БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Македонија помеѓу Белград и Софија

Пренеси го гласот

Територијата на Македонија е јаболко на раздорот помеѓу балканските држави во изминатите два века. Низ историјата биле создавани воени сојузи од страна на балканските држави со помош на големите европски сили против Османската империја, вклучително и со цел окупација и разделување на Македонија. За територијата на Македонија, балканските држави последователно се бореле меѓу себе во Балканските војни, во Првата и во Втората Светска Војна. Како резултат на тоа, територијата на Македонија беше поделена помеѓу Србија, Грција и Бугарија, а мал дел доби и Албанија со „Букурешкиот мировен договор“. Ривалството меѓу Бугарија и Србија продолжи по осамостојувањето на Македонија, и се засили после 2000 година. Денес и двете држави во Македонија отворено ги промовираат своите интереси во сферата на економијата, културата и образованието.

Во првата статија ќе пишувам за бугарската модерна политика во однос на Македонија.

Македонија во прегратките на Бугарија?

Во последните 150 години Македонија игра централна улога во воената, економската, надворешната и религиозна политика на Бугарија. Поради Македонија, Бугарија во минатото претрпе 2 национални катастрофи, после Балканските војни кои што резултираа со Букурешкиот мировен договор, и после Првата Светска Војна, во 1919 година, со Нејскиот мировен договор. Денешна Бугарија не се откажува од сонот за „Санстефанска Бугарија“. Сите бугарски парламентарни партии во 2020 година во парламентот на Бугарија ратификуваа документ за бугарските црвени линии во однос на Македонија.

Откако започна распадот на Југославија во 1991 година, Белград ги стави своите македонски амбиции во втор план како резултат на војните во Хрватска, Босна и Косово, како и разделбата со Црна Гора. Од друга страна, Софија ги засили напорите во однос на Македонија. Но, Бугарија почна да води системска државна политика на ниско ниво во односите со Македонија дури во 2000 година. Во текот на изминатите 20 години, таа ја применуваше својата „мека моќ“ во Македонија преку образование, културни иницијативи, инвестиции и заеднички проекти финансирани од ЕУ. И, исто така – преку издавање на државјанство, најсилниот адут на Бугарија во однос на Македонија.

Од 2000 година, Бугарија почна активно да ги дели своите пасоши на граѓаните на Македонија, благодарение на што тие можат слободно да работат и да се движат во рамките на Европската Унија. Заклучно со 2019 година, околу 200 илјади Македонци (или околу 10% од населението) добија бугарски пасоши. Во 2019 година за документи се пријавиле уште околу 10 илјади лица. Ако за време на Југославија кај Македонците беше модерно да се студира во Белград, сега е во Софија. Секоја година околу 150 македонски дипломци добиваат грантови и одат да студираат на бугарските универзитети. По дипломирањето, некои од нив остануваат таму да живеат и работат, претежно во Софија. Во изминатите неколку години во Македонија се појавија многу бугарски невладини организации, работата на бугарските тајни служби се интензивираше, а бугарската пропаганда се засили на сите нивоа: така, во многу градови се отворија „канцеларии за пријателство на двете земји“, се појавија про-бугарски новинари, аналитичари, политичари (но и покрај тоа, бугарската култура, музика, јазик, филмска индустрија и медиуми не се толку популарни во Македонија како српската култура, кино, музика и спорт). Во Македонија практично нема бугарски ТВ канали, весници, магазини, за разлика од српски ТВ канали, весници, магазини. Левски и ЦСКА Софија не се популарни во Македонија, за разлика од Црвена Звезда и Партизан.

На 1 август 2017 година во Скопје, од страна на премиериете Зоран Заев и Бојко Борисов беше потпишан „Договорот за добрососедство, пријателство и соработка“, со што се отворија уште пошироки перспективи за развој на билатералните односи. Транспортните врски се подобрени, царинските процедури се поедноставени и почнаа да се издвојуваат средства за создавање регионална инфраструктура и развој на прекугранични проекти од разни ЕУ фондови. Сепак, овој документ веќе донесе резултати. Од склучувањето на договорот, прометот е зголемен за 11%, во 2019 година достигна 750 милиони евра. Бугарските инвестиции дојдоа во Македонија (особено во банкарскиот и осигурителниот сектор, како и во ИТ секторот). Сепак, земјите сè уште имаат за што да се стремат, особено во однос на изградбата на инфраструктурата: меѓу Македонија и Бугарија, на пример, нема железничка линија, што го кочи развојот на економската интеракција и растот на трговијата. Нема ни директна авионска линија Скопје Софија, а Скопје Белград има. Инфраструктурно Македонија подобро е поврзана со Србија отколку со Бугарија. Историски тоа од секогаш било така. Големо влијание во тоа покрај релјефот и планинските венци на границата со Бугарија, има и кусогледоста на Софија, која што не инвестира во зголемување на пропусната моќност на своите гранични премини, како и нивна модернизација и проширување.

Бугарија е подготвена да ја поддржи Македонија во спорот со Српската православна црква. Целта на официјално Скопје е да постигне канонски статус за непризнатата „Македонска православна црква“. Бугарија доби шанса да го добие тоа што го посакува во однос на Македонија во последните 150 години. Но, во пролетта 2020 година, Софија почна да води агресивна надворешна политика, а спроведувањето на договорот влезе во ќорсокак, особено после ветото од страна на Софија за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. Ова се случи поради разликите во погледите на историјата. Бугарија бараше да се признае дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот и дека Македонците наводно биле Бугари до 1944 година. Но како резултат на својата кусогледост Бугарија го изгуби сето тоа што го постигна во Македонија во последните 20 години.

bregalnickimarketing

Македонија и Бугарија имаат огромен потенцијал за заемна соработка како еднакви партнери на сите полиња, која што може да резултира со зголемување на економската, културната, религиозната, научната соработка, зголемување на младинските проекти, заеднички проекти и активности преку ЕУ фондовите и механизмите за помош, како и заеднички проекти преку НАТО. Но сето тоа зависи од официјална Софија и од нејзиното решение во однос на Македонија.

Пишува: Дарко Тодоровски

Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Креирано од:


Пренеси го гласот