Брегалнички Портал

Вести од Багалничкиот регион.

Нападнато е колективното сеќавање т.е. идентитетот на постоењето на Македонскиот народ

Пренеси го гласот

За да некоја нова империја замени одредена постоечка власт, потребно е најпрво физички да ја покори. Тоа подразбира покорување со сила (многупати со силата на оружјето), но и не мора да биде со она што во буквална смисла на зборот го подразбираме како сила.

А) Покорувањето може да биде направено со медиумска пропаганда кога на медиумите се пласира вистина која што поробителот сака поробениот да ја слушне и на тој начин да влијае во неговиот живот преку перење на свеста за создавање на зависност и дефинирање на тек на постапки кои што поробениот треба да ги спроведе. Оваа методологија е можеби најевтина и најзастапена.

Б) Исто така покорувањето може да биде направено со економска зависност на народот преку добро смислената прогресија на давање на лесни и брзи кредити кои што се трошат многу лесно без притоа да се води сметка за последиците од нивното невраќање. Во оваа методологија на поробување на народот се оди паралелно во неколку правци:

  • Едниот правец оди преку финансиски инструменти за т.н. помош на народот во содејство со банките во најголем случај контролирани од истите центри кои што го вршат поробувањето,
  • Другиот оди со корумпирање на судските инстанци кои што треба да го вршат спроведувањето на законите на определената територија,
  • Третиот правец оди со корумпирање на имплементаторите на проектите финансирани со овие пари за т.н. помош и трошење на парите за проекти кои што се смислени само и со единствена цел процесот за нивно трошење да помине што побргу со што поголем профит за субјектите кои што ги имплементираат,

Ваквиот начин на поробување на волјата на еден народ е скап, но парите не се проблем затоа што печатниците кои што ги создаваат тие пари се во рацете на поробителот. Целта е да се запленат што е можно повеќе ресурси и тоа и човечки и материјални во функција на остварување на целите на поробителот кои што во најголем број на случаи е прекумерното трупање на богатство- пари но и ресурси кои што овозможуваат подобар живот за поробителот.

В) Она за што сакам во овој текст особено да апострофирам е методологијата за поробување на еден народ преку бришење на неговата колективна меморија т.е. бришење на неговиот идентитет. Цивилизациските вредности кои што ги има создадено Македонскиот народ низ историјата се огромни и од епохално безвременско значење низ вековите. Ќе го напомнам само идеите на илинденците за значењето на слободата кои што го надминуваат просторот на Македонија и се со универзално хуманистичко значење. Или пак поезијата на Кочо Рацин, Вапцаров, Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски итн. итн. итн…

Обидите за присвојување на илинденските револуционери од страна на нашите “источни браќа” одат во таа мера што се бара да се постигне ефект за оттуѓување на тие идеи за кои што се залагале илинденците, од колективната свест на Македонскиот народ со нивно споделување со кој треба и со кој не треба и на тој начин постепено нивно изумирање низ времето што следува.

Најзначајните револуционери од илинденскиот период биле свесни за постоењето на пропагандите на соседните но и многу други тогашни држави на територијата на Етничка Македонија. Голем дел од нив се бореле со сите свои сили против тие пропаганди. Помеѓу српските и грчките пропаганди една таква пропаганда била онаа од Бугарскиот царски дворец во тоа време која што предизвикала огромни штетни последици врз Македонскиот народ. И жестината на таа пропаганда била насочена токму против револуционерите кои што со своето дело и идеи ја разобличувале помеѓу Македонското население. И сега како генерација сме соочени да се согласиме на хартија која ќе остави историски траг во иднината дека најзначајните револуционери кои се бореле против бугарската пропаганда (меѓу другите) биле всушност бугари. И ако се постигне тој ефект Македонскиот народ ќе остане без суштината на нивните идеи за кои се бореле и залагале самите илинденци, а со тоа и со секоја причина за поатамошна борба за своја слобода, постоење и просперитет како Македонски народ и идентитет.

Не е драматизација ако кажам дека на светските поробители кои се имаат настрвено над Македонија им пречат токму тие идеи со кои што е задоен секој еден горд и достоинствен Македонец. Токму тие идеи им пречат на моќните светски финансиски корпорации во последните години, кои за да продолжат да егзистираат им треба работник во фабриката кој што не треба да гледа подалеку од индустриската лента за која е прикачен целиот свој живот за да преживее, како еден мал пример за она што ќе следува во тој ропски период потоа..

Процесот на поробување на Македонскиот народ ќе заврши кога ќе снема Македонци.

Тоа пак ќе се случи тогаш кога ќе престанат да се паметат и практикуваат идеите на славните илинденци и нивните следбеници во декадите потоа. Поробувањето ќе биде целосно кога некоја наредна генерација Македонци ќе си ја заборави традицијата, потеклото и корените на својата култура и културни вредности, кога ќе заборави да зборува на Македонски јазик, тогаш кога луѓето под наубавото сонце во светот ќе престанат да размислуваат на Македонски…

Дали е тоа возможно?

Се дотогаш ќе има борба, ќе има обиди за поробување, ќе има жртви…

Пишува: Кирчо Анастасов

Креирано од:


Пренеси го гласот