БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Наше Интервју со ФИЛИП ЈЕЗДИЌ

Пренеси го гласот

Тој е Македонско чудо од музичар! Мулти инструменталист, креативец, млад човек од Прилеп.

Филип Јездиќ е автор на музички делници во досегашната негова биографија кои што се далеку пред своето време. Прогресијата која што звучи од умот на овој млад Македонски музичар допрва ќе добива на своја вредност. Енергијата која што зрачи од секоја музичка делница креирана и отсвирена од Филип е невидлива приказна која создава целосно нови слики во имагинацијата на слушателот. Звукот е перфектен, чист, деклариран со огромнa храброст но со исто толкава нежност. Тоа што стилот на музицирање на Филип потекнува од рок музиката подразбира жестина, но таа жестина не значи агресија туку нешто многу покултивирано, припитомено- интелектуално.

Филип Јездиќ е актуелен со неговото прво авторско EP насловено “Срцето чука повторно” кое што пошироката публика може да си го купи во форма на CD директно од Филип, за што веруваме дека ќе добие и посвета.

Бидејки постоењето на нашиот портал е базирано на поддршка, промоција и афирмација на вистински домашни вредности, ни беше чест и задоволство кога Филип ја прифати нашата покана за да го направиме пишаното интервју во продолжение со него:

1. Брегалнички Портал: Кој е Филип Јездиќ? Ваша кратка биографија.

Ф.Ј. Јас сум Филип Јездиќ, музичар од Прилеп. Свирам во повеќе авторски и cover групи како Chromatic Point, Lucent, Eruption, High Start, Peaches, The DAF Project, свирев 5 г. со Камерниот оркестар на Битола. Исто така свирам и снимам музика како session музичар. Дел од групите со кои имам снимано или настапувано како session музичар се Mizar, Crossroad Blues Band, Fusnota, Last Expedition и др.

2. Брегалнички Портал: Ваша музичка (артистичка) инспирација од најрана возраст? Ваши уметнички “херои” од детството?

Ф.Ј. Моето запознавање со рок музиката беше преку Бело Дугме. Кога бев мал (мислам 7 г.) татко ми ми купи неколку албуми од Бело Дугме. После тоа почнав сам да истражувам и откривам за мене нова музика. Бидејќи сум дете од 90-те год. на минатиот век за моја среќа и јас спаѓам во таа генерација која растеше без интернет и со малски игри. Се што откривав од страна на музика беше преку телевизија и музички емисии или преку разговор со моите повозрасни пријатели. Првиот албум што го купив кога имав 7-8 г. e првиот албум од Led Zeppelin. Беше многу одамна, но мислам дека платив 200-300 денари за едно обично режано CD со испринтан омот на едно ливче 🙂 Морам да признам дека во моето детство повеќе сакав да купувам DVD концерти отколку да купувам албуми и да преслушувам музика дискографски. Мојата музичка ”видеотека” беше сочинета со DVD концерти од групи како Led Zeppelin, Black Sabbath, Queen, Jimi Hendrix, AC/DC, Pink Floyd, Metallica, Iron Maiden, Nirvana итн. Тие концерти се мојата прва мотивација во таа најрана возраст. Што се однесува на моите музички херои од моето детството, тоа се дел од музичарите коишто свиреле во тие групи.

3.Брегалнички Портал: Денеска кои се твои примери за вистински креативни музички артисти по твој вкус на домашната и светската музичка сцена?

Ф.Ј. Уште од кога е појавена рок музиката во Македонија ние имаме одлични рок групи. Би ги издвоил оние што ми се најмногу слушани, а тоа се Верка, Архангел, Леб и Сол, Mosaique…Се разбира дека мојата почит не е насочена само кон овие групи. Листата е поголема. Од светската музичка сцена би издвоил музичари како Mikael Akerfeldt (Оpeth), Dave Grohl (Nirvana, Foo Fighters), Mike Portnoy (Dream Theater), Taylor Hawkins (Foo Fighters), Steven Wilson (Porcupine Tree). Исто, листата е поголема.

4. Брегалнички Портал: Како се случи за првпат да запловите во музичките води? Возраст, “виновници”, причини…?

