Членови и активисти на Унијата на Млади сили на ВМРО-ДПМНЕ од Општинскиот комитет во Делчево денеска спроведоа своја акција за засадување на поголем број на зимзелени дрвца по должина на велосипедско-пешачката патека од Делчево до с. Ѕвегор. Оваа еко-акција на подмладокот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е во контекст на споменот на масовната акција “Ден на дрвото-Засади ја својата иднина” која што пред повеќе години се спроведуваше на територијата на цела Република Македонија по иницијатива на граѓанскиот сектор и повеќе истакнати поединци во државата.
“Како потсетување на акцијата “Ден на дрвото-Засади ја својата иднина” денес Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево засади зимзелени садници.
Растенијата и дрвјата се од исклучителна важност за опстанок на луѓето и животните. Тие се главен производител на кислород, го намалуваат нивото на јаглероден диоксид, спречуваат лизгање на земјиштето, но претставуваат и дом за многу животни, односно се услов за опстанок на многу екосистеми.
Во период кога загадувањето на воздухот во Делчево, но и во цела Македонија е зголемено, а акцијата” Ден на дрвото” е укината од власта, младите решија самоиницијативно да допринесат за почист воздух.
-напишаа на фејсбук од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ од Општинскиот комитет во Делчево.