Не знам што народ ќе бевме, што држава ќе бевме, што власт ќе бевме, манифестирајќи невидена непопустливост и одлучност за сите наши витални национални, историски и државни интереси. Заради оваа ригидност, заради оваа непопутливост на Заев и на СДСМ ја доведовме братска Грција до раб на хаос. Владата се ниша и секој миг може да падне, на улица излегува народот заради предавството на Ципрас. Грците се толку бесни, јавува дописникот на Канал 5, што некои грчки колеги (со најдобра намера) го советувале да крие дека е од Македонија, бидејќи можело да биде нападнат. На некои грчки телевизии се емитирал спот во кој Заев се преобразувал во Александар Велики (или обратно), загрозувајќи го со својата непопустливост грчкиот државен интегритет. Ја доведовме Грција дури до неможност да формира парламентарно мнозиство, за да се ратификува Договорот. Меѓутоа, за среќа (исто како и ние) успеале (во последен миг!) да обезбедат мнозинство. Заради непопустливоста на македонската власт дезориентирани се и во ЕУ и НАТО. Молат, кумат да попуштат, ама нашите ни да чујат. Тераат сè по свое: ниту излегуваат во пресрет на албанските или бугарските барања, ниту тоа го прават во однос на барањата на ЕУ, НАТО или Грција. Се грижат единствено за македонските националистичко/шовинистички барања, проследени со (замислите си!) иредентизам. Едноставно, целиот свет го изнамачивме и споулавевме со нашата непопустливост. А сè можеше да се среди, ако навреме остапевме пред барањата што ни се поставуваат. Вака, само хаос и очај создадовме во светот. Меѓутоа, националното достоинство, што го промовира оваа власт, нема цена.
Не, ценети читатели, претходните редови не беа израз на моите сфаќања. Само сакав да ја доловам сликата што некои медиуми сакаат да ѝ ја понудат на македонската јавност. Според сликата што се обидуваат да ја протурат, од една страна ја имаме победничката македонска власт на сите планови и, од друга, губитничките политики и барања, кои доаѓаат од албанска, грчка или бугарска страна. За „губитоците“ на светските ментори и да не зборувам. Во ништо не ги послушавме. Срамота невидена!
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Со оглед на нивото на развој на новинарство кај некои новинари, помошта на овие луѓе е и тоа како потребна во Македонија
Од Македонскиот до Американскиот пантеон на слободата: Мицкоски го започна мандатот од с. Разловци за да вчера биде во Вашингтон
Уште е време комитско: Бугарската пропаганда во очај не бира сретства за да ја тера својата агенда