Ф.Ј. Мојот прв интерес за удирачките инструменти беше кога имав 5-6 г. Мојата меморија не е кристализирана од тоа време, но се сеќавам како низ магла дека земав дрвени лажици од кујната на мајка ми и со нив удирав по кревети и маси. Буквално ги уништував 🙂 После некое време татко ми беше сопственик на  ресторан во кој често настапуваше народна група. Свиреа различни прослави како Нова Година, свадби, крштевки и сл. Кога ги видов тапаните и начинот на коишто се свири инструментот, мислам дека тоа беше љубов на прв поглед. Потоа почнав да правам мои ”тапани” од различни каначиња на кои затегнував ќеси (по прилепски најлони 🙂 ) кои ми служеа како кожи, плинското за варење кафе беше чинела, за палки користев цевчиња за пиење сок, а бас тапан беше подот кој го удирав со моето колено седејќи. ”Свирев” додека ги гледав концертите од бендовите што ги спомнав погоре. Не знам од каде се роди мојата љубов кон музиката бидејќи не бев ни свесен за сопственото постоење во тоа време, но мислам дека станува збор за ДНК и пренесување на генетски код.

5. Брегалнички Портал: Кои беа пресудни моменти за определување за ваша професионален музичка кариера? Кога свативте дека сакате да бидете музичар?

Ф.Ј. Dave Grohl во неговата книга ”The Storyteller” има напишано дека музичарите најчесто го одредуваат својот креативен пат на возраст од 11-13 г. Се пронајдов и се сложувам со него бидејќи и јас во тој период од мојот живот сфатив дека музиката е тоа што сакам да го работам се додека дишам.

6. Брегалнички Портал: Владеете со повеќе музички инструменти. Кажете ни нешто повеќе за напорот, времето посветено на инструментализација, откажувањата од други животни активности и посветеност на инструментализацијата. Што треба за еден млад човек да се определи за свирење на повеќе музички инструменти?

Ф.Ј. Тапаните се мојот главен инструмент, но кога почнав да свирам тапани паралелно почнав да учам да свирам гитара и клавир. Има музичари кои секојдневно и континуирано вежбаат со часови на својот инструмент. Нивната цел е да бидат виртуози на инструментот и тоа е за почит. Јас никогаш не сум бил дел од тие музичари. Сакам да бидам добар инструменталец, но повеќе од тоа сакам да бидам добар и креативен музичар. Со други зборови – вежбам многу ретко. Вежбам само наменски кога треба да отсвирам нешто за коешто не сум технички способен да го отсвирам. Секогаш повеќе ме привлекувала креативната страна, да создавам музика и за тоа посветувам многу време, труд и енергија отколку да се заклучам во соба и да вежбам скали, прелази и различни lick-ови со часови.

7. Брегалнички Портал: Опишете ни еден ваш креативен ден кога создавате нова музика. Дали тоа се случува спонтано или со намера?

bregalnickimarketing

Ф.Ј. Најчесто создавам музика на гитара, поретко на клавијатура или пијано, а уште поретко идејата произлегува од некаков ритам. Се случило и тоа ама ретки се таквите креативни моменти. Обично ја правам музиката, го градам костурот на една композиција и после тоа или паралелно размислувам што би отсвирил на тапани и за аранжманот. Кога бев помлад мислев дека инспирацијата треба да падне од небо, но со тек на време и искуство сфатив дека тоа не функционира така. Композиторот Чајковски има кажано парафразирам ”Инспирацијата е гостин кој секогаш не се појавува на првата покана”. Toa значи дека компонирањето е работа. Треба да фатите инструмент во рака. Некогаш инспирацијата иди многу брзо, а некогаш треба да работите подолго време за да се сретнете на пола пат. За други музичари можеби е поинаку, но  во мојот случај е вака како што опишав. Како со се во животот така и со создавањето уметност, колку повеќе компонирате толку станувате подобар во тоа.

8. Брегалнички Портал: Дел сте од бендот Chromatic Point. Која е убавината да се биде дел од еден музички колектив и кои се предизвиците? Кажете ни нешто повеќе за начинот за создавање музика со бенд и која е разликата со правењето на лична авторска музика?

