БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Ова се контурите по кои ќе се реализира неопходната реформа на јавната администрација во државата

Пренеси го гласот

Премиерот на Република Македонија Христијан Мицкоски денеска имаше свое обраќање настанот означен како Дијалог за политики на високо ниво (HLPD) за јавната администрација во Западен Балкан.

Базирајки се на проблемите со кои се соочува нашата држава со децении наназад а кои што произлегуваат од природата на работењето на администрацијата на сите нивоа на власт во државата, Премиерот Мицкоски пред аудиториумот кој што беше присутен на самиот настан ја истакна важноста на реформите во делот на администрацијата како основен предуслов за развојот на државата.

“Денес зборуваме за една важна тема, која со годините многу малку била предмет на темелно студиозна анализа, ниту пак била предмет на еден професионален пристап, а тоа е администрацијата и мерките кои треба да се превземат за поголем квалитет на услугите коишто ги добиваме од администрацијата. Но и иновациите како важен предизвик на тој план.

Ова е тема која не само што го одредува квалитетот на услугите што ги добиваме како граѓани, туку и го обликува лицето на нашата држава.

Нашата визија е јасна: сакаме јавна администрација која ќе биде пример за ефикасност, транспарентност и отчетност. Јавна администрација која нема да биде само сервис за граѓаните, туку и партнер во градењето на идните мерки и чекори.”

-рече мицкоски на почетокот на своето обраќање, по што направи кратка ретроспектива за минатото искуство во овој сектор.

“Во изминатиот период, сите сме сведоци на предизвиците со кои се соочува администрацијата. Бавни процеси, недостаток на дигитализација, понекогаш и недоволна транспарентност и отчетност. Но и партизацијата која е отворен проблем, исто како и недоволната компетентност визави приватниот сектор. Овие проблеми не можеме да ги игнорираме – тие се реални, а за нив треба да се најдат решенија.”

-нагласи премиерот на Македонија.

Во продолжение ги пренесуваме главните контури по кои што ќе се одвива реформата на јавната администрација кои што Премиерот Мицкоски ги изнесе пред присутните:

“Нашите цели за реформа опфаќаат:

1. Дигитализација на услугите: Обезбедување што е можно повеќе услуги да бидат достапни онлајн, на еден клик од граѓаните. Со тоа ќе го намалиме времето за чекање и ќе го задоволиме она коешто го очекуваат корисниците од нас.

2. Ефикасност и професионалност: Ќе се залагаме за деполитизирана администрација, каде клучни ќе бидат стручноста и посветеноста. 

3. Транспарентност и отчетност: Зајакнување на механизмите за надзор и отчетност. Секој граѓанин има право да знае како и каде се трошат јавните пари.

4. Намалување на бирократијата: Администрацијата треба да биде партнер, а не пречка за граѓаните и бизнисите. Работиме за поедноставување на процедурите и намалување на непотребните документи. 

5. Вреднување на трудот: Потребен е систем за наградување на оние што работат вредно и чесно, за да ги мотивираме сите вработени во администрацијата да се стремат кон извонредност.

Зошто се важни овие реформи? 

Јавната администрација е срцето на секоја држава. Кога таа функционира добро, функционира целото општество. Овие реформи не се само за подобрување на услугите. Тие се за враќање на довербата – довербата дека државата работи за вас, за секој граѓанин, без разлика на неговата политичка припадност или неприпадност или статус. Овие промени нема да бидат лесни, но со здружени сили, сигурен сум дека ќе успееме. Заедно со експертите, меѓународните партнери и невладиниот сектор, ќе обезбедиме целосна имплементација на реформите. Најважно од сè, реформите ќе ги правиме со – граѓаните. Ќе слушаме што треба и ќе одговориме на барањата.

Иднината треба да биде обликувана од иновации, технологија и креативни решенија. Јавните услуги се основниот мост помеѓу државата и граѓаните, и од нив зависи колку брзо, ефикасно и транспарентно ќе се решаваат вашите потреби.

Нашата визија е да создадеме јавни услуги што се не само достапни, туку и едноставни, паметни и ориентирани кон корисниците.

Зошто се потребни иновации?

Денес, во време на глобални предизвици, дигитална трансформација и зголемени очекувања, не можеме да се потпираме на старите методи. Граѓаните очекуваат услуги кои се брзи, точни и лесни за користење. Затоа, иновациите не се луксуз – тие се неопходност. Време е за промени. Време е за нова, современа, и ефективна јавна администрација која ќе биде гордост. Време е да покажеме дека можеме подобро и повеќе.

Почитувани присутни,

Иновациите не се само нови алатки и технологии – тие се нов начин на размислување. Тие се мост меѓу денес и утре, меѓу обичните потреби и исклучителните решенија.

Да работиме заедно, со визија и решителност, за да изградиме јавни услуги што ќе бидат пример за квалитет, ефикасност и иновативност. Со овие чекори, ќе ја направиме држава посилна, поуспешна и подготвена за предизвиците на иднината.”

-рече Мицкоски на денешниот настан.

Целото обраќање на Премиерот на Република Македонија на дијалогот за политики на високо ниво (HLPD) за јавната администрација во Западен Балкан погледнете го во видеото во продолжение:

Креирано од:


Пренеси го гласот