БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Природен локалитет “Кукуљето” во Пијанец- белег на монументалните траги од минатото и пркос на едно изминато време

Пренеси го гласот

Во регионот на Пијанец во Република Македонија постојат повеќе локалитети познати помеѓу месното население под името “Кукуље”. Кукуљето претставуваат природна гео-морфолошка реткост која е создадена исклучиво од природното влијание со делувањето на надворешните атмосферски фактори и влијанија на специфичните местимични геолошки форми и структура на земјиштето.

Кукуљето се монументални рељефни целини кои посетителите и набљудувачите ги оставаат со скаменет поглед подолго време и без здив додека ја набљудуваат тишината која ги опколува овие споменици на времето кое проструило во овој прастар регион. Со почит и восхит заминува секој добронамерник кој ја има впиено убавината на самите Кукуље но и на живописната и богата животна средина во нивното опкружување.

Кукуљето се создале во главно од седиментните наслаги на поранешните езерски површини кои се наоѓале на територијата на овој регион пред повеќе од 10 милиони години. Главен архитект и вајар на овие природни статуи била самата природа преку своите “чеда”: ветрот, дождот, промената на температурата, тектонските придвижувања….

Токму затоа времето во присуство на Кукуљето има поинакво значење во целокупната своја смисла на зборот.

Самото патешествие за да се стаса до локалитетите каде се формирани овие рељефни структури, претставува вистинско и незаборавно доживување. Скриени во прегратките на пијанечките планини Кукуљето кријат огромен број на приказни, легенди и верувања на локалното население поврзано со нивниот опстанок.

Ова се приказни родени од духот и богатството на имагинација на пијанечкиот човек, кој за се има свој автентичен белег на размислување.

По својот изглед и динамика најкарактеристични и впечатливи се следните локалитети на Кукуље:

Ѕвегорските Кукуље е локалитет кој се наоѓа од левата страна на стариот пат од Крстот на Стамер. Поголем дел од фигурите се разрушени и еродирани од атмосферските влијанија.

Зачуваните фигури според нивната форма и облик многу потсетуваат на слон, куче, дете, мразулци, змии, ѓавол по што и го добиле своето име.

Тработивишките Кукуље се наоѓаат покрај десната страна од стариот пат на с. Тработивиште. Тоа е една природна композиција на “сватови“. Легендата вели дека некоја свадбена поворка на својот пат била пресретната од Господ кој им се обратил за помош и побарал од нив малку храна и вода. Но сватовите го одбиле и понижиле, пошто Господ за казна ги скаменил за век и векови, со цел да служат како пример за недолично однесување.

Кукуљето, пак, во Нов Истевник, кои се наоѓаат во близина на месноста Мокра ливада, висински над Балабанско маало изобилува со разновидни фигури со различен облик. По својата распространетост и масивност на зафаќање на просторот овие Кукуље се највпечатливи и пленат со својата монументалност.  Секој посетител донесува свое толкување за ликот на секоја фигура. За Истевничките Кукуље постои легенда која вели дека секоја од земјените фигури асоцира на луѓе кои се дел од некоја селска свадба кој се одигрувала во овој дел од регионот. Евидентна е појавата на невестата, младоженецот, дееверите итн…

Во Кукуљето како природна гео-морфолошка целина се крие длабока симболика поврзана со верувањето на локалните жители кои од памтивек раскажуваат разно-разни приказни за нивните омилени природни кукли.

bregalnickimarketing

Самите Ѕвегорски Кукуље со својата разнообразност и шареноликост според некои легенди претставуваат збир на животниот циклус на растителен и животински свет од чија што заедница се родила љубовта на самиот човек. Тработивишките Кукуље како структура се продолжение на Ѕвегорските Кукуље и се израз на човечкиот порив за достигање на својата бесмртност низ вековите преку едно своевидно патешествие на “сватовите” кон она што треба да биде како исход и смисла на едно човечко постоење: “Свадба” за инат на сите временски неприлики (асоцијацијата на старецот кој иако побарал корка леб, истата не ја добил), кои и покрај се не можат да му наштетат на животот.

Во различни периоди од годината, Туристичкиот природен локалитет “Кукуље” во село Стар Истевник, изгледа различно. Кукуљето се како една симбиотска животна средина која самата има свој животен циклус. Стареењето на геоморфните земјени целини се одлика и на живите суштества, така што оваа споредба е сосема оправдана и внесува дополнителна мистериозност и епска димензија на самите Кукуље.

Целиот животен циклус кој се случува на годишно ниво секоја година околу Кукуљето потсетува на мајчинска прегратка на периодично циклично раѓање и умирање на животот кај самите Кукуње, кои се сместени во пазувите на Средна, т.н. месност “Мокри ливади”.

Секоја посета од страна на посетителите на самиот локалитет, е секојпат различна. Мистериозноста на локацијата и нејзината необележаност и отсуство на сигнализација која води до самиот локалитет, за посетителите дополнително внесуваат траги на авантуризам, така што нивното пронаоѓање претставува вистински восхит и благодет на душата на секој посетител.

Од страна на локалните жители во околните села во близина на Кукуљето се разкажуваат огромен број на легенди и кажувања за Кукуњето, и секоја со своја верзија и богатство на имагинација, што претставува своевидно богатство на народниот дух.

И понатаму пијанечките Кукуље ќе бидат инспирација за многу генерации. Времето само знае колку приказни и човечки судбини ќе бидат поистоветени со легендата за Кукуљето. Зошто ова е легенда родена многу пред нашето време, која ќе трае многу одкако нас ќе не снема од лицето на земјата.

Но посетувајќи ја оваа природна и мoнументална реткост, секој добронамерник ќе може сам на себе да си каже: Јас бев таму! Бев дел од приказната на Пијанечките Кукуље!

Ова е приказна која и понатаму ќе се раскажува…

Креирано од:


Пренеси го гласот