Луѓе, кај нас здравството треба да го преживее респираторот!
Толку е болно што и илјада животи да спасиш, оној еден кој ќе биде изгубен ти е товар на душата цел живот иако ги знаеме и прогнозите и дијагнозите.
Нетрпеливост насекаде, изгубени вредности и слаба опрема се секојдневие во секоја установа.
A убаво се сеќавам како вчера да беше, кога бескрупулозно ги лажеа граѓаните за БЕСПЛАТНО здравство.
Дури одредени ликови од таа проминенција, упорно убедуваа дека само така ,,другарски” и сложно ќе се помага на малиот човек, на граѓанинот…
Сетете се само како ветуваа ридови и долини, изполажаа за се’, само да се доградбат до власт.
Сега е друго време и овој пат нишанат на големо, да се лапне последното парче од колачот наречен државно, а погодокот да умртви еднаш, и засекогаш.
Јас убаво ја знам таа болна шема од деведесеттите, наречена Приватизација на претпријатија, момент кога почна да се уништува Македонија.Почнаа тогаш, а денес продолжуваат.
И додека функционерите, оние ,,избрани” од народ, си ги покачија платите за 78,4%, обичните здравствени работници се надеваат веќе две години на 1300 до 2300 денари покачување!?
Секојдневно се спасуваат животи, без доволно материјали и опрема, се прави нерамноправна споредба со приватните клиники, бегаат странство и лекари и медицински сестри, а на обичниот граѓанин останува маката, нервозите и чекањето…
Не барајте од ваквите прогрес.Ќе умираат луѓе по шалтери, и пред очите на сите здравствени работници, лекари и техничари и медицински лица, кои 24/7, сами со својата немоќ да променат нешто на поарно…ќе паднат во мрежата на комформизмот и ќе си кажат: Па ние ли да гинеме кога системот сите ги плука? Па ние работиме за плата, а нашата хуманост некој си ја наплаќа скапо?
Кој го злоупотребува здравствениот работник?
Од Стерилизација до Лаборатории, и до Итните помоши, се врти само зелена миризба на кеш, а не изградена национална стратегија и сработени студии (онака помпезно најавувани), само чекање миг, момент на поцрна ноќ, да се украде на брзина и да се соопшти новиот модел на работа! Ама за тоа допрва ќе видите!?Да не ви ги мешам главите отсега!
Ќе се доведе трпението на граѓанинот пациент и на пациентот граѓанин на ниво на виолиниска жица додека да дојде НОВИОТ НАЧИН.
Несвесни за вториот бран Приватизација, за системските уништувања на се што е квалитет и државно, за кратко време ќе ви го исперат мозокот до таа мера, што сами ќе се откажете од Исус, од Хипократ и се’ она што е човечко, хумано, емпатија… пардон од јавното здравство, т.е. тридневни ќе станете! Да, како Лазар.
И така, ден по ден ќе разберете дека дошол моментот кога од болест се банкротира, дека жив одерен било поарно од мртов без долгови, ама тоа во континуитет…
Ако денес здравствениот работник штрајкува против Влада, а овој го наложил истото, дали барем еднаш со силата на сивите вијуги сте се запрашале која е позадината на сето тоа? Дали е вредно за 20 – 30 евра да се троши силата?
И дали е се така наивно како што ви изгледа?
Дали има контролиран хаос и однапред утврден тек на дејствијата кои следат?
Нејсе, полесно е да се бега отколку да се остане.
Полесно е да бидеш туѓ, отколку принципиелен…и за крај:
Честит празник на сите здравствени работници, бидете професионални, живи и здрави!
Пишува: Гоце Марков
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
За потребата од вистинска иновација на идеите, процесите и нивната креативна материјализација наспроти ефектите на нивна комерцијализација
Македонија, ЛЕЛЕ!
Штетничката влада на СДСМ и ДУИ донела противуставен закон кој во критичен момент ја поништува октроираното судство за да се продлабочи кризата во предизборна година