Сокриено како гнездо во најгорниот дел на Долно Поле со надвиснати куќи една над друга, распоредени по падините на Голак и Загазо, со лицето свртено кон изгрејсонцето се наоѓа востаничкото и револуционерно Разловци чии храбри жители со својата решителност испишаа светли страници во македонската историја.
Разловци лежи на левата страна на реката Брегалница, на надморска висина од 707 метри и површина од 60 км2. Првата гледка на Разловци, неговиот посетител ќе ја има откако ќе стигне до Овча Глава кога убавиот асфалтен пат ќе почне да се спушта надолу. Оттука Разловци плени со својата убавина, зеленилото на Долно Поле, многубројните пасишта, ливади и шуми, а по благите падинки распоредените разловечки колиби како монистра од тој прекрасен ѓердан.
Местото на стариот селски бунар сред селото Разловци (стара датирана фотографија)
Местото на стариот селски бунар сред селото Разловци (датирана фотографија од 2006 година)
Оваа местоположба на селото придонело уште од најстарите времиња оваа убавина да биде населена зашто сведочат старите живеалишта во околината на Разловци: Рајанец, Селиште, Градишен Чукар, Старото Село, Селото и др. Во некои од тие населби живот имало до Востанието. Најдоцна замрела населбата Селиште. Во досегашното постоење Разловци е познато како село Разлошница, Разловца и денеска Разловци.
Турските власти во 16-от век направиле попис во Пијанечката нахија и под број 7 го попишале селото Разлошница. Таа била поделена на два турски чифлика и три баштини со 50 христијански семејства и 40 неженети. Годишно Разлошница имала данок од 4479 турски акчиња (турска монета).
За денешните разловчани не е познат топонимот Разлошница. Можеби тоа била населбата што разловчани ја викаат Старото Село, а двата чифлика Долно и Горно Поле.
Во 17 век во потрага за подобри животни услови, подгонети од турските власти 12-13 фамилии од Разлог и околината дошле во Пијанец и застанале кај жителите на населбата Рајанец во Долно Поле. Меѓу нив имало занаетчии како терзии, бојаџии, колари, ќуркчии и сл.
По некое време тие ја напуштиле Рајанец и одлучиле да дојдат во горниот дел на Долно Поле и почнале да ја чистат денешната местоположба на Разловци која во тоа време била со високи и големи дабови дрвја, т.н. Благун даб. Така почнала да се создава новата населба на разловчани- денешно Разловци.
Староседелците од околните живеалишта за занаетчиски услуги доаѓале кај разлогчани, а потоа почнале да ги напуштаат старите живеалишта и да се населуваат воновата населба. Така растела населбата, засметка на старите населби кои пропаѓале. Од разлогчање постанало разловчање, а од тоа и името на населбата Разловца. Научните работници сметаат дека името на селото потекнува од топонимот Разлог што значи рамнина и навистина од сите страни оградена со планини.
Една од селските улички во Разловци прикажани на стара датирана фотографија
Преку селото минува една улица како рибина коска од која се одделуваат повеќе мали улици. Таа улица е ΄рбетот на селото. Пред самиот центар се одделува една улица што води кон црквата и училиштето.
Спомен домот на Разловечкото востание во село Разловци
Во центарот на селото се наоѓа Спомен-домот на Разловечкото востание, здравствениот пункт, неколку продавници и стариот бунар сведок на многубројните настани. Сите разловечки невести тука ги носеле на вода. На ова место разловчани се одмораат, тука ја гаселе својата жед, тука се бендисувале, тука седеле турските тапиџии и полјакот Алиман, тука се создавал и растел разловечкиот непокор.
Сé до Востанието, Разловци е мала населба со тесни улички, со мали и неваросани куќи во кои огнот постојано горел. По Востанието, Разловци ќе почне да расте. Многу луѓе од Робово, Митрашинци, Владимирово, од Лаки и други села потиснати од Турците барале спас со доселување во Разловци. Тогаш со селото раководи коџобашија. Тој давал дозвола за доселување. Така во 1878 год. Разловци броело 742 жители. Тогаш имало 154 венчавки за разлика од 2007 г. кога се случиле само две венчавки, 5-6 кршевки, наспроти 10-15 умирачки. Во 16 век Разлошница имала 40 неженети. Во периодот пред 10-12 години Разловци има над 200 неженети.
Старата Буда чешма во село Разловци
Најголемо Разловци било во 1971 год. кога броело 1143 жители. Во 2002 г. се попишани 831 жител. Овој број денес е значително намален. Денешните разловчани се занимаваат со земјоделие и сточарство, но со намален број на стоката. Разловечките колиби ни од далеку не се она што беа некогаш. Тие се одлични собирачи на печурки, мов, лековити билки, но и продавачи на дрва. Во потрага за подобар живот и заработувачка многу млади заминаа на работа во Италија, Грција и во други земји.
Фрески на водачите на Разловечкото востание во црквата Св, Цар Константин и Царица Елена во центарот на селото Разловци
Иако, колибите не се полни со луѓе и стока, ги нема многубројните воденици, валевици, а го нема и познатиот разловечки ΄ржан леб, сепак, останува гордоста кон нивните предци, аманетот од Разловечкото востание, топлото гостопримство, нивниот убав соборен ден и вербата во подобро утре.
Продолжува…
Пишува: Димитар Узунски
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Споменикот на Тоше во Хрватска лажно носи натпис “Роден во Северна Македонија”
Си замина Нестор Огинар- Голем противник на поранешното едноумие и борец за Македонската кауза
Славко Јаневски: МОЛИТВА