БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

НЕЗАБОРАВ: РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ОПШТИНИТЕ, 7 НОЕМВРИ 2004 ГОДИНА…

Пренеси го гласот

На 4 ноември 2004 година, САД ја признаа Македонија под нејзиното државно име. Одговорот на американскиот претседател Џорџ Буш и државниот секретар на САД Кондолиза Рајс беше: “Ја признавме Македонија под нејзиното државно име, да ги спречиме националистите во спроведувањето на референдумот за територијалната организација на локалната самоуправа!“

Референдумот за територијалната организација на локалната сампуправа се одржа на 7 ноември 2004 година!

Подносител на иницијативата за собирање на потписи за референдум и организатор на кампањата за референдумот беше Светскиот Македонски Конгрес.

Светскиот Македонски Конгрес собра 180.454 потписи за одржување на референдум, повеќе од уставниот цензус – најмалку 150.000 потписи. Иницијативата за собирање на потписи траеше шест месеци од 23 февруари до 23 август 2004 година.

СДСМ по американското признавање објави дека нема потреба од референдум, бидејќи одбраната на државното име Македонија е обезбедена… Владата на СДСМ, на денот на молкот, пред референдумското гласање, на 6 ноември 2004 година, спротивно на Закон, организира јавна прослава на плоштадот “Македонија“ во Скопје. Поради американското признавање, Владата на СДСМ донесе одлука сите ресторани и кафани, да работат нон-стоп 24 часа. Пораката беше: Јајте, пијте, спијте, утре нема потреба на референдум да ојте, Американците не’ признаа!

И, со државен терор под слоганот “Некои прашања не заслужуваат одговор!“, Владата на СДСМ ја сардиса Македонија. Тукуречи половина Македонија беше оставена без струја, улиците пред гласачките места беа раскопани, на секое ќоше шетаа “тастери“ како опомена никој да не се појави, да шпионираат и заплашуваат, секој да го одвратат од намерата да гласа на референдумот… А, “изгубивме половина“ од територијата на Македонија…

На 7 ноември 2004 година се одржа референдум за референдумското прашање: “Дали сте за територијалната организација на локалната самоуправа (општините и Градот Скопје) утврдена со Законот за територијалната поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија“ бр.49/96) и Законот за градот Скопје (“Службен весник на Република Македонија“ бр.49/96)?“

Намерата беше на референдум да се потврдат општините утврдени со законите од 1996 година.

Од вкупно 1.709.536 запишани избирачи, гласаа 454.347 или 26,58% од запишаните избирачи, од кои важечки 449.324 ливчиња или 98,89% и неважечки 5.023 гласачки ливчиња или 1,11%. Од важечките “за“ гласаа 427.112 или 95,06%, а “против“ гласаа 22.212 или 4,94%.

За жал, референдумот од Државната изборна комисија беше прогласен за неуспешен…

Службениот став на Светскиот Македонски Конгрес беше: “Референдумот за територијалната организација на локалната самоуправа е успешен! Резултатите од Државната изборна комисија ги отфрламе и ги сметаме за груб фалсификат на слободно изразената волја на граѓаните!“

Патем, за волја на вистината, заради референдумот беше ликвидиран претседателот Борис Трајковски, затоа што кажа: Доколку парламентарното мнозинство на СДСМ го усвои новиот Закон за територијалната организација на локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” број 55/2004 од 16.08.2004 година), тој нема да го потпише Указот за негово прогласување!

Претходно, Борис Трајковски не го потпиша Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството со кое по барање на ДУИ, Владата на СДСМ го суспендира правото на македонско државјанство за Македонците по потекло надвор од границите на Република Македонија во светот, односно го избриша членот 11 според кој “Сите Македонци по потекло имаат безусловно право и на македонско државјанство.“

На претседателот Борис Трајковски после седница на Советот за безбедност на Република Македонија му се заканиле “Ако ми ја срушиш коалицијата со ДУИ, ќе те убијам!“ И го убија… Му падна авионот кај Мостар во Босна…

Новата територијална организација на Република Македонија предизвика етно-демографски импликации во општините.

Во општина Гостивар која според старaта поделба имаше 26,54% Македонци, со припојување на општините Вруток, Долна Бањица, Чегране и Србиново, се намали бројот на Македонците на 19,77%.

Во општина Тетово според старата поделба имаше 28,17% Македонци. Со припојување на општините Џепчиште и Шипковица бројот на Македонците се намали на 23,16%, со тенденција да опадне под 20% поради наталитетот и механичкиот прилив на Албанци од Косово.

