Во Единствената Држава, за која пишува Евгениј Замјатин во романот „Ние“, човештвото живее во речиси совршена, апсолутна среќа. Таму нема никаква индивидуалност/приватност, туку сите се едно – броеви!
Таму секој функционира како еден. Или секој еден, како другите. Таму сите се исти – според сѐ. Таму нема слобода, бидејќи слободата е својствена за периодот на примитивизмот, кога човештвото живеело, иронично забележува Замјатин, на див начин, кога луѓето (замеслете!) имале и слобода.
Сега, интегрирани во Единствената Држава, живеат со математичка среќа, добро промислена и спроведена од Државата. Сепак, броевите/луѓето не биле целосно среќни. Наскоро изворот на нивната несреќа бил откриен. Било откриено дека е во постоењето на душата. Со неа, луѓето поседуваат чувства и фантазија. Ако се уништи тој центар во мозокот, луѓето ќе станат апсолутно среќни и неслободни, бидејќи фантазијата може да одведе кон слобода.
Во тој дух, „Државниот Весник“ им порачува на броевите: „Радувајте се, бидејќи од денес сте совршени. До ден денешен, вашите чеда, машините, беа посовршени од вас. Според што? Машините не поседуваат фантазија. Дали некогаш сте виделе, за време на работата, на физиономијата на пумпниот цилиндер да се појави бесмислено-фантазирачка насмевка? Не!
Меѓутоа, Чуварите кај вас забележале насмевки и воздишки. Тоа не е ваша вини, бидејќи сте болни. Името на болеста е: Фантазија!“ Меѓутоа, продолжува „Државниот весник“, откриен е центарот на фантазија и дека, откако хирушки ќе биде отстранет, секој ќе биде беспрекорно среќен, налик на машина. „Затоа – препорачува ‘Државниот весник’ – брзајте да се подвргнете на Големата Операција!“
Нормално, на државна сметка.
Набргу, излегуваат првите оперирани, горди што се оперирале и се ослободиле од фантазијата и душата, па станале среќни, совршено среќни, како што е совршен секој број, секоја равенка, секоја машина.
Романот „Ние“ Замјатин го пишувал 1921 година.
П.С. Море, има сите да бидете среќни! Ќе ве оперираат!
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Секој студент ќе добие ваучер од 15.300,00 денари за купување на компјутер. Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ поднесоа закон
Обвинение против две лица за спречување новинарска екипа да известува
Перински: Македонија и Унгарија ја продлабочуваат соработката во два клучни сегменти, регионален развој и локална самоуправа