„За Рацин можам многу да говорам, но… (пауза), нешто се возбудив. Не можам за него да говорам. Ниту за Коле, ниту за Рацин (пауза). Бевме постојано заедно и некако оживуваат овде пред мене, двајцата. Едниот тивок, другиот глув. Пријатели мои драги. Венко го нема. Тој е во затвор. Јас и двајцата ги прежалив, како што никогаш никого немам прежалено. Херојски исчезнаа. Едниот го убија! Го убија! Наш човек! Наш! А другиот сам си се уби. Е таква е историјата на Македонија. Македонија затоа е Македонија. Полна со МАКИ.”
Седев спроти неа и ѝ ја гледав тагата во нејзините очи. Имаше неполни 92 години. Стуткана во својот комфор, ми раскажуваше, гледајќи во портретот на нејзиниот починат сопруг. Филимена Марковска беше остроумна жена. Ја викаа „Нем сведок”, таа беше крвта која што течеше низ Венковите вени. Срдечно нѐ пречека со поетот Бранко Цветкоски, во тоа зимско февруарско утро, пред десетина години, во домот на големиот поет Венко Марковски во Софија.
„Рацин беше светла личност, исто како и Коле. Тие тројцата се како едно, Рацин, Венко и Коле. Ниту литературата може или пак смее да ги раздвои. “- си споменуваше Фила.
Ми го подаде последниот визуелен поздрав од Коле Неделковски до Венко Марковски. Фотографија со мали размери, дел од архивата на семејството Марковски. Коле Неделковски во болнички кревет во Александровата болница во Софија, јануари 1940 година. A, Венко на корицата на „Огинот” му напиша: „На мојот Кољо, од сѐ срце и да се видиме и сретнеме во најсилните пламени на македонската револуција.”
#WorkInProgress #ShadowOfTheSun #Documentary #ManWithTwoFaces#FilmingInProcess
Превземено од фејсбук профилот на Диме Ратајкоски
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Најстарата културна институција- Македонската филхармонија одбележува 80 години постоење
Во спомен на Мето Јовановски: -Малиот човек може да создаде нешто вонвременски важно и големо и повторно да остане оној скромен и обичен човек кој што бил пред овој негов подвиг
Ин мемориам: Петре Прличко- најголем меѓу големите, ѕвезда на едно време