bregalnickimarketing

Во општината Кичево според старата поделба имаше 53,6% Македонци, а Албанци 30,5%. Со припојувањето на општините Зајас, Другово, Вранештица и Осломеј кон Кичево, со воспоставувањето на новата локална власт по изборите на 24 март 2013 година, бројот на Македонците падна на 35,73%, а на Албанците се зголемува на 54,5% и станаа мнозинство. Според старата поделба: Општина Кичево имаше 53,6% Македонци, а Албанци 30,5%, Општина Другово имаше 83% Македонци, а Албанци 2%; Општина Вранештица имаше 100% Македонци; Општина Осломеј имаше 98% Албанци, а 1% Македонци; Општина Зајас имаше 98% Албанци, а 2% Македонци. Иако Светскиот Македонски Конгрес двапати поведе иницијатива за поништување на членот 16 со кој беше утврдено фузирање на општините Кичево, Зајас, Другово, Вранештица и Осломеј во една општина Кичево на локалните избори 2008, подоцна од локалните избори во 2012 година, Уставниот суд ја отфрлаше иницијативата, иако беше повредена Европската повелба за локалната самоуправа во чиј член 5 се вели: “Промени на границите на локалната самоуправа нема да се извршат без претходна консултација на локалните заедници по тоа прашање, по можност со референдум кога тоа е утврдено со статутот.“

Во општина Струга имаше 47,94% Македонци и тие беа најбројни во општината. Со припојување на општините Велешта, Делогожди, Лабуништа и Луково, бројот на Македонците во општина Струга опадна на 32,09%, а на Албанците се зголеми од 41,54% на 56,86%.

На руралната Општина Чашка во Велешко (регионот Азот) покрај општините Богомила и Извор и’ се придадоа и селата Горно и Долно Јаболчиште (од Општина Велес) населени исклучиво со Албанци. На тој начин, бројот на Албанците од само 7,47% скокна на 33,06% и со тоа во ова историски важно македонско подрачје во централна Македонија и албанскиот јазик стана службен јазик во согласност со Уставот, покрај Македонскиот јазик, со тенденција поради големиот наталитет во албанските села а нискиот во македонските, оваа општина за догледно време да стане општина со мнозинство Албанци.

На општина Долнени која се наоѓа во северниот дел на Пелагонија (Прилепското поле) и’ се придодаде општина Житоше, па бројот на Македонците се намали од 41,79% на 36,57%, а бројот на Албанците и Бошњаците се зголеми (од 21,22% на 26,37% на Албанците и од 14,10% на 17,36% на Бошњаците) со што Долнени стана доминантно муслиманска општина.

Со припојувањето на општините Сарај и Кондово на Градот Скопје бројот на Албанците од 15,30% се зголеми на повеќе од 20%, со што во главниот град на Република Македонија албанскиот јазик се воведе во службена употреба во согласност со Уставот, покрај Македонскиот јазик. На Скопје му се придадоа уште 229 км квадратни и голем број села од коишто некои немаат ни канализација, ни телефонска мрежа и се оддалечени и повеќе од 20 км од него.

Неприродно, на општина Гостивар и’ се придодаде село Бродец, кој ни географски ни сообраќајно не припаѓа на општина Гостивар, туку на општината Маврови Анови. Од општината Маврово-Ростуша, селото Бродец е припоен кон општина Гостивар, за Гостивар да излезе на границата со Албанија и Косово.

Референдуми против промена на општинските граници во 2004 година се одржаа во 42 општини: Конче, Лабуништа, Лозово, Центар Жупа, Ростуше, Подареш, Зрновце, Оризари, Муртино, Чешиново, Градско, Витолиште, Куклиш, Блатец, Струга, Камењане, Маврови Анови, Конопиште, Добрушево, Зелениково, Старавина, Богомила, Злетово, Тополчани, Бач, Неготино Полошко, Луково, Вранештица, Василево, Другово, Кичево, Самоков, Вруток, Сопотница, Кукуречани, Косел, Чашка, Долна Бањица, Чегране, Миравци, Чаир и Бистрица. За жал, Владата не ги прифати резултатите од гласањата и најголем број од овие општини со Законот од 2004 година ги укина.

Бројот на општините во Републиката од 123 и градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа со седум општини (Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар, Чаир и Шуто Оризари) според Законот за општините од 1996 година, се намали на 84 и градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа со десет општини (Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари) според Законот од 2004 година.

Единствена придобивка од референдумот 2004 година беше тоа што САД ја признаа Македонија под државното име. За жал, поради државниот терор од Владата на СДСМ, се промени етничката и верската карта на Македонија. Последиците од овој терор врз државата и нацијата се’ уште не се завршени.

Коментарот е потсетување за една вистина и една историја, која остави длабоки траги во етничката и верската карта на Македонија. Истовремено, коментарот е огромна благодарност на сите кои несебично се вложија во организацијата на иницијативата за собирањето на потписите, на сите 180.454 кои ја потпишаа иницијативата, на сите кои учествуваа во кампањата за референдумот и на сите 454.347 кои гласаа на референдумот на 7 ноември 2004 година!

Некои гласаа за Македонија, но некои ја предадоа Македонија… Го изневерија и Охридскиот рамковен договор во кој основен принцип беше унитарноста на државноста и неменливоста на етничката и верската карта на Македонија… И покрај се’ и после се’, историјата памти, а народот не заборава…

Никогаш северна, само Македонија вечна од исконот до бескрајот!

Пишува: Тодор ПЕТРОВ

Креирано од:


Пренеси го гласот