НА ДЕНЕШЕН ДЕН: На 28 јуни 1921 година бил убиен македонскиот револуционер и еден од идеолозите на ТМОРО, Ѓорче Петров.
Атентатот бил извршен од страна на извесниот Реџеп, Турчин по националност, инаку припадник на десно ориентираната ВМРО. Според непотврдени кажувања, без конкретни докази, Тодор Александров, водачот на ВМРО, лично го повикал кај себе терористот Реџеп и му наложил да го убие Ѓорче Петров, на што атентаторот се согласил. Александров во времето на убиството не сакал да се наоѓа во Софија и за таа цел еден ден пред атентатот, тој отпатувал од градот. На денот на убиството Горче Петров по излегувањето од работа свратил во кафеаната на Иван Бандев, која се наоѓала на улицата “Егзарх Јосиф”во Софија. Таму тој пиел ракија со Петар Чаулев, член на ЦК на ВМРО, којшто веројатно не знаел за наредбата на Тодор Александров. Реџеп влегол во кафеаната и останал да пие пиво. Откако Ѓорче Петров ја напуштил кафеаната околу 7 и 30 часот, тргнал дома, при што терористот го следел и пред портата на неговата куќа, на улицата Тробарска”, го убил. По извршеното убиство полицијата не можела да го пронајде Реџеп, бидејќи атентаторот се криел во станот на водачот на ВМРО, Тодор Александров. Откако утредента излегле натписите во софиските весници за убиството на Ѓорче Петров, терористот почнал да покажува поголема нервоза и почнал да покажува желба да излезе од станот, по што Тодор Александров испратил еден четник да го доведе кај него. Неколку дена после тоа од страна на терористи на ВМРО бил однесен надвор од градот и бил сурово егзекутиран. Од учеството на атентатот се оградил и вториот член на ЦК на ВМРО, Александар Протоѓеров. При претресот направен на 29 јуни, еден ден по убиството на Ѓорче Петров, во архивата на уапсениот војвода на ВМРО, Симеон Георгиев, биле пронајдени писма на Тодор Александров,во кои во едно од нив му наредил на последниот да го испрати во Софија некој си Мите и тоа во слаткарницата “Охрид”. Всушност тоа било конспиративното име на Реџеп, атентаторот на Ѓорче Петров. Атентатот врз Ѓорче Петров предизвикал големи реакции среде бугарското општествено мислење, како и кај македонската емиграција. По повод неговото убиство реагирале голем број на македонски емигрантски организации, меѓу кој бил и Националниот комитет на македонските братства, кој за убиството коментирал и на страниците на својот печатен орган “Македонија”, каде со пиетет се пишувало за овој македонски револуционер и за неговата ненадоместлива загуба. Националниот комитет ги надоместил и трошоците за погребот на Ѓорче Петров, додека братствата, од своја страна, издале голем број на некролози со кои ја повикувале македонската емиграција масовно да присуствува на погребот. Во траурната погребна поворка присуствувала речиси целата македонска емиграција од Софија, а последна почит на македонскиот револуционер и деец дошле да му изразат и многубројни емигрантски делегации и од внатрешноста на Бугарија. На погребот биле присутни и голем број пријатели на Ѓорче Петров од редовите на бугарскиот општествено-политички и јавен живот. Пред неговиот гроб биле одржани голем број на емотивни говори во кои се величело делото на овој македонски револуционер и се осудувал чинот на неговото убиство. Карактеристичен момент претставувал говорот што пред неговиот гроб го одржал неговиот идеен противник Јордан Чкатров, кој исто така ја потенцирал големината на делото на покојниот Ѓорче Петров и ги проколнувал неговите физички убијци, а за да биде парадоксот уште поголем, зад него, во тие моменти на неговиот емотивен говор, стоел никој друг, туку лично самиот Иван Михајлов, кој во тоа време заедно со Чкатров биле пунктови началници на ВМРО.
Според непотврдени извори зад атентатот на Ѓорче Петров веројатно стоела ВМРО на Тодор Александров, иако последниот тоа го одрекувал, а мотивите според ваквите извори биле личната нетрпеливост меѓу двајцата, како и разликите што помеѓу нив постоеле во однос на начините и методите на борба и патиштата за решавање на македонското прашање.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Споменикот на Тоше во Хрватска лажно носи натпис “Роден во Северна Македонија”
Си замина Нестор Огинар- Голем противник на поранешното едноумие и борец за Македонската кауза
Славко Јаневски: МОЛИТВА