БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Никола Груевски со историски факти релевантни за денешницата го честиташе Илинден

Пренеси го гласот

Честит Илинден!!!

Илинден 1903 и Илинден 1944 ќе останат датуми во историјата со кои македонскиот народ и држава ќе останат вечно поврзани.

Нека е вечен празникот и нека е вечна Македонија!!!

За многу години празникот св.Илија и именденот на оние кои го носат неговото име и оние кои го слават овој празник и нека им донесе повеќе здравје и лична среќа. Нека Св.Илија ги осветли посилно умовите на сите во Македонија…

“Нашата пушка треба до крајот да остане полна”.

Оваа синтагма на Гоце Делчев била контрапродукт на онаа дефиниција на востанието која на неговата суштина и функција гледала како на “испукување на последниот фишек”. Гоце ја прифатил идејата за т.н. ”перманентно востание” разбрано во смисла на излагањето на Ѓорче Петров кое траело 3-4 часа и чија матрица на советувањето во Софија во јануари 1903 година ја подржале и Борис Сарафов, Пере Тошев и други учесници, наспроти групата со спротивно становиште која ја предводел Христо Матов а се приклониле и Др. Христо Татарчев, Христо Силјанов, Славчо Ковачев и други. И двете страни имале свои аргументи. Советувањето кое според наводите на Др. Владо Поповски во монографијата за Христо Татарчев од 2016 година, на самиот негов почеток било вознемирено одкако ЦК на ТМОРО ги известил дека конгресот веќе се одржал во Солун од 2-4 јануари 1903 година, на кое било донесено решение да се крене општо востание во Македонија, пролетта таа година. Христо Силјанов подоцна го опишал тој момент со следните зборови:

”При гробна тишина се прочита опстојното писмо на Централниот комитет во кое се редеа познатите причини во поткрепа на солунската теза. Концентрирана мака ги свиваше душите. Одвај здржан гнев светкаше во очите на понекој. Како да се однесуваше не за оној многу посакуван свештен акт, кој ќе ја донесе слободата, туку за еден престап со предумисла против Македонија”. Оваа информација донела бурна расправа на советувањето од каде се разграничиле две стојалишта и две теченија во врска со конгресот и решението за востание кои натаму предизвикале понатамошни диференцијации во Револуционерната организација по Востанието, издвојувајќи две теченија и две структури на сили и на идејни платформи на МРО. Становиштето кое го предводел Ѓорче Петров било дека востанието-недоношче ќе ја упропасти идејата за востание како главно “плашило” кое било тоа се додека било идеал, а не реално дејство. Ѓорче и сите кои застанале на тоа становиште сметале дека не било логично да се бара кревање на востание во ситуација кога народот не бил доволно вооружен нити пак морално и матерјално подготвен за востание. Ѓорче Петров отценил дека во таков случај ќе мора впечатокот за востание да се одржува со чети од Бугарија со што би се компромитирала и во однос на балканските соседи и во однос на големите сили целата дотогашна политика и пропагандна активност на МРО за внатрешниот, македонски, карактер на востанието и на борба за слобода за Македонија. Ценел дека на таков начин ќе се помогнало на потврда на тезите на Турција дека движењето е увезено од Бугарија и дека борбите во Македонија биле поттикнувани, организирани и водени од центри и сили надвор од Македонија, поточно надвор од турската држава. За да нема таков ефект се предлагало четите на Организацијата кои и така биле внатре во Македонија како месни внатрешни сили да пристапат кон засилени напаѓачки акции, кон активно борбени настапување против одделни единици на армијата и жандармеријата, против комуникациските врски, железничките пруги, магацините и сл. применувајќи разновидност на дејствијата и одржувајки еден вид впечаток на “перманентно востание”. Со други зборови тие предлагале засилување на четничките напади на османлиската власт наместо востание и тоа да е константно.Гоце Делчев сметал дека народот сеуште не бил подготвен за востание и дека не можел да се надева на помош ниту од Бугарија, ниту од големите држави, посебно не од Русија и дека тие негативно би гледале на истото. При тие услови народот би бил главната жртва и би ја платил жестоката цена на турските одмазднички акции повеќепати видени до тогаш на повеќе места. Чувствувајќи одговорност за можните страдања на населението тој сметал дека треба да се претпочитаат напаѓачките акции и особено терористичките акти на важни објекти и системи надвор и што подалеку од населените места со македонско население. Да се претпочитаат засилените напаѓачки акции на четите без да се крева недоволно подготвеното население. Другата група пак предводена од Христо Матов сметала дека востанието не е ниту идеал ниту пак- цел за борбата ниту крај на таа борба. Тие на востанието гледале како на средство , а не како на цел, како на реален факт кој го наметнуваат состојбите а не како на идеален постулат кои произлегува од теоретските догми или од апстрактните формално логични домисилувања и шпекулации. Тие укажале дека по џумајското востание (инаку организирано од Врховниот македонски комитет во согласност со бугарската влада и кнезот Фердинант но кое немало одзив кај македонскиот народ) и репресалиите кои следеле населението станало крајно вознемирено за својот опстанок и чекало одговор од Револуционерната организација и дека по тоа востание и во други реони е стационирана голема жандармерија и војска кои правеле системски претреси, испитувања и мачења барајќи комити и оружје и животот станал неподнослив. Укажале и дека дури и без акции на комитските чети турските единици со артилерија се навратувале на селата и почнувале да ги опожаруваат и рушат, а некои реони, како костурскиот на пример веќе биле во неодржливи услови како за населението така и за револуционарната организација и дека костурските војводи како Чакаларов и Кљашев едвај го додржувале населението дека прашањето на востанието брзо ќе се реши. Христо Татарчев го подржал востанието велејќи дека тоа било исказ на населението и дека условите на неговиот живот и безбедноста на семејствата и на домовите станале невозможни-поради што посегнале по оружени средства за да се спаси од крајната загрозеност. Сметајќи дека востанијата во меѓународните односи биле сметани за право на очаените народи на вооружен бунт против неговата критична загрозеност Татарчев ценел дека големите сили ќе се вмешаат во македонската криза, многу поверојатно при востанички настани отколку при ситуација на засилени четнички дејства. Сметал дека терористичките акции биле ефикасни во просветлени држави каде што тресокот на бомбите ја вознемирува народната совест и каде што тие не само (и не првенствено) поради штетите кои ги нансеуваат на лица и корпорации, туку пред се затоа што го загрозуваат престижот на државата, а во случај со турската власт сметал дека таков ефект неможе да се очекува.

Тој подоцна, пост фестум, во 1934 година изнел спротивен став за истото.Во секој случај прашањето за востанието во 1903 година конечно го решил битолскиот револуционерен округ на својот Смислевски конгрес одржан од 19 до 24 април 1903 година под претседателство на Дамјан Груев кој бил скоро излезен од затвор и воден од синтагмата “Подобро ужасен крај, одколку ужас без крај”.


Пренеси го гласот