Ф.Ј. Следната година во март изминуваат 10 г. откако почнав да свирам со Chromatic Point. Колку брзо лета времето…Кога правите музика во бенд динамиката и енергијата се поразлични од тоа кога сами ја правите музиката. Двата процеси си имаат посебна убавина. Кога сте дел од некоја група тоа значи дека во креативниот процес се вклучени повеќе срца и мозоци. Работата може да оди многу полесно, но исто така понекогаш може да биде напната и креативниот процес да биде исполнет со фрустрација. Ретко се случило тоа во Chromatic Point. Најголем предизвик би рекол дека е самоконтролата во тие моменти и правењето компромис. Некогаш вашите идеи нема да бидат прифатени или ќе бидат модифицирани, не по ваша волја туку во согласност помеѓу другите членови. Како што кажав, во работата се вклучени повеќе срца и мозоци и тоа исто така значи дека вашата идеја која сте ја презентирале може да биде подобрена. Секогаш сум уживал кога сме компонирале музика со Chromatic Point и покрај ретките моменти на фрустрација кои се неизбежни. Ги има во секој бенд, како што ги има во секоја фамилија. Кога компонирате музика за себе и во мојот случај кога ги свирам сам сите инструменти, работата оди побавно, но целосно го создавам тоа што јас го чувствувам и тоа што сакам да го слушнам без правење компромис. Имам 100% креативна слобода.

9. Брегалнички Портал: Од кога датира идејата за ваша соло музичка кариера?

Ф.Ј. Не би рекол дека тоа е соло кариера туку на некој начин зависност од креативна сатисфакција. За да биде кариера зависат и други фактори. Првите обиди да правам соло музика се случија во моите средношколски денови. Тогаш ги направив првите снимки, јас свирев гитара и бас со програмирани тапани. Не ја чувам таа музика и ја немам објавено, но тоа беше многу битен момент бидејќи тогаш сфатив дека можам да работам на тој начин, само беше прашање на време кога ќе објавам нешто и кога ќе се реализирам на таков начин.

10. Кажете ни нешто повеќе за вашето прво EP. Колку време се создаваше?

Ф.Ј. Насловот на моето солистичко деби EP е ”Срцето чука повторно”. Сочинето е од 4 композиции со различен музички карактер. Две инструментални и две со пеење. Композициите се снимени во период од 2 г. кои ги објавив на YouTube со три музички видеа. Сега EP-то е достапно и на CD. Првата композиција којашто ја снимив е  ”Духот кој крвари”. Втората композицијa ”Ad Astra Per Aspera” има мала музичка концептуалност бидејќи е составена од хармонски прогресии од другите песни прилагодени во друг тоналитет со додавани делови и теми. Замислата ми беше да биде како intro за ”I’ll Destroy The Slave In Me” но многу брзо ми дојдоа идеи за теми и се одлучив да ја развијам и изградам како посебна композиција. Композицијата ”Срцето чука повторно” би ја нарекол најкомерцијална некомерцијална композиција во моето EP 🙂 Гости пејачи се Наташа Седлоска и Томе Темелкоски. Томе Темелкоски е продуцент на мојата музика. Тој исто така ја микса музиката и прави да звучи одлично. Teкстовите ги напишав јас. Текстовите и насловите се поврзани со внатрешниот свет на човекот. Вечната борба со себеси.

11. Брегалнички Портал: Од видео записите за објавените песни од EP-то се гледа дека посветуваш доста сензибилитет и енергија на видео спотовите за песните. Дали артизмот застапен на видео записите е целосно твоја креативна контрола или дозволуваш и идеи од твоите соработници?

Ф.Ј. Се радувам кога ќе дојде денот да се снимаат музички видеа. Уживам кога сум дел од тој процес и со голем ентузијазам ги правиме тие музички видеа. Јас воопшто не се разбирам во видео продукција, ниту човекот со кого соработувам, Томе Темелкоски. Знаење во тој креативен дел има само камерманот Петар Јанкоски. Сепак успеваме се да направиме сами. Идеите се заеднички. Отворен сум за соработка и прифаќам идеи доколку сметам дека се добри, но јас го имам последниот збор бидејќи станува збор за моја музика.

12. Брегалнички Портал: Што ќе им порачате на младите луѓе што сакаат да се занимаваат со музика?

Ф.Ј. Музичарите коишто создаваат музика секогаш да ја компонираат музиката која тие сакаат да ја слушнат. Да бидат искрени кон себеси и во тоа што го создаваат. Да не се трудат да задоволат нечиј вкус бидејќи ќе го изгубат својот карактер и ќе ја изгубат својата автентичност. Факт е дека секој уметник сака да му биде забележано, слушнато, видено и вреднувано делото, но тоа да не биде по секоја цена. Верувајте во себе и во своите идеи.

13. Брегалнички Портал: Ваша порака за читателите на нашиот портал.

Ф.Ј. Им се заблагодарувам за одвоеното време да го прочитаат ова интервју. Поддржувајте ги вашите пријатели кои се уметници исто како што ги поддржувате светските познати музичари и актери кои никогаш не сте ги запознале лично.

Креирано од:


Пренеси го гласот