БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

“Ѕвегорска сурова”-Симбол за непокорот на ѕвегорци низ историјата

Пренеси го гласот

Оваа приказна е за постоењето, вербата кон Бога и љубовта за сопствената присутност и пркос кон остатокот од светот. Оваа приказна е за заедништво, посебност и автентичност…Па да започнеме од почеток…На тлото на Пијанец уште во времето од почетокот на цивилизациите сонцето имало своја смисла греејќи ги срцата на генерации Македонци кои опстојувале на овој простор. Уште пред појавата на христијанството во светски рамки, овој простор имал изградено свој карактер, свој дух на препознатливост и автентичност. Хуманизмот пренесен низ вредностите на раното христијанство бил препознаен од народот на овој животен простор околу реката Брегалница и масовно прифатен од домицилното население и пуштил никулци длабоко за генерациите кои следувале.

Славата и почитта на световните и Божјите закони датираат длабоко во битот на населението кое со генерации ги пренесувале ваквите вредности, приспособувајќи ко според сопствените потрени и прилики.Територијата на денешен Пијанец и селото Ѕвегор како срце на овој гео-демографски топоним бил значаен крстопатот кој претставувал врзувачка алка за мноштво политички и општествени прилики кои своја манифестација и интензитет завземале на овие простори.Но секогаш во сите генерални општествени текови забележителна бил уникатната посебност и диференцираност на луѓето кои живееле на овој терен. Оваа уникатност со тек на времето прераснала во автентичност по која народот почнал да се разликува од сите други околу. Оваа “тврдоглавост” и карактерност опстојала во разни форми и преку разни идентитетски симболи може да се забележи до ден денешен.Чествувањето на таа посебност почнала да завзема свој интензитет во народните обичаи, настани, кажувања, преданија и воопшто во целокупното секојдневие на народот. Таа автентичност, таа посебност со специфичен дух на гордост и слободољубивост, станале начин на живот за овој микрорегион кој и покрај тоа што бил епицентар на многу историски општествени и политички збиднувања сепак опстоил во својата изворна форма која била исткаена низ вековите наназад.

Коренот на постоењето на василичарскиот обичај најверојатно е врзан со религиска природа. земајќи го во предвид фактот дека истиот се случува  во чест на христијанскиот светец Св. Василиј под името “Обрезание Господово”.

Во различни форми, под различно име овој обичај ден денес е присутен речиси на цела територија на етничка Македонија, но се чини дека во неговата најавтентична форма овој обичај се реализира во селото Ѕвегор под името “Ѕвегорска сурова”.

Со настанот “Ѕвегорска сурова” се поврзани безброј поединости и специфики според кои овој настан може да се вброи во еден од најоригиналните и најавтентичните живи нематеријални духовни обележја на народот кој живее на овој простор.

Една од тие специфики е поврзана за причините зошто “Ѕвегорска сурова” се случува преку ден на 14-ти Јануари, додека сите останати василичарски обичаи помеѓу народот во другите краишта на Балканот се случуваат вечерта на 13-ти Јануари.

Народниот мудрец секако има одговор за генезата на оваа значајна разлика во одбележувањето на овој празник кај ѕвегорци и “остатокот од светот”.

Имено станува збор за причина која е длабоко всадена и води потекло од поединоста и експлицитната карактерност на самите жители на село Ѕвегор.

Во времето пред поробувањето на овие простори од страна на отоманските освојувачи во селото Ѕвегор овој обред бил организиран и спроведуван вечерта на 13-ти Јануари, како и кај сите тогашни региони и племиња. Но, со освојувањето на Пијанец (а со тоа и селото Ѕвегор) поради стратешката позиција на селото Ѕвегор, тоа било населено претежно од турско (муслиманско) население, кое играло важна улога во контролата на транзициските состојби кои гравитирале на поширокиот простор од двете страни на стратешки значајната (сегашна) планина Влаина.Во такви услови до тогаш домицилното христијанско население било принудено да живее по колибите и спахиските имоти околу селото Ѕвегор. Во еден период во границите на сегашното село Ѕвегор се зборува дека живеело чисто муслиманско население.Но традицијата на ѕвегорци базирана на нивната карактерност, продолжувала да се практикува од страна на населението-христијани, вклучително и традицијата поврзана со василичарскиот обичај.Суроваскарската поворка за време на ѕвегорската сурова во моменти слегувала од колибите околу селото Ѕвегор, и одела од куќа на куќа кај богатите турци во самото село, со што суроваскарите биле дарувани со намирници за секојдневниот живот.

На тогашните отомански власти во регионот, оваа суроваскарска поворка која понекогаш броела и по 150 до 200 суроваскари почнала да им личи на организирана чета која можела да предизвика потенцијални проблеми за турските жители на селото и воопшто самите власти. Не многу ретки биле инцидентите кои се случувале од страна на суроваскарите во текот на вечерните часови на 13-ти јануари вечерта.

Од безбедносни причини локалните отомански управители на областа со проглас го забраниле обредот да не се организира од страна на христијаните.

Но ѕвегорци раководени од нивната карактерност и тврдоглавост веднаш се организирале и решително пошле кај тогашните власти со единствено барање да продолжат да ја организираат “Ѕвегорска сурова”. Биле толку упорни што властите немале друг избор освен да им одобрат да го реализираат традиционалниот обред кој што со столетија пред тоа го организирале. Но услов било тоа да го прават преку денот на 14-ти Јануари, со што можело властите под сјајот на дневната светлина да го контролираат движењето на суроваскарската поворка.

Со тоа гордите ѕвегорци извојувале една значајна победа со ум и разум над тогашниот надмоќен окупатор. Оваа нивна победа ќе се претвори во симбол на непокорот на овој народ кој од друга страна пак ќе им помогне да си ја задржат сопствената поединост и специфика, која и ден денес ја манифестираат.

И уште повеќе:

Самиот настан почнал да добива на тежина во смисла на демонструрање на моќ преку сатира на самите костими, акти и постапки на самите суроваскари кои внесувале немир кај муслиманското население за време на самиот обред. Овој своевиден театар бил манифестација на израз преку кој христијаните им праќале пораки на тогашните власти и жители-турци на селото. Затоа и ден денес се вели дека

“Ѕвегорска сурова” е театар на отворено во кој актерите одат кај публиката да им ја пренесат нивната порака.

А бидејќи претходно ѕвегорци добиле дозвола за рализација на обредот од страна на властите не постоела можност за санкционирање на провокативните гестови од страна на маскираните актери рефлектирани кон околината.

Непокорот и свесноста за сопствената самобитност е главен двигател во секојдневниот живот на секој еден ѕвегорец, независно каде и да оди по светот.

Оваа свесност за сопственото постоење и уникатност прераснала во слободољубивост и непокор кон сите општествени текови независно од политичките трендови, а нејзиното постоење допринело за развој на високо ниво на морал и морални вредности кои блескаат со свој уникатен белег и убавина.

Токму “Ѕвегорска сурова” е една од клучните нишки во везот на телото на овој народ кој ги топли старите но горди плеќи на планината Влаина.


Пренеси го гласот