Како се приближува датумот за референдумското изјаснување, така се јавуваат одредени мудреци, кои мудро мудруваат дека медиумите, граѓаните и интелектуалците требало да се однесуваат воздржано, без сугестии како да се гласа и да се служат единствено со факти, како единствено средство со кое можело да се постигне што поголема објективност. Притоа, не водат сметка дека и голото редење на фактите значи определен став, определана слика/претстава. Ако некој Мудро Мудров каже дека Камен Каменовски е низок, дебел човек, со уши како лопати, со искривени нозе и дека има огромен нос (што е носмнено) нуди сосема поинаква слика за Каменовски, отколку ако ги премолче другите вредности на Каменковски – дека е чесен човек, со солидни познавања од својата област, дека е хуман и подготвен да се откаже од многу работи, ако е тоа во корист за општото добро. Во вториов случај, Камен Каменовски се јавува во сосема поинаква слика/светлина од претходната.
Меѓутоа, „мудроста“ на Мудро Мудровски е намерно да создаде одредена слика за Каменовски, држејќи се наводно единствено до голите факти, како што се неговиот нос, клемпавите уши и сл. Едноставно, не треба да се верува секому, особено ако намерно изумува дека и голото редење на факти е субјективно и дека дури и тоа нуди одредена претстава/слика за некого или за нешто. Сепак, вистината е, како што укажувал уште Хегел, во целината, во тоталитетот, во сестраното гледање на работите, а не во селективното набројување на фактите. Конечно, кој луд денес верува во таканаречените анкети, кои секој миг се прават според принципот „Колку пари, толку музика.“
Пишува: Љубомир Цуцуловски