БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Стојанче Никодиноски за Тодор Александров

Пренеси го гласот

Тодор Александров Поп-Opушов (Ново Село, 4 март 1881 – Сугарево, 31 август 1924) — Македонски политички Лидер, Војвода и еден од водачите на ВМРО.

Во 1898 година се приклучил во ТМОРО. Бил учител и раководител на месните комитети во Кочани, Виница, Кратово, Ново Село и Штип, секретар на четата на Штипскиот Војвода Мише Развигоров (1905) и на Кочанскиот околиски Војвода Симеон Георгиев – Кочански (1907), окружен Војвода на Скопскиот револуционерен округ (1907), член на ЦК на ВМОРО (1911), член во Штабот на III Македонска бригада во Балканските војни и во Штабот на партизанската чета на III бригада на XI Македонска дивизија во Првата светска војна.

По војната, заедно со Александар Протогеров и Петар Чаулев, ја обновил Организацијата под името ВМРО (1919) и во 1920 ја зацврстил во Пиринскиот дел на Македонија, каде што создал организациона и воена база и оттаму ги обновил оружените четнички акции во Вардарскиот дел на Македонија.

Дејствувал против политиката на земјоделската влада на Александар Стамболиски за зближување со Кралството на СХС. Го потпишал Мајскиот манифест за обединување на Македонските Револуционерни сили (1924), но пред убиството јавно се откажал од својот потпис.

Тодор Александров е роден на 4 март 1881 година, во Ново Село, Штипско, во семејството на свештеникот Александар Поп-Орушев и Марија. Таткото на Тодор бил учител во Радовиш, просветител и надарен човек, црковен пејач, поет, собирач на народни умотворби. Тој бил ученик во бугарското машкото 3-то класно и педагошко училиште во Скопје и таму како ученик, Тодор Александров се вклучува во Македонското Револуционерно движење.

Македонците се обединија околу нивната стара институција ВМРО, која како и секогаш предизвикува сеопшто восхитување. Тодор Александров, сакан и уважуван од целиот народ, го зеде во свои раце раководењето со движењето. Роден е во Македонија, 42 годишен. Тодор Александров го посвети својот живот на Македонската Кауза уште кога беше на 18 годишна возраст. Тој е учител, човек со нескротлива енергија и строга моралност, народот го вика СТАРИОТ и го почитува. Војводите и комитите му се предани до крај. Таа предност е објаснението за неуспехот на српските и грчките власти, да му ги откријат скривалиштата и покрај тоа што Србија, за неговата глава таксува 700.000 динари. Тодор Александров се движи низ цела Македонија како АПОСТОЛ, тој ги посетува сите предели еден по друг. Влегува во села и градови ги собира жителите, им говори, ги советува. Тој никогаш не организира мерки за лична заштита, селаните му се предани, сите знаат каде оди и никој не помислува за предавство, напротив, сите жители на Македонија го чуваат на штрек. Александров е опкружен од една сила која не дозволува негово фаќање.

Во учебната 1897/98, на возраст од 15 година, за време на своето школување во педагошката гимназија во Скопје бил вклучен во редовите на Организацијата од страна на тогашниот директор на гимназијата, Христо Матов. Во 1903 г. Александров учествува во снабдување на дел од експлозивот за Солунските атентатори. Во тоа време соработувал со Павел Шатев кој во своите спомени забележал:

Тој ми остави впечаток на многу разумен, трезвен ум и подготвен за сите жртви пред олтарот на ослободувањето.
Во почетокот на 1903 година бил назначен за околиски раководител во Кочанскиот реон. Како резултат на предавство, на 3 март 1903 година е осуден на 5 години затвор и казната ја издржува во скопскиот затвор Куршумли ан.

По 13 месеци, во април 1904 година бил амнестиран. Наскоро потоа е назначен за главен учител на II-ро класно училиште во Штип. Александров заедно со Тодор Лазаров и Мише Развигоров деноноќно работел за организирањето на штипскиот револуционерен реон. Резултатите од неговата активност се забележани и од турските власти, кои во ноември 1904 година му забрануваат да учителствува. На 10 јануари 1905 година неговата куќа е заградена од многуброен аскер, но Александров успева да се измолкне од војничкиот кордон и се присоединува кон четата на Мише Развигоров, на која што станува секретар. Александров бил делегат на штипскиот реон на Скопскиот конгрес.

