Министерството за внатрешни работи, во соработка со Министерството за здравство и Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, денеска ги презентираше резултатите од заедничката кампања „Кажи НЕ на пиротехника“, насочена кон подигнување на јавната свест за опасностите од употребата на пиротехнички средства, особено кај децата и младите.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потенцираше дека во рамки на кампањата беа реализирани бројни превентивни и едукативни активности во основни и средни училишта низ државата, при што полициски службеници и лекари директно им ги презентираа ризиците и последиците од неправилната употреба на пиротехнички средства.
„Оваа кампања ја градиме како долгорочен процес, со јасна цел – да развиеме свест дека пиротехниката не е забава, туку сериозна закана по здравјето и безбедноста, особено кога станува збор за децата“, истакна министерот Тошковски.
Министерот Тошковски нагласи дека паралелно со превенцијата, МВР презеде и засилени активности за откривање и сузбивање на нелегалната продажба и дистрибуција на пиротехнички средства.
„Во текот на 2025 година запленивме над 252.000 парчиња пиротехника и поднесовме 37 кривични пријави против 37 лица за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи. Само во една од последните акции беа одземени над 35 тони пиротехнички средства, при што беше приведен и полициски службеник, што јасно покажува дека законот важи за сите“, нагласи министерот Тошковски.
Тошковски уште еднаш испрати апел до родителите за одговорно однесување и недозволување пристап на децата до пиротехнички средства, со цел спречување на несакани и трајни последици.
Кампањата „Кажи НЕ на пиротехника“ ќе продолжи и во иднина како дел од континуиран и системски пристап кон јакнење на јавната безбедност и културата на одговорно однесување.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Јавен повик за проектни апликации наменет за правни и физички лица од редовите на дијаспората, за 2026
Мециновиќ порача дека назначувањето на вмровецот Ацо Ристов за претседател на РКЕ ќе го оспори пред Енергетската заедница
Уставниот суд го поништи Законот за изменување на Законот за платите на судиите донесен во февруари 2026 година во Собранието