Големиот христијански празник посветен на Св. Димитриј кој што помеѓу народот е познат како Митровден во Пијанец и делчевско се празнува со особени почести од страна на жителите со векови наназад.
Оваа година како и повеќе години наназад Црковниот одбор при црквата во делчевското село Тработивиште најавува пригодни настани за празнување на овој духовен празник кој што е мотив за собирање на сите верници на едно место и со заедништво да се одбележи истиот.
“ВО ПРЕСРЕТ НА ПРАЗНИКОТ МИТРОВДЕН ЦРКОВНИОТ ОДБОР при храмот „УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА„ го упатува следново:
С О О П Ш Т Е Н И Е
Ги известуваме верниците од Тработивиште и околните села дека СВЕТАТА БОЖЕСТВЕНА ЛИТУРГИЈА по повод празникот МИТРОВДЕН ќе започне во 8 часот a Традиционалната ТРПЕЗА НА ЉУБОВТА – заедничкиот ручек ќе започне во 15 часот;
Повелете на заедничката молитва и на заедничката трпеза!”
-стои во соопштението ушпатено во јавноста од страна на Црковниот одбор при Црквата “Успение на Пресвета Богородица” од село Тработивиште.
Празникот посветен на Св. вмч Димитриј во православниот христијански календар се празнува секоја година на 8 ноември нов стил (или 26.10 стар стил на сметање на времето).
Со овој празник помеѓу народот се одомаќинило верувањето дека почнува зимата затоа што времетраењето на денот намалува, плодовите по полето се собрани, температурата паѓа и семејствата се повеќе се вртат околу своите домови.
Во традицијата на луѓето од Пијанец овој празник е значаен по тоа што во семејствата на сточарите каде се ангажирале помошници- т.н. пастири тоа било во период од Ѓурѓовден напролет кога се главеле момоците за пастири па се до Митровден наесен кога се разглавувале. Во периодот помеѓи Ѓурѓовден и Митровден интензивно се напасувала стоката по околните планини во Пијанец. Штом дојде Митровден стадата од планините се прибирале поблиску до селата а пастирите добивале исплата според договорениот износ за својата работа од своите стопани.
Во Пијанец и пошироко во регионот празникот посветена на Св. вмч. Димитриј многу семејства сега како и во минатото го чествуваат со семејна слава на која што во духот и хармонијата на семејството се собираат сите членови на поширокото семејство на богата разновидна трпеза според тоа што дарила годината пред тоа.
Именден празнуваат: Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра…
Светиот великомаченик Димитриј Солунски, наречен уште и чудотворец и мироточив во делчевско е заштитник на селото Габрово чии што жители на овој светец му имаат подигнато преубава црква.

Свети Димитриј е роден во Солун, во третиот век. Беше син единец на солунскиот војвода. По смртта на татко му, цезарот Максимијан го постави Димитриј на истото место и посебно му препорача да ги гони христијаните. Меѓутоа, Димитриј не само што не ги гонеше, туку и јавно ја исповедаше и проповедаше верата во воскреснатиот Христос.
Штом слушна за тоа, цезарот, враќајќи се од еден поход, сврати во Солун, за да ја испита работата. Го повика Димитриј, кој не ја одрекуваше својата вера и дури и го убедуваше цезарот во бесмисленоста на идолопоклонството.
Максимијан се разгневи и го фрли Димитриј во затвор, а по неколку дена и го погуби. Некои христијани го земаа неговото тело и чесно го погребаа. На тоа место подоцна беше подигната црквичка, а после и голема црква, која до ден денес се наоѓа во Солун. Таму се сместени и неговите мироточиви мошти.



СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Директорот во оставка на ЈКП “Брегалница” Делчево иако e на годишен одмор, одел на работа, потпишувал налози за исплата и трошел пари на јавното претпријатие
Иван Гоцевски: Стартуваме со кампањата СЕ БОРИМЕ ЗА ПОЧИСТ ДОМ: ДЕЛЧЕВО СО НУЛА ТОЛЕРАНЦИЈА ЗА ОТПАД
Што се случува со локалните институции во Македонска Каменица?