БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Проблемите со кои што се соочува руската армија во Украина

Пренеси го гласот

Поминаа четири месеци, или повеќе од 135 дена од почетокот на војната помеѓу Русија и Украина. По завршувањето на војната во Украина, Руската армија ја очекуваат сериозни реформи на сите нивоа. Во една од претходните мои статии [1] пишував за предностите на руската армија и на руското оружје. Освежувајќи го претходно кажаното за предностите и сегашното за недостатоците, можеме да го забележиме следново.

1. Русија досега користи само 15 до 18% од својата армија и воена моќ во Украина. Руската стратегија е на изморување и истоштување на Украина. Војната во Украина се одолговлекува, и двете страни сметаат на постигнување на целите со воени средства, очекувајќи дека непријателот и неговата армија порано да се распаднат. (во овој поглед изразувам плашлива надеж дека веќе се шијат милион комплети зимски униформи) .

2. Стабилноста на Украина како држава и вооружените сили на Украина како воена организација во голема мера е одредена од поддршката од Западот, а трансферот на оружје како такво игра третокласна улога во оваа поддршка – тие едноставно не се доволно за да се компензира за загубите на вооружените сили на Украина. Примарни – гориво, муниција, средства за поддршка на финансирањето на армијата и други главни ставки од владините трошоци, тоа е главното што уште ја одржува Украина во живот.

3. Тактиката на вооружените сили на РФ во оваа војна се заснова на два столба: артилериска офанзива заснована на способноста да се концентрира значително поголем број артилериски системи од разен калибар, и да истрела повеќе гранати и ракети од непријателот, плус и оперативен маневар на ударните групи на руската армија под заштита на својата артилерија и авијација.

4. Досега Украина не можеше да ја компензира оваа супериорност со залихи од Запад, дури и земајќи го предвид трансферот на високопрецизно оружје – бидејќи Русија има и прецизно наведувачко оружје и артилерија и истото се користи во поголем обем од оние што Украина го користи или што Западот и го доставува на Украина. Но Русија во многу помали количини ја користи авијацијата од оние што би било пожелно да се забрза процесот на уништување на украинската армија.

Време е да извлечеме некои посредни заклучоци во врска со недостатоците на вооружените сили на Русија:

А. Копнената армија. Распоредувањето на голем број нови единици и формации во руската армија по 2013 година не се оправда: армијата нема доволно луѓе да ги екипира сите новосоздадени / обновени единици според воените правила, додека од друга страна огромни средства се потрошени создавање на овие единици. Јасно е дека создавањето на овие нови единици и формации се должат на настаните во Украина во 2014. Ситуацијата кога на хартија имате воени единици, а на терен нема доволно луѓе во единиците на линијата на фронтот го отежнува дејствувањето, со оглед на нумеричката супериорност на непријателот во жива сила, дури и ако имате повеќе артилерија, авијација и многу повеќе гранати и ракети од непријателот. Потребна е унификација на борбените возила, тенковите, артилеријата, и на другите системи. Постои проблем и со средствата за комуникација.

Б. Флотата. Ако не се занимавате со флотата во мирнодопски услови, градите сомнителни бродови според чудни проекти без соодветно оправдување и поставување цели, од една класа градите повеќе видови на бродови, задржување на модернизацијата на старите советски бродови – последиците од тоа нема да ги чекате долго, и тие ќе бидат лоши. Руската флота во Црното Море и во глобала се соочува со недостаток на корвети, фрегати и десантни бродови, посебно универзални десантни бродови, кои би играле клучна важност во воениот конфликт со Украина. Поради тоа дејството на руската флота е ограничено на блокирање на Црното Море и на изведување на прецизни ракетни напади со крстаречки ракети од огромна далечина. Во иднина потребно е изградба на серија корвети и фрегати од една класа, како и универзални десантни бродови.

В. Авијацијата – Су-34, Су-35С и Су-30СМ се многу добри борбени авиони, Ка-52 е можеби најдобриот ударен хеликоптер во светот, но опсегот на модерно оружје со висока прецизност за нив треба да се прошири, а флотата на авиони за специјални намени – АВАКС, извидувачки авиони, авиони за електронско војување и хеликоптери, чиј развој, за жал, не ужива приоритет од страна на руското Министерство за одбрана – потребно е радикално и брзо да се прошири и обнови. Потребно е и создавање на специјална тактиката за борба и неутрализирање на противвоздушната одбрана на непријателот. Русија недоволно ги користи своите тактички бомбардери, како и стратешката авијација. Беспилотната авијација и дроновите од различни класи се Ахиловата пета на руската армија. И покрај програмите и инвестициите во последните 12 години, Русија не успеа да создаде цела палета на модерни дронови, почнувајќи од минијатурни, мали дронови, па се до класата MALE (средни) и HALE (тешки) дронови. Критична е ситуацијата со средните и со тешките дронови, посебно ударно-извидувачките дронови.

Г. Падобранските единици. Постоечката структура на Падобранските единици не е соодветна ниту на можностите на воената транспортна авијација, ниту на условите за борба со комбинирано вооружување. Првите не се доволни за подигање во воздух, десантирање и обезбедување на постоечките падобрански единици, а во однос на комбинираното вооружување, Падобранските единици немаат ниту доволно ниво на оклоп ниту соодветна огнена моќ. Неопходна е реформа и „авиомобилизација“ на Падобранските единици, плус нивно намалување и реорганизација во падобрански/лесни пешадиски единици, оперирање на стандардни оклопни возила за целата армија.

Само во време на војна и на воен конфликт, може да се види вистинската вредност на една армија и можат да се откријат позитивните и негативните страни на една армија, нејзината организација, функционирање, како и предностите и минусите на воената техника и воените системи. Армијата е еден вид на жив организам, кој што постојано се развива, модернизира и се адаптира на современите текови и начини на војување.


Пишува: Дарко Тодоровски

Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Други статии од авторот:

Дарко Тодоровски -Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Креирано од:


Пренеси го гласот