Според документите на масонската ложа на Бугарија, засега единствено може да се потврди дека од лидерите на ВМРО само Александар Протогеров бил велик мајстор на софиската масонска ложа “Светлина”. Тој е роден во Охрид, во февруари 1867 година, а бил член на ЦК на ВМРО заедно со Тодор Александров и Петар Чаулев. По убиството на Александров, се спротивставува на терористичките методи на ВМРО и, за жал, тоа ќе го чини живот, односно ќе биде ликвидиран од луѓето на Ванчо Михајлов.
Благодарение на масонските пријателства и контакти на Протогеров, македонската револуционерна организација имала одлични врски со значајни европски центри на моќ. Така, уште во почетокот на минатиот век, со масонска финансиска подршка излегувале многу македонски весници во Европа, кои пишувале за страдањата и голготата на македонскиот народ. Еден од тие весници е и весникот “Македонско движење”, кој излегувал од 1902 до 1903 година. Главен уредник на весникот бил ресенецот Симеон Радев, кој исто така, бил масон. По завршувањето на францускиот лицеј во “Салата Сарај”, во Цариград, ресенецот Радев активно се вклучил во македонското ослободително дело. Одржувал чести контакти со Гоце Делчев, Пере Тошев, Христо Матов и со Борис Сарафов, за кои пишува дека се “големи борци за слободата на Македонија”.
Во едно негово шифрирано писмо, цитирано во спомените на Кирил Прличев, меѓу “браќата” по принципот Љубов-Вистина-Труд соопштува дека биле обезбедени средствата за печатење на македонски во Париз.
Според сведоштвото на самиот Борис Сарафов, токму Симеон Радев го запознал со француските интелектуалци Пресансе, Клемансо, Виктор Берар и други, кои ја подржувале македоснката ослободителна организација.
Задграничните претставници и раководители на револуционерната организација, како Протоѓеров, Баждаров, Прличев, Спространов и Томалевски, благодарение на масонски канали успеале да воспостават значајни и многубројни контакти во Европа.
По тие канали се одржуваат врски со Австрија, Унгарија, Италија, Германија, па дури и со Франција, која, како што вели Кирил Прличев, во тоа време била мошне “непријателски настроена кон ВМРО”. Во тој период македонската револуционерна организација има најдобри врски и пристап до највлијателните центри на моќ во Европа, па дури и со Британскиот двор, односно со кралот Едватд Седми, кој, исто така, бил масон.
Значи, она што го почнал Даме Груев како лидер на ВМРО во почетокот, подоцна го продолжиле редица негови браќа, масони, вклучени во револуционерното движење.
Пишува: Блаже Миневски
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Наместен од УДБА на денешен ден на лов на дивеч загинал Васко Карангелевски
Бугарски аналитичари: Мицкоски е прв кој како премиер го подигна Македонското прашање на меѓународно ниво
Историска генеза на одбележувањето на денот на кревањето на Разловечкото востание