БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Што направивме и што треба да направиме за Делчево/Македонија?

Пренеси го гласот

Отсуството на јавна дебата, стручни анализи, искажување на експертски ставови, вкрстување на предлози, идеи и иницијативи како и нивно усредоточување во конкретни приоритети и стратешки програми е рак рана на малите општини (по буџет, население, кадров потенцијал…) која што води кон депопулација и продлабочена сиромаштија на општините во периферијата на државата. И за тоа не е суштински и директно виновна политиката и политичарите туку самите граѓани.

Една од таквите општини е и општината Делчево.

Делчево како центар на крајниот исток на државата заедно со Пехчево и Берово со своите специфики на општиот развој и развој во поедини сектори на локалните состојби е една од најзагрозените општини во државата.

Статистичките податоци се немилосрдни и нив не ги гледаат само луѓе кои што немаат поим/ не сакаат/ не можат да направат што треба да се направи за истите да се подобрат. А за жал многу такви луѓе се на јавни позиции платени со парите на граѓаните токму за да ги подобруваат ваквите ,негативни состојби на системски начин во континуитет. Наместо подобрување Делчево и останатите слични општини продлабочено тонат кон дното.

Процесот на креирање на развојни програми, приоретизација на лимитирачкиот паричен фонд со кој располагаат институциите во ваквите специфично-загрозени локални заедници и утврдувањето на насоките во кои што ќе бидат направени инвестиции на човечки и други материјални ресурси е сериозно проблематичен и МОРА ДА СЕ МЕНУВА!

Инвестициите во капитални проекти е проблематика која што сериозно мора да биде редефинирана на локално ниво. Дали е капитален проект реконструкција на улица која што не носи реален економски бенефит? Дали е капитален проект изградбата на парк кој што не носи реален економски бенефит? Или изградбата на спортско игралиште итн, итн…

Дали е капитален проект реконструкцијата на старата кино сала која поради недостиг на менаџерски способности повторно пропаѓа на забот на времето без реален финансиски обрт за враќање на инвестираните сретства?

Капитални проекти се оние проекти кои носат јасно дефинирана капитална приходна страна со мерливи и видливи индикатори, врз чија основа можеме да кажеме како граѓани дека ваквата капитална инвестиција се исплати.

Тезата дека изградба на одредени комунални проекти носат раздвижување на локалната економија важи само во ограничени услови кога фирмите што ги градат овие проекти и нивните добавувачи се од локалната заедница, што најчесто не е случај во Делчево, затоа што во огромна мера изведувачи на поголемите т.н. капитални проекти се од надвор без реален поголем бенефит за локалната заедница. На тој начин институциите кои реализираат вакви т.н. капитални проекти, самите себе се лажат дека направиле добри инвестиции, но во суштина инвестираат во својата сиромаштија. А на ваквите постапки кои се провлекуваат со децении наназад, нема речиси никаква експертска јавност да алармира дека целиот овој процес на т.н. капитални проекти со кои сакаат да се фалат политичарите во суштина е крпење на дното од бунарот без дно.

Оттука политичкиот моментум изискува наметнување на сосема нов тип на политики и развојна психологија која што на динамичен начин ќе успее секој инвестиран денар да го мултиплицира барем два пати со реални и мерливи финансиски индикатори и показатели.

Само низ јавна транспарентна и инклузивна постапка на креирање на локални стратегии за имплементација со вистински експерти, стручни кадри и познавачи на состојбите, но и со луѓе од реалниот сектор, како и останати учесници може да се генерира краткорочен но и долгорочен план за развој на локалната заедница. Во таквите постапки и процедури неминовно е учеството на сите локални политички субјекти кои што пред донесувањето на конечниот изглед на одреден развоен план низ аргументи и долготрајна дискусија ќе мораат да се договорат за ваквиот документ, кој потоа ќе треба да оди во филтри на буџетирање и програмирање за реализација и операционализација. Нормално за дефинирање на еден таков процес на фасцилитација на изготвување на одредена развојна програма па се до нејзината егзекутива на терен и поднесување на завршни извештаи се потребни луѓе кои што врз основа на јасен проектен менаџмент ќе ги постигнат низ мерливи индикатори зацртаните краткорочни и долгорочни цели.

