Секој елементарно образован човек знае дека јазикот е една од суштинските одлики/карактеристики на секоја нација. Оттука, бесмислено и неуко е тврдењето дека во пописот на населението, кој треба да се одржи во 2020 година, не ќе постои графа за национална припадност (тоа било, тврдат, небитно), но ќе имало графа за јазикот со кој некој говори. Така, се доаѓа до бесмислената теза според која постои одреден јазик, меѓутоа не и нација која говори на тој јазик.
Меѓутоа, работите стануваат не само апсурдни, туку мрачни и застрашувачки, ако се има предвид дека со изоставувањето на графата за етничката/националната припадност, македонскиот народ/нација никаде нема да биде регистриран, бидејќи неверојатно е да се претпостави дека тоа може да случи во Бугарија или Грција. Во Албанија, пак, веќе одамна се работи македонското малцинство да се прикаже како бугарско. Ако и во Република Македонија (или како веќе ќе се вика Државата Македонија во 2020 година) не се евидентираат Македонците, тоа буквално значи дека тие о ф и ц и ј а л н о никаде не постојат, освен субјективно, во чувствата. Следи дека тоа е нивна приватна работа, но не и работа на политиката, државата, партиите. Во исто време, не ќе се знае колкав е бројот на Македонците, ниту дали се зголемува или намалува и, што е најморбидно, нивното евентуално исчезнување никаде не ќе биде регистирирано, бидејќи никаде официјално и не ќе бидат регистрирани, дури и во нивната матична држава.
Затоа, крајно време е носителите на овие некрофилни идеи децидно да кажат кои се нивните крајни цели/намери, бидејќи некрофилијата, исто како и секоја деструкција, е несвојствена за кое било нормално човечко суштество. И, токму затоа, ретко кој здрав човек ќе ја прифати, освен оние кои се подготвени за колективно самоубиство. Сепак (тоа е мое длабоко убедување) сметам дека Еросот, нагонот за сѐ што е живо и животворно, ќе го победи Танатосот, нагонот кон смртта, и кон сѐ што пропаѓа и гние/трули. Затоа, наместо повикот „Да живее смртта!“, нека победи повикот „Да живее животот!“
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
СДС и грижа за спортот?
Јаневска: Со постоење на лажните дипломи, оние кои реално се градат интелектуално во своето образование ја напуштаат државата
Средба на Македонски пратеници со Пол Мекарти и Џејмс Карафано