Во средината на 60-тите години на 19 в. Османлиската држава се наоѓала во тешка економска и внатрешно-политичка криза. Ослободителните движења на покорените народи прераснувале во масовни востанија. Под притисок на големите европски држави, Турција морала да воведе некои внатрешни реформи.Покрај големите заслуги со кредити, најголем и најсигурен извор на средства биле покорените народи. Една од можностите за собирање на пари било делењето на нови тапии. Тоа ја отежнувало и онака тешката положба на сиромашниот народ. Постоеле и голем број на неправилности во оданочувањата, во собирањето на десетокот и др. давачки. Најголем срам, не само за разловчани туку и за другите населени маеста, било обесчестувањето на македонските девојки и невести од страна на Турците. Не биле ретки случаите поимотните и побогати Турци од пијанечките села покрај жена Турчинка, да имаат и жена Македонка. Родителите сакале да ги заштитат своите ќерки од обесчестување и потурчување. Често ги мажеле многу млади и за најсиромашните момчиња или ги носеле во манастир за калуѓерки.
Во Разловци зачестиле раѓањата на деца чиј татко бил насилникот Алиман. По примерот на богатите и тој се насладувал од разловечките девојки и млади невести. И покрај предупредувањата од поп Стојан, тој не се откажувал. Чашата на трпеливост прелеала кога Алиман ја обесчестил неговата роднина Петра. Таа родила машко дете. Го крстиле скришно в црква по име Никола. Детето било одземено од мајката и било наредено да се убие.
Во тој период во Разловци пристигнува Димитар Поп Ѓеоргиев- Беровски, кој 1865г. се враќа од Белград во родното Берово, исполнет со револуционерен дух и решителност. Најпрво учителствува во Берово, а наскоро поради својот стекнат авторитет бил избран за народен претставник на Малешевци во турското собрание и одговорен за просветните и црковните прашања во Малешевско.
Поради својата нова должност, тој почнал често да го посетува селото Разловци, па со тоа и домот на поп Стојан. Во него ја пронашол личноста која може да му помогне и материјално и морално во остварувањето на неговите идеи за вооружена борба за ослободување.
Поп Стојан во лицето на младиот Димитар видел напредно момче и со радост се согласил да му биде зет. Така 1867г. Беровски се оженува со најмалата ќерка на поп Стојан, Марија.
Разловци со својата географска положба претставува природен центар на Пијанец, Малеш и Виница. Во тоа време без пристапни патишта, одделено од погледите на турските власти од една страна и изобилството од храна по колибите од друга, биле основните одлики Беровски да се одлучи востанието да се подготвува и да започне во Разловци.
Во 1875г. Беровски во Солун се запознава со подготвува со подготовките на Босанско-херцеговското востание. Тука тој одлучил да ги напушти црковно-просветните прашања и да се определи за револуционерна работа, да подготви востание за ослободување на Пијанец и на Малеш и со негово проширување и низ Виничко, Радовишко, Мелничко да се прошири низ цела Македонија. Го повикал поп Стојан во Солун каде му ја соопшти својата намера. Поп Стојан се согласил да му помогне, а Димитар го ополномоштува својот дедо да го продаде сиот неговиот имот во Берово и со парите да купи оружје.
Исто така, Беровски за реализацијата на идејата ќе го вклучи и својот пријател Костадин Карчовски-Коте од Берово. Кругот на истомисленици почнува да се шири. Со тоа, всушност, започнуваат подготовките на Востанието.
По враќањето од Солун, поп Стојан ќе го запознае својот најдобар пријател дедо Цоне Спасев-Ингилизот, голем претставник на разловчани пред турските власти, а подоцна и неговиое зет за сестра, Стоил Ѓоргов, и зетот за ќерка Ѓорѓија Терзиски – Чорбаџијата. Така тие заедно со поп Стојан ќе го сочинуваат МТК(Месниот таен комитет) во Разловци. МТК имал за задача да обезбеди нови истомисленици, да се најде место за чување на оружјето, а селото да биде ослободено од турските посети. Поп Стојан се обврзал дека ќе го откупи десетокот за целото село и за тоа јамчел со својот син Костадин дека нема да го напушта Разловци.
Набргу за Солун ќе заминат Костадин и Коте носејќи ги парите од продадениот имот на Беровски и стоката од поп Стојан за продавање.
Во Солун, Беровски го формира ТМРК(Тајниот македонски револуционерен комитет) во кој покрај неговите браќа Коста, поп Иван и Алекса, влегле и Стојан Цоцов, Гоге Широков, браќата Еврови, поп ПетреСолунски, Димитар Бошков од Велес, секретар, учителот Христо Захариев и учителките, мајка и ќерка, Недела Петкова и Станислава Караиванова.
Главна задача на ТМРК била ширење на организацијата, создавање на МТК, купување на оружје и негово пренесување во Разловци. Купеното оружје се испраќало по малешевските трговци во двојни буриња. Лично Беровски заедно со К.Карчов го пренесуваат првото оружје во Разловци. Во акцијата за собирање на пари за оружје се вклучува и црквата „Св.Архангел и Михаил“ од Берово.
Долгото отсуство на Констадин од Разловци, било забележано од ќустендилските власти и веднаш бил повикан поп Стојан во Ќустендил, барајќи од него веднаш да го исплати десетокот. Таму поп Стојан се позајмил 800 гроша и се вратил во Разловци да ја продолжи работата.
Во почетокот на 1876 год. поп Стојан на Калаџерџево го свикал Првото советување- Собрание на кое било констатирано дека купеното оружје е недоволно и дека народот ќе треба сам да се снабдува со оружје.
Враќајќи се во Солун, Беровски ќе ги задолжи учителките баба Недела и Станислава, по негова идеја да го извезат знамето на Разловечкото востание.
Во април 1876 г. во Разловци пристигнува Беровски. На Калаџерџево се одржало и Второто советување на кое за водач на Востанието е избран Димитар Беровски. Договорено е по подготовките, Востанието да започне во Разловци, Беровски да го обиколи Пијанец, Малеш, Виничко, Кочанско, Струмичко, Мелничко и да ги извести штом започне Востанието за да се вклучат и тие во него.
На 7 мај 1876 во Разловци пристига Беровски. Со себе го донел и знамето на Востанието. На Калаџерџево се држи Третото Советување- Собрание каде е донесен План за Востанието.
Продолжува…
Пишува: Димитар Узунски
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Споменикот на Тоше во Хрватска лажно носи натпис “Роден во Северна Македонија”
Си замина Нестор Огинар- Голем противник на поранешното едноумие и борец за Македонската кауза
Славко Јаневски: МОЛИТВА