Најзастапената професија во нашата Македонија а можеби и пошироко на Балканот е професијата Клоцач на камења. И тоа таа помеѓу граѓаните постои во неколку нејзини форми на манифестација и стручна наобразба.
Заедничко за сите видови на клоцачи на камења е нивната убеденост во вредностите кои што ги остваруваат во процесот на нивното посветено и интензивно клоцање камења. Дали тоа ќе биде на улица, на тротоар на некоја планинска падина или речен/езерски брег, за нив нема ништо поубаво, посилно или позначајно од добро клоцање на камењата.
Клоцачот на камења не е ни малку лесна професија и бара огромно ниво на човечка психо-физичка сила, знаење и технички ресурси и вештини.
Постојат клоцачи на камења кои клоцаат камења поради нервоза. Тие се привремени и волонтетски ангажирани во професијата. За својата работа не бараат паричен надоместок нити нечие внимание. Едноставно клоцаат за да ги избркаат мувите од нивните глави и да го “убијат” времето. Нивното присуство насекаде во државата е неминовно.
Постојат случајни и ненамерни клоцачи на камења. Таквите клоцачи на камења во исклучителни случаи ги нарекуваме сопнувачи. Не се на одмет во општеството но подобро да ги нема воопшто.
Постојат административни клоцачи на камења т.н. “клати врата-земај плата” клоцачи на камења. Нивниот физикус е спуштено масно ткиво кај стомак, кај вратот, надлактиците… освен кај оние кои се на скапи и егзотични диети или во добри и стабилни односи со нивните сексуални партнери. Нивната позиција во општеството е дискутабилна, зависи од каде доаѓа муабетот.
На ред се да ги спомнеме политичките клоцачи на камења. Нивната положба во системот најчесто е наспроти претходниот вид на клоцачи на камења а тоа е административниот вид. Ривалството помеѓу овие два видови на клоцачи на камења е повеќе од изразено и неминовно.
Па нема ништо поубаво од тоа да го видите моментот на уживањето на политичкиот клоцач на камења кога се трансформира во административен клоцач на камења.
И сега веќе доаѓам до главната мотивација на оваа моја приказна.
Најопасен вид на клоцачи на камења се оние функционерските. Да се стане функционер- клоцач на камења е исклучително важна работа во животот на секој Македонец/ Балканец. Оваа каста т.е. општествен слој на граѓани се особено интересни и затоа ќе поприкажам малку повеќе за нивната природа и манифестација.
Функционерската каста на клоцачи на камења најчесто се многу вешти во претставувањето на нечии други постигања како сопствени заслуги. И за тоа треба да им се пишат поени.
Овие функционерчиња знаат многу често да клоцаат многу поинакви камења од оние што ги ветувале кога биле политички клоцачи на камења. Не ретко клоцањето кај многу од нив се сведува на клоцање на мали камчиња во неможност да си ги истакнат можностите и истрајноста на сопствените тазе лакирани чевли. Има и такви функционери кои од пресилно клоцање на камења свесно или несвесно ќе удрат во некој прозорец, фасада или недај Боже и по некој друг случаен минувач околу нив. Кај тие што клоцаат поголеми камења редовно им се кинат обувките до таа мера што некои мораат да инвестираат во појаки и поскапи обувки. Многу е мал бројот на оние што купуваат поевтини клоцалки на камења и продолжуваат да клоцаат. Постои и по некој кој што откако ќе му се скинат обувките со кои започнал да клоца камења, откако ќе се скинат, не му остануваат пари да си купат било какви обувки, па продолжуваат да клоцаат со боса нога.
ОДВРЕМЕ НАВРЕМЕ ВО ОВОЈ СИМБИОТСКИ КРУГ ЌЕ СЕ ИЗНАЈДЕ НЕКОЈ ШТО ЌЕ ПРОБА ДА УКАЖЕ НА ФАКТОТ ДЕКА КЛОЦАЊЕТО КАМЕЊА И НЕ Е ТАКА КОРИСНА И ПЕРСПЕКТИВНА ПРОФЕСИЈА, ВОДЕН ОД СЛИКАТА НА ПОСТОЕЊЕ НА БЕЗБРОЈ МАЛИ И ГОЛЕМИ КУПОВИ НА НАТРУПАНИ КАМЕЊА НАСЕКАДЕ НИЗ ДРЖАВАТА И ПОШИРОКО НА БАЛКАНОТ.
НО РИБИ КОИ ШТО СЕ РОДЕНИ ВО АКВАРИУМОТ, НЕМААТ МОЖНОСТ ДА ЗАМИСЛАТ КАКО Е ДА СЕ ПЛИВА ВО ОКЕАН.
Пишува: Кирчо Анастасов
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Шарената револуција никогаш не згасна: Истите шарени револуционери денес се обидуваат да ја украдат тагата на цела една нација
Не треба да дозволиме црнината на нашите души да не вовлече во уште поголема темнина, од која овојпат нема да има враќање
Силен финансиски импут за локалните самоуправи како никогаш до сега! Дали ЕЛС имаат капацитет со овие пари да обезбедат соодветен одржлив развој на локалните заедници?