МОНОГРАФИЈА ЗА МОЕТО СЕЛО
(Фрагменти во тростишја)
Во моето убаво село се родив, пораснав.
Тука играв, страдав, болував, оздравував,
Јас на животот мачен, тука му се радував.
Во Тработивиште основното го завршив,
Учењето во неколку градови го продолжив,
Кога станав пензионер, пак овде се вратив.
Моето село има славна и долга историја.
Од времето на Светите Кирил и Методија.
Кога во горниот тек на Брегалница биле.
Кај Светите Води твореле и проповедале,
Светите книги ги преведувале и пишувале,
Луѓето овдешни ги црквувале, просветувале.
Кога селото под отомански режим паднало,
Населението во Исус и во Мухамед верувало,
Но песни, приказни и обичаите си ги зачувало.
Селаните низ вековите опстојувале, твореле
Со верба во Бога Црква и Џамија изградиле
Живееле, работеле, со премрежја се бореле.
Мештаните, соселаните, тработивиштаните,
Нивите и бавчите со љубов ги орале и сееле
Ничкум наведнати, со песни и срп, ги жнееле.
На бериќетот мажи, жени и деца се радувале,
Традициите и обичаите љубоморно ги чувале,
Бунтовни во борбите за слобода учествувале.
За децата и внуците свои училиште изградиле,
Стотици бавчи со сини Бански сливи засадиле,
Од нив ракијата лута ја пиеле, ем продавале.
Сливите зрели во педесетина фурни ги печеле,
Со карвани на пазар, дури во Солун ги носеле,
По патишта и друмишта и ноќевале и денувале.
Моето село на милата татковина Македонија,
Дало многу вредни учители, лекари, инженери,
Уметници, новинари, факултетски професори,
Некои нашинци имале успех и на естрадата,
Биле декани, директори, министри во владата.
Други, пак, си заминале, селото го заборавиле.
Да си кажеме чесно и за волја на вистината:
Имало од овде кодоши, доушници и шпиуни,
Што за пари се продавале, станувале пиуни..
И моето родно село бавно умира, се празни!
Бегаат, се селат во градови и држави разни..
Таму се женат, се мажат, се задомаќинуваат,
Таму деца раѓаат, ги школуваат, воспитуваат,
За селото родно, само приказни им кажуваат.
Куќите, дотраени прокиснуваат, се урнисуваат!
Туѓинци за пари старите ги чуваат, ги негуваат,
А,тие со копнеж и шепот, умираат, заминуваат.
Честопати во долгите безсони ноќи размислувам:
Ќе преживее, или не, селото мое се прашувам,
Или, како и другите, полека но сигурно ќе умира?
Ах, Тработивште, село мое, питомо, убаво, мило
Покрај тебе реките Желевица и Брегалница течат,
Што не реков и кажав, нивните води, нека го речат!
Васил МАНЕВСКИ
(25.април 2020)
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Комунизам преку анархија сака повторно да се наметне како фактор во државата
Зрелоста на раководството и професионалноста на полицајците не дозволија ескалација на меѓуетнички односи кои ретроградни структури ја посакуваат
Во спомен на Мето Јовановски: -Малиот човек може да создаде нешто вонвременски важно и големо и повторно да остане оној скромен и обичен човек кој што бил пред овој негов подвиг