Министерот за внатрешни работи на Република Македонија Наќе Чулев преку своја видео порака им упати честитка на сите верници кои го слават денешниот голем празник Велигден.
Тој во своето обраќање зборуваше и за улогата и значењето на ангажманот на припадниците на Македонската полиција кои се на првата борбена линија со пандемијата, како и за потребата граѓаните да опстојат во оваа борба против невидливиот непријател и на достоинствен начин да ги почитуваат актуелните препораки за сопствена заштита и заштита на целото Македонско општество.
Во продолжение го пренесуваме обраќањето на Министерот Чулев:
“На сите граѓани од христијанска вероисповед им го честитам големиот празник на Христовото воскресение, со една единствена желба: сите ние независно на верската или друга определба да бидеме мудри и разумни, сочувствителни и кооперативни, истрајувајќи и победувајќи го премрежието со кое што човештвото се соочува денес.
Покрај сите други успеси и вечната потрага по совршенство, подеми и падови, на крајот на денот се се сведува на првата и последна, една и единствена вредност, која човекот може да ја постигне, а тоа е да има љубов, блискост, да има семејство.
Во оваа прилика уште еднаш упатувам порака, денешниот ден празнувајте го во кругот на семејството и останете дома.
Честит Велигден. Христос воскресна. Навистина воскресна!”