bregalnickimarketing

Оваа тема е суштинска за трансформација на локалните општествени прилики во секоја локална заедница а особено во локални заедници со драстично лимитирани човечки и материјални ресурси.
Тоа што со децении наназад на позиции кои што треба да ја имаат токму оваа моќ на менаџирање на процесите се поистоветуваат неспособни партиски кадри за политичарите да си ги исполнат своите лични релации и ветувања, е само одземена вредност на целиот процес. Со особена чест за поединци кои што се своевидни светли моменти во целата оваа темница на овој процес кој што сериозно трокира. Не е дека нема кадарни луѓе, но потребно е идентификација на проблемите со кои што тие се соочуваат во својата работа и отклонување на актуелните и потенцијалните идни закани за целесна ефективност во нивната работа. Во голема мера луѓето кои што работат на оваа проблематика се исполнителни и овозможуваат имплеменација на проекти што е солидна е база која што во иднина треба и мора да се надгради. За таа цел потребна е политичка визија и решителност да се направи тој чекор за трансформација на локалните политики кон политики на забрзан и фокусиран развој кој за краток и долг период ќе направи позитивно придвижување на состојбите.

Само низ резултатски ориентиран пристап на спроведување на пректен менаџмент може да се направи градација чекор по чекор кон подобрување на состојбите во локалните заедници. За тој резултатски ориентиран пристап потребно е многу посветеност и работа заедно со големо ниво на трпение, толеранција, наоѓање на алтернативи, подобрени меѓучовечки односи и секако соодветен финансиски надомест достоен на предизвиците и резултатите кои што ќе бидат постигнати.

Низ систем на стимулација со награди и казни може да се овозможи силен институционален апаратус кој што за кратко време ќе овозможи напредок. Но ваквиот систем мора да биде имплементиран во законска регулатива која ќе бида донесена низ едни долготрајни и макотрпни анализи но и општествен и јавен консензус на сите чинители. Во минатото беа правени напори за воведување на еден ваков систем, кој што се претвори во партиско-политичка алатка за пресметка со неистомислениците но и со меѓучовечка пресметка на поединци во институциите што дополнително ја влоши состојбата. Така колеги во една институција беа ставени во улога да оценуваат свои колеги, па целиот процес се претвори во фијаско и своевидна шарада која создаде проблеми таму каде што немаше, а не ги реши претходно постоечките проблеми.

Реформата на јавната администрација мора да започне во делот на финансиите, буџетирањето, проектниот менаџмент, надзорот и имплементацијата на развојните програми на локално ниво како најприоритетен сегмент  . Со структурирање на силен апаратус во тој дел Македонија а со тоа и Делчево може да започне со својот процес на трансформација која ќе резултира со вреднување на вистинските вредности потребни за развој на нашето општество. Секако дисциплината и строгата хиерархиска поставеност мора да го има доминантниот збор во процесот на идентификација и дефинирање на пиоритетите а потоа и нивна доследна законска имплементација во содејство со највисоките демократски вредности и капацитети на денешницата.

Граѓаните на Делчево заедно со мнозинството граѓани на Македонија покажаа на изборите на 24 април и 8 мај во која насока сакаат да се движи државата и локалните заедници: Промени, Правда, Гордост. Гордоста во себе подразбира интелектуална и материјална слобода на секој граѓанин во функција на лична афирмација а со тоа и афирмација на Македонскиот идентитет и постоење!

ФОТО: Движење на бројот на население во градовите во Македонија низ годините наназад.

Креирано од:


Пренеси го гласот