БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Писателот Влада Урошевиќ на Четвртата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ во Скопје

Пренеси го гласот

Драги пријатели, драги колеги,

Сакам да ве поздравам сите вас што сте покажале интересирање за македонскиот јазик, за македонската литература и култура, и што тоа итересирање сте го докажале на дело.
Вие знаете дека ние, македонските писатели, пишуваме за ден релативно мал круг можни читатели: македонската нација брои денес помалку од два милиона.
Пред некој ден го читав одново текстот на Блаже Конески „Пишување на мал јазик“, објавен пред триесет години. Конески во него збопрува, ми се чини со извесна доза на хумор, дека ние, македонските поети, ја вршиме, можеби, „најзалудната работа на светов“.
Да се пишува за еден толку ограничен број читатели навистина може да прилега, како што вели Конески, на „една неразбирлива и безрасудна тврдоглавост“.
Но, и покрај тие ограничувачки услови, ние, македонските писатели, успеавме да развиеме еден литературен јазик и една дејност, не чувствувајќи комплекс на помала вредност пред големите јазици и големите литератури.
Кај нас, последниве години, на годишен конкурс за најдобар роман, се натпреваруваат триесетина книги. Имаме исклучително богата преведувачка дејност – на македонски јазик се преведени огроман број најзначајни дела од светската книжевност – од „Одисеја“ на Хомер до „Улис“ на Џојс, од „Анабаза“ на Ксенофонт до „Анабаза“ на Сен-Џон Перс. Нашата наука за книжевност со успех го следи тој развој.
Македонскиот писател денес не се чувствува затворен во тесните рамки на својот јазичен простор. Тој, благодарение на сѐ поразвиените средства на комуникација – и на вашите напори, драги наши пријатели, сѐ повеќе е граѓанин на светот. Она што Рацин, пред сто години, го сонуваше низ стихот „куќа цел свет“, станува наша реалност.
За тоа, вие што го изучувате и го афирмирате македонскиот јазик и македонската литература, имате голема заслуга. Вие сте наша најсилна врска со светот.
И јас би сакал да ви ја изразам нашата благодарност за тоа.
Ви посакувам сѐ најубаво во годината што е пред нас.

академик Влада Урошевиќ
застапен писател на
Четвртата зимска школа
на МСМЈЛК при УКИМ во Скопје

Извор: Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура

Креирано од:


Пренеси го гласот