Неговото расклатено здравје го тера да стане учител во Бургас во 1906 година, но разбирајќи за смртта на Мише Развигоров, тој го напушта учителството и заминува за Македонија. По убиството на Развигоров, станал секретар на кочанскиот околиски Војвода Симеон Георгиев. На Третиот конгрес на Скопскиот револуционерен округ (ноември 1907) е избран за еден од окружните Војводи на овој округ. По внатрешните поделби на Организацијата, Александров се приклонил кон конзервативното крило и како таков учествувал во работата на Ќустендилскиот конгрес кога дошло до дефинитивен расцеп. За време на Хуриетот не го предал оружјето и се повлекол во илегала.

Убиството на Тодор Александров било извршено на 31 август 1924 година кај селото Лопово на планината Пирин. Се случило во време на обидите што тој ги преземал за организирање на конгрес на Серскиот Револуционерен округ на ВМРО и напорите што се преземале во правец на средување на состојбите во истата по потпишување на Мајскиот манифест во 1924 година. Заземањето на новиот курс по однос на борбата за решавање на Македонското прашање и потоа откажувањето од потписите на Александров и Протоѓеров создале предуслови за тоа повеќе фактори да се заинтересираат за отстранување на Тодор Александров од Лидерската позиција во ВМРО.

Околу 11 часот, претпладне групата во состав: Тодор Александров, Александар Протоѓеров, телохранителот на Александров, Панзо Зафиров, Штерју Влахов, Динчо Вретенаров, Динчо Балкански и Динчо Сугарски, на коњи се упатиле кон селото Лопово, каде што требало да се одржи Окружен конгрес на Серскиот Револуционерен округ на ВМРО.

bregalnickimarketing

По настојување на Вретенаров и Влахов се тргнало по потешкиот и пострмен пат кон селото, што веројатно било дел од заговорничкиот план. По патот атмосферата била весела и опуштена, при што Александров, не претчувствувајќи ја опасноста, разговарал со Протоѓеров и останатите. Во еден момент групата била престигната од едно момче, кое имало задача да донесе одморени коњи, но тоа незабележано од Александров било запрено од Штерју Влахов, којшто веднаш го вратил назад.

На едно планинско изворче, групата застанала да јаде. За цело време на ручекот се воделе разговори по однос на плановите на Организацијата и по однос на борбата на истата со претходната земјоделска влада на Бугарија, при што Александров бил љубезен со сите и на неколку пати ја делел храната со другите негови соборци.

По јадењето групата го продолжила патувањето, при што Александров му ја дал на носење својата пушка на Динчо Сугарски, со што останал без оружје. По извесно време, тие пак застанале со цел да ги одморат коњите, а воедно и тие малку да отпочинат, што било искористено од страна на заговорниците, секавично да дејствуваат. Штерју Влахов и Динчо Вретенаров, застанале над Тодор Александров и стрелале со пушките во него, при што разбуден од истрелите неговиот телохранител Панзо Зафиров се обидел да ја дофати својата пушка, но и тој бил застрелан од страна на Динчо Балкански.

Александар Протогеров, изненаден од брзината на дејствијата, се онесвестил и со таа своја постапка останала нејасна неговата улога во атентатот врз Тодор Александров. По убиството телата на двајцата убиени набрзина биле закопани во блиската шума.

„Убиство на Тодор Александров“.
Судбината ни определи уште една од најтешките жртви, која ги раскина срцата на сите прогонети Македонци и ја потопи во јад нашата намачена жална Македонија. Злокобната вест за тоа грозоморно дело што го прекина животот на најдостојниот и најголемиот син на Револуционерна Македонија, ја порази со својата одвратност целокупната македонска емиграција во Америка, која што е растреперена, восхитена од великото дело на ВМРО и благовее пред подвизите на нејзиниот прв водач и татко, Тодор Александров. Тој железен човек го обединуваше во себеси целокупното величие на македонскиот дух. Историјата на неговиот живот е и историја на Револуционерното движење. Потомците ќе им ги запишат имињата на оние (на убијците) со презир на нови ЈУДИ и нови Херостратовци затоа што тој е најсаканиот наш брат, татко и другар носител на народниот маченички крст и на светиот стремеж за самозачувување и поради тоа и сите оние од Европа и од другите страни, а кои се восхитуваат од големото во човекот, за слободата на народите ќе ги симнат шапките (пред делото на тој покојник). Тодор Александров ја носеше татковината во срцето, во крвта и во целото тело. Александров ќе биде спокоен и во гробот, бидејќи тој не беше и не е сам. Светиот блесок на неговиот подвиг ќе го озорува патот на илјадниците следбеници се дотогаш додека не се извојува слободата на нашата несреќна борбена татковина.

Поклон пред големината на светоста на АЛЕКСАНДРОВОТО ДЕЛО.

ВЕЧНА ТИ СЛАВА ВОЈВОДО❗

Пишува: Стојанче Никодиноски

Креирано од:


Пренеси го гласот