“Не знам дали да кажам дека сум ја имал честа или срамот што го запознав лично убиецот на кралот Александар. Сепак, ако ја запознаев лично неговата жртва, сигурен сум дека во тој случај би бил помалку колеблив дали да се сметам за почестен или за спротивното. Единствено жалам што кога го сретнав Черноземски во 1928 година, не сметав дека е важно да го запознаам подобро. Во тоа време тој беше заслужен за само еден поважен атентат. На 13 септември 1924 година, тој ја изврши смртната пресуда против Димо Хаџи Димов, бугарски комунистички водач обвинет од ВМРО за соучесништво во атентатот на Тодор Александров. Черноземски тогаш беше уапсен од бугарската полиција и додека беше во полициската станица во петтиот реон од главниот град, уште еден терорист на ВМРО, притворен за една друга “ликвидација”, ги тетовираше на раката черепот и вкрстените коски коишто ѝ ја дадоа на француската полиција првата трага за неговите ВМРО-вски врски.
Како и да е, ќе беше многу тешко да го запознаам Черноземски убаво. Тој беше тивок, со променлива нарав, секогаш се држеше до себеси, а носот постојано му тонеше во некоја книга. Ниту пиеше, ниту пушеше ниту пак јадеше месо. Колку и да изгледа неверојатно, еднаш рече дека не јаде месо зашто било свирепо да се убиваат животните. Черноземски беше со просечен раст, мургав, со подраширени рамења, но оставаше впечаток на кревка личност. Тоа можеби се должеше на поткуцнувањето во чекорот, последица на фактот што едната нога, мислам левата, му беше покуса од другата. Во 1930 година тој го уби Наум Томалевски, кој сѐ до 1928 година вршеше должност како “Министер за надворешни работи” на Михајлов, но таа година се сврте против него од причини коишто сега ќе ги изнесам.
Постои чудна врска меѓу името на Черноземски и името на неговата последна жртва, Александар Караѓорѓевиќ. Черноземски на славјански означува “црна земја”, а Караѓорѓевиќ, што на турски и грчки означува “црн Ѓорѓи” или “црн орач”. Черноземски е роден во 1899 година во едно мало село по име Патрик, близу Штип. Селото е запалено за време на Втората балканска војна и никогаш не било обновено. Затоа жена му и татко му живеат во Бугарија како бегалци. Повеќе од десет години пред марсејскиот напад, Черноземски беше член на ВМРО, бидејќи му се придружи речиси веднаш откако Александров го воскресна. Најпрво беше комитаџија во велешката околиска група под водство на Стефан Петков Сиркето. Подоцна беше во личната група на Тодор Александров. Откако покажа ретки тактичност и храброст во извршувањето на одделни револуционерни задачи, Александров го унапреди со тоа што го префрли во казнената дивизија на Организацијата”
Извор: Стојан Христов, “Херои и Убијци”, глава 12. “Сојуз меѓу комитаџии и усташи, стр – 134/135”
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Ин Мемориам: Си замина Анка Гиева- доајен на Македонската народна песна со магичен глас
Пијанец- Малеш имаат со што да се гордеат: Богатството со квалитетна модра слива е силен предуслов за одржлив рурален развој на регионот
Црква “Св.Архангел Михаил” од село Драмче била најшарена црква во своето време