиција. Судирот меѓу бугарскиот полк и партизанските единици кои биле дел од Февруарскиот поход, се случил на 16 Февруари на пониските делови од источната страна на планината Голак во околните ридови. Жестоки борби се воделе целиот ден а резултат од борбите бил разбиен еден бугарски батаљон.

Вечерта по битката партизанските единици се упатиле преку Калиманско поле кон Кочани. Кај мостот кај село Истибања исто така се водела жестока битка со бугарската војска која ја обезбедувала оваа стратешки клучна локација. По освојување на овој терен, партизанските сили се упатиле преку Осоговските планини кон нивната одредница на северните делови од Вардарска Македонија каде требало да се одржи Првото Заседание на АСНОМ.

Пролетта 1944 година за време на т.н. Пролетна офанзива исто така се воделе поголеми битки на просторот од Осоговските Планини, Вратиславци, атарот на село Драмче, Белчанско маало, Голак па се до селото Разловци.

Значително е да се напомене дека до тој момент од војната не била создадена поголема група на вооружани лица  од страна на месното население во Пијанец, туку главните битки за ослободување на овој простор биле водени од припадници на вооружени единици од други места низ Македонија. Логистика била обезбедувана од месното население до одредена мера за поединечмни акции на групите кои поминувале низ Царево Село и околните села, но никогаш не било создадено јадро на вооружани сили кои ќе си ја извојуваат сопствената слобода. Дополнително помеѓу локалното население за овој период се познати поголем број на предавства на партизанските единици и револуционернате активности на поединци од Пијанец.

Под налетот на Црвената армија од северо-исток и се поизвесната капитулација на Бугарската фашистичка управа, летото 1944 година Царево Село било стратешка точка за повлекување на бугарската војска на правецот Штип-Кочани-Царево село- Горна Џумаја. Почетокот на месец септември 1944 година во Царево Село бил стациониран силен бугарски полк.

По наредба на штабот на Македонските народно-ослободителни бригади, 3 батаљон на на Четвртата Македонска ударна Бригада на ПОМ на 8 Септември 1944 година влегува без борба во Царево Село. Претходниот ден на 7 Септември  политички претставници од  Обласниот комитет на КПЈ во Штип присуствувале во Царево Село со цел да упатат ултиматум до бугарските сили стационирани во Царево Село да се предадат без борба.

Така на 8 Септември полковникот на бугарскиот полк Чилингиров стациониран во Царево Село ја предал управата на политичкиот комесар на 4 Македонска ударна Бригада Кирил Михаиловски- Груица. Со тоа Царево Село и Пијанец биле ослободени од Бугарската фашистичка окупаторска власт во Втората Светска Војна.

По повод ваквиот развој на настаните од сттрана на жителите на Царево село била организирана победничка парада на која учествувале партизани од 3 батаљон на 4 Македонска ударна бригада во чиј што состав влегол и Горноџумајскиот партизански одред. По завршување на парадата говор пред присутните одржал Кирил Михаиловски- Груица.

Во депоата на бугарските власти биле заробени поголеми количини на прехрамбени намирници кои што од страна на НОО биле поделени на месното население.Дел од овие намирници биле префрлени во пределот на Малеш каде биле распоредени останатите единици на бригадата.

По формирањето на народната власт била формирана и воена команда во чиј што состав влегле голем број припадници на локалното население.

Сето тоа траело само 3 денови кона на 11 септември во Пијанец и во Царево Село навлегле германските нацистички сили од правецот на Кочани кои имале за цел да го контролираат патниот правец Кочани-Царево Село-Берово- Струмица како алтернативен правец за повлекување на главнината на германските окупаторски сили од Егејска Македонија. Силни германски единици биле поставени во селата: Бигла, Илиово, Турија, Косово Дабје, Драмче, Очипала, Полето, Ѕвегор и Тработивиште. Во останатите села немало поставено германска војска па тие биле своевидни слободни територии на НОО и Воената команда. Во овие слободни територии се пристапило кон формирање на Околиски народно-ослободителен одбор кој што бил де-факто народна власт на слободните територии во Пијанец. На состанокот одржан во село Град на кој присуствувале делегати од сите ослободени територии во Пијанец за претседател на НОО бил избран Јордан Белогаски а Васил Ѓоргов бил поставен за Секретар. Под директива на Обласниот комитет на КПЈ во Штип бил формиран Околиски Комитет на КПЈ за Пијанец а за негов секретар бил назначен Методи Митевски Брицо.

До месец Ноември 1944 година членството во Околискиот комитет на КП за Пијанец броело над 50-тина членови.

bregalnickimarketing

Во периодот септември-Октомври почнало омасовувањето и на вооружени припадници кои биле дел од воената команда. Со капитулацијата на фашистичка Бугарија на 9 Септември 1944 биле формирани 50-51 народно-ослободителна девизија во чиј што состав влегле над 700 младинци од Пијанец. Овие девизии подоцна влегле во составот на Брегалничко-Струмичкиот Корпус кој што по целосното ослободување на Вардарска Македонија дава значителен придонес во пробивањето на Сремскиот фронт, каде загинуваат 48 борци од Пијанец.

Од моментот на окупацијата на Пијанец од страна на Германските сили на 11 Септември 1944 година, започнале да се спроведуваат зачестени диверзантски акции но и поголеми судири на партизанските единици против германската војска. Ваквите вооружани пресметки кулминирале на 13 Октомври кога германските сили стационирани на врвот Чавка биле нападнати од 13 Македонска ударна Бригада по штом Германските војски се повлекле кон Кочани. На 14-15 Октомври по напад од страна на 13 Македонска Ударна Бригада кај селото Тработивиште Германците се повлекле од ова населено место кон Кочани. На 17 и 18 Октомври кога единиците на германската војска кои се повлекувале по линијата Струмица-Берово-Царево Село-Кочани биле нападнати од засилени партизански единици од 50 Народна девизија кај селата Бигла и кај месноста “Елите” кај селото Чифлик, од каде биле разбиени и дадени во бегство кон Кочани.

Остатоците од германските упоришта биле нападнати во утринските часови на 19 Октомври од различни страни во рамките на добро осмислен и координиран план на партизанските сили и Воената команда на Пијанец. До 09.00 часот на 19 Октомври стивнале сите борби со што е означено конечното ослободување на Царево Село од Германските окупаторски сили во Втората Светска Војна.

Тој ден повторно е организирана парада во Царево Село на која јавен говор одржал Кирил Михајловски Груица а од месното население помеѓу другите се обратил Константин (Коста) Тренчев.

За време на народно-ослободителната војна 1941-1944 година од Пијанец својот живот го загубиле 62 лица на кои во центарот на слободно Делчево им е подигнат монументален споменик.

Историски фотографии од одбележувањето на 36 годишнината од ослободувањето на Делчево во 1980 година кога е откриен споменикот на паднатите борци од НОВ 1941-1944 година во центарот на Делчево

Научен соработник и извор на информации: Славчо Десподов

Фото: Историска архива и лични архиви на Димитар Узунски и Васил Маневски

#WhatsToSee #ExperienceDelcevo
@ Destination Delcevo @ bregalnicki
www.destinationdelcevo.mk www.delcevo.org.mk

Нов серијал на наши текстови насловен како “Прошетај по Брегалница”, за претставување на Брегалничкиот регион и неговите знаменитости.

СИТЕ АВТОРСКИ ПРАВА СЕ ЗАШТИТЕНИ ©
Не е дозволено превземање на содржина (текст или мултимедијални содржини) без посебен договор со Брегалнички.мк

Извор: Дестинација Делчево

Креирано од:


Пренеси го гласот