До сите Македонски и светски јавни гласила во Европа, Австралија, Северна и јужна Америка претставници на Македонската дијаспора од сите светски мередијани упатија јавна повелба во контекст на актуелните обиди и процеси поврзани со признавањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква- Охридска Архиепископија.
Оваа повелба е една од двете кои што беа усвоени на конференцијата во градот Ејџекс во близина на Торонто, Канада на која учество зедоа поголем број на активни и репрезентативни Македонски организации ширум светот. Оваа втора повелба се однесува на поддршката за сестринско признавање исклучиво со неменливост на името Македонска православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) како црква на македонскиот народ од страна на Македонската дијаспора ширум светот
Текстот на оваа повелба го пренесуваме во целост во продолжение:
ПОВЕЛБА
ТРГНУВАЈЌИ ОД ТОА ДЕКА првоапостолот Павле прво дошол во Македонија да им помогне на Македонците;
ПОТСЕТУВАЈЌИ ДЕКА Македонката Лидија била првата покрстена Европјанка;
ГОРДИ ДЕКА Јустинијана Прима, како претходница на Охридската Патријаршија и подоцна Охридска Архиепископија, е првата црква во Македонија и воопшто на европско тло;
ПОТСЕТУВАЈЌИ ДЕКА во 893 година Св. Климент е хиротонисан за Епископ на македонската Величко-древничка Епархија и потоа е основоположник на самосталната македонска Охридска Архиепископија;
ЗНАЕЈЌИ ДЕКА во 955 година во црквата Св. Софија во Охрид, Охридскиот Архиепископ Тимотеј ја покрстил и крунисал руската Кнегиња Олга, додека во 987 година Охридскиот Патријарх Николај го покрстил и крунисал нејзиниот внук Владимир, кој во знак на братство со македонското Самоилово царство се оженил за самоиловата внука Марија со која ги имале двата сина Борис и Глеб, кои постанаа првите руски светители и заштитници на руската војска;
СВЕСНИ ДЕКА грчките фанариоти со лажни обвиненија пред Султанот, издејствуваа на 17 мај, 1767 година незаконско укинување на Охридската Архиепископија од страна на неверничка власт;
ПОТСЕТУВАЈЌИ ДЕКА македонскиот народ не помирувајќи се со губењето на својата света црква постојано барал начин за возобновување на Охридската Архиепископија, кое кулминирало во периодот од 1871-1892 година за време скопскиот Митрополит Теодосиј Гологанов;ГОРДИ НА ТОА ШТО конечно на 19 јули, 1967 година е возобновена Охридската Архиепископија во лицето на Македонската православна црква, како мајка црква на Македонците ширум светот;
СВЕСНИ ДЕКА црковните правила се прилагодуваат во согласност со политичките промени на теренот;
ПОЧИТУВАЈЌИ ГО природното право на секој народ и држава да си има своја помесна црква;
НИЕ, Управата на Организацијата Обединети Македонци во Канада и манастирот Св. Илија, заедно со сите наши членови, во својство на национален претставник на македонската заедница во Канада, како и Управите на македонските црковни општини, го усвојуваме и обнародуваме следниов
ПРОГЛАС
за поддршка за сестринско признавање исклучиво со неменливост на името Македонска православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) како црква на македонскиот народ
1. МПЦ-ОА е жива црква, ценета и прифатена од Македонците распространети низ целиот свет. Ова е најголемото признание кое една црква може да го има;
2. Бараме од великодостојниците на МПЦ-ОА да престанат со авантурите од типот на Нишкиот договор, па прифаќање БПЦ да ни биде сестра и потоа мајка (маќеа) црква, за сега да молат признавање од Вселенската Патријаршија за признавање на некоја си недефинирана црква;
3. Не очекувајте друга постапка од денешните фанариоти, потомци на фанариотите кои со клевета ни ја укинаа Охридската Архиепископија. Фанариотите нема никогаш да признаат македонска црква со македонско народно име;
4. Бараме под итно да прекинете со разговорите/преговорите за „сестринско признавање“ на МПЦ-ОА, бидејќи, признанието на една помесна црква од друга сестринска црква е прво политичка одлука, а сегашните меѓународни политички состојби се крајно неповолни за нас;
5. МПЦ-ОА е етничка црква на македонскиот народ и мора таква да остане со сите етнички обележја, вклучително и придавката македонска, како што се обележани и другите соседни национални православни цркви;
6. Судот на народот и историјата се безмилосни во однос на националното и верско велепредавство, какво што очигледно е случајот со преговорите за сестринско признавање на МПЦ-ОА;
7. Ние, македонските верници во Канада и Соединетите Американски Држави сами ги изградивме нашите цркви, заложувајќи ги своите имоти како гаранција и истите се запишани како македонски цркви пред тукашните власти. Следствено на тоа, ние ќе ги чуваме нашите цркви под македонското име како зеници во нашите очи;
8. Ако Вие скршнете по предавнички пат, ние македонските верниици ќе си продолжиме по македонскиот верски и национален пат како што беше зацртан од македонските верски дејци, Светите Кирил и Методиј, Светите Климент и Наум, Теодосиј Гологанов, Владиците Доситеј, Кирил…;
9. Ако дозволите промена и на една буква од името на МПЦ-ОА и/или дозволите туѓо влијание во истата, единственото што Вам ќе Ви остане ќе биде новото име но без македонскиот народ и црквите;
10. Овој Проглас се доставува до сите великодостојници на МПЦ-ОА, политичките претставници, државните установи, политичките партии, јавните гласила, Македонците ширум светот и до меѓународната заедница.
Потписници:
1. За Организацијата Обединети Македонци во Канада и македонскиот православен манастир Св. Илија – Драги Стојковски, претседател;
2. За Македонското меѓународно движење за човекови права – Бил Николов, претседател;
3. За Македонското движење за човекови права од Њу Јорк и Њу Џерси – Драган Славковски, претседател;
4. За Леринското околиско здружение – Грегори Цанев, претседател;
5. За МПЦ Св. Климент Охридски, Торонто – Владе Димитровски, претседател;
6. За МПЦ Св. Илија, Мисисага – Ацо Крстевски, претседател;
7. За МПЦ Св. Димитрија Солунски, Маркам – Бале Гајтановски, претседател;
8. За Св. Недела, Ејџакс – Славе Бунтевски, претседател;
9. За МПЦ Св. Никола, Скарборо – Митко Ѓурчевски, потпретседател;
10. За МПЦ Св. Наум, Хамилтон – Кочо Стериовски, претседател;
11. За МПЦ Св. Богородица, Кембриџ – Петре Медичков, претседател;
12. За МПЦ Св. Никола, Виндзор – Менде Талевски, претседател;
13. За МПЦ Св. Кирил и Методиј, Сидер Гроув, Џу Џерси – Пецо Димовски, претседател;
14. За МПЦ Св. Никола, Тотова, Њу Џерси – Иван Марковски, претседател;
15. За МПЦ Св. Климент Охридски, Колеџ Поинт, Њу Јорк – Пецо Милевски, претседател.