Станислав Лем, според моето мислење, е еден од клучните автори на научна фантастика воопшто. Во книгата „Ѕвездените дневници на Ион Тихи“ една од највпечатливите епизоди е следнава. Земјаните одамна успеале да воспостават Империја на космичко ниво. Меѓутоа, во еден ѕвезден систем, стотици светлосни години одалечен од Земјата, тамошните роботи (создадени од луѓето) се побуниле против луѓето. Нивна цел била уништување на сѐ што е човечко, вклучувајќи го и нивниот творец – човекот. Ситуацијата станала повеќе од сериозна. Човештвото се наоѓало пред реална можност да биде целосно уништено. Властите одлучиле во специјална мисија против роботите да го испратат Ион Тихи, најискусниот и најхрабриот астронаут што Земјаните кога било го имале. Ион Тихи ја прифатил мисијата. Тајно се приземјил на непријателската планета со која владееле роботите. Храбро и непоштедно работел на разбивање на заверата што роботите ја превзеле против човештвото. Набргу, дошол до изненадувачко сознание. На планетата не постоел ниту еден робот (ниту нешто налик на робот) туку само други луѓе, преоблечени во роботи. Истиот миг, пишува Лем во својот сатиричен дух, на Ион Тихи му олеснало. Среќно заклучил дека на човекот најголем непријател – всушност, единствен непријател! – може да биде само друг човек. Човек на човека е најголем непријател – поентира Ион Тихи, односно Станислав Лем.
П.С. Не знам зошто токму деновиве, кога властите ги „решаваат“ виталните прашања со добронаменрните соседи, се сетив на Лем, на неговата книга и токму на оваа епизода од неговата книга. Можеби објаснувањето е во сознанието дека единствен непријател на Македонецот може да биде само друг Ма… Туку, ајде да не филозофирам, бидејќи може да ја „уплескам“ работата со соседите, бидејќи во Макенија постојат луѓе кои во другите, кои имаат понакви мислења, постојано гледаат како на деструктивни елементи, кои сакаат да ја унишата нивната (т.е., како што убаво се изразуваат, нашата!) мила Македонија. Тоа е така, бидејќи деструктивниот во секого гледа деструктивност.