Брегалнички Портал

Вести од Брегалничкиот регион.

Отворено писмо до кандидатите за градоначалник на Велес: ВЕЛЕС ГО ЗАСЛУЖУВА НАЈДОБРОТО ЗА СИТЕ ЛУЃЕ!

Пренеси го гласот

Во исчекување на изборните програми, кои верувам ќе понудат нешто ново и нема да бидат веќе видени, сакам да ви кажам дека: Велес го заслужува најдоброто за сите луѓе!

И покрај тоа што припаѓате на различни политички  опции, имате неколку заеднички карактеристики. Сите сте дел од интелектуалната елита, истакнати и докажани професионалци, чесни, угледни и достоинствени. Сите сте деца на Велес.

Нашиот град е град на најреволуционерни идеи, на напредната авангардна мисла, град на преродбата. Така било во минатото и ние мора да го продолжиме тој континуитет за да го оправдаме своето потекло како горди велешани и македонци. Затоа мора да се залагаме градот да ни живее, да расте и да се развива. Во таа насока, потребно е вложување во инфраструктурата и нови инфраструктурни проекти.Потребно е вложување во здрава и чиста животна средина, во  економијата, во образованието, во културата, во спортот, во децата и младите! Што ќе понудите Вие во таа насока?

Инфраструктурата е од суштинско значење за развојот на економијата, земјоделството, образованието, за квалитетот на живот на граѓаните.

Велес е срцето на Македонија, вековна балканска крстосница, со стратешка географска положба, во која се крстосуваат патиштата кои водат кон  исток-запад и север-југ.

Затоа и треба да знаеме дека нема развиена економија без добра инфраструктура. Подобра инфраструктура, повеќе инвестиции, подобри услови за граѓаните.

Велешани сакаат развиена патна мрежа, урбанизација на просторот за влез на нови инвестиции, справување со урбаниот хаос, изградба на современи водоводни и канализациски структури, но и нови работни места за подобар живот на граѓаните на Велес. Велес е наш дом, но и дом за идните поколенија, од нас зависи каков дом и какви услови ќе им оставиме и каков темел ќе поставиме за да ја градиме нивната иднина. Заштитата и унапредувањето на животната средина треба да бидат високо на листата на приоритетите на секоја од вашите програми.

Инвестициите во енергетски производствени капацитети и изградба на квалитетна дистрибутивна мрежа се од особено значење. Поголемо искористување на обновливите извори на енергија е една од нашите главни стратешки цели во енергетскиот сектор. Искористувањето на обновливите извори: водниот потенцијал, сончевата енергија, енергијата од ветерот, биомасата и биогасот, како и геотермалната енергија е значајно за животната средина, бидејќи од нив се добива чиста енергија која е предуслов за одржлив енергетски развој .Имате ли храброст да се обврзете да ја реализирате енергетската обнова на домовите на граѓаните? Нови фасади и прозорци за домовите при што 50%  од вкупните трошоци ќе покрива општината. Ќе субвенционирате ли набавка на сончеви колектори за домаќинставата? Ќе реализирате ли проекти кои ќе овозможат воведување на природен гас како нов енергенс и негова употреба во индустријата, малите и средните претпријатија, негова употреба во комуналните дејности, образованието, социјалните дејности, здравствените установи, но и негова достапност во секој дом?

Децата и младите се иднината на Велес, влогот што денес ќе биде направен во нив ќе биде олицетворен во реална слика за градот во наредните години. Реконструкција на училиштата и нивно осовременување, реконструкција на игралиштата и создавање на достоинствен простор за развивање и поттикнување на креативната енергија е она што најмалку можете да направите.

Овозможете бесплатни градинки за деца од семејства со минимални приходи, изградете нови градинки и проширете ги капацитетите на веќе постоечките. За децата со пречки во развој отворите дневни центри со соодветна програма за работа и стручен кадар. Само така ќе покажете грижа за иднината на градот.

Не ја штедете вашата енергија за да вложувате во културата и спортот! Вратете го сјајот на  Велес за да биде повторно културна престолнина, но и расадник на спортски таленти.Овозможете го тоа културно растење за да може да се гордеат рациновите поколенија од гемиџискиот Велес.

bregalnickimarketing

Дајте им простор на млaдите, нека бидат креатори на иднината! Младите се движечката сила на едно општество, гласот на промените, иновативноста, и надежта на секое општество од кое почнуваат промени. Младите се промотор на новите вредности на секое општество, а најдобар синоним за младиот човек е слободата. За да имаат желба и мотив за напредок, да се стремат да ги остваруваат своите животни цели, на младите треба да им се понуди можност за работа, да имаат реална конкуренција  каде што може да се натпреваруваат со знаења, идеи и решенија, да им се остави простор и можност да имаат своја улога и да влијаат врз општествените текови.

Поттикнувајте го земјоделството во руралните делови и помогнете им на земјоделците од општината преку разни промотивни кампањи за полесен пласман на нивното прозиводство.

И на крајот, со какви пристапи ќе креирате ефикасност во општините? Како кандидати за градоначалници имате ли храброст да ветите дека доколку ја добиете градоначалничката функција ќе формирате експертски тим од различни области, на кој мандатот ќе му заврши со завршувањето на мандатот на градоначалникот. За да се создаде квалитетен и применлив мерит систем за нивото на реализација на ветените проекти на градоначалникот, ќе формирате ли  тело за мониторинг за да го мери процентот на реализација на ветената предизборна програма од градоначалникот, при што ќе следуваат опомени доколку реализацијата на програмата на е на задоволително ниво?

Сакам да верувам дека Велес ќе го добие најдоброто за да оживее за да се прероди. И тоа  во најголема мера зависи од Вас, од тоа со колку полни гради љубов настапувате на теренот. Дали навистина Ви е важен градот или сатисфакциите кои ги носи градоначалничката фотелја?

Ќе покаже времето! Дотогаш без суета, без многу самобендисаност, без одење по облаци доближете им се на граѓаните кои треба да ве бираат.

Велес го заслужува најдоброто за сите луѓе!

Пишува: м-р Десанка Николова

Креирано од:


Пренеси го гласот