Денеска се одржа првата полумаратонска трка, во Прилеп која имаше меѓународен карактер. Полумаратонската трка беше во должина од 21 километар, учествуваа околу 200 натпреварувачи од Македонија и земјите од поранешна Југославија , а се одржа и рекреативната трка на 5 километри.
Времето не беше идеално за трчање но и учесниците и организаторите беа задоволни и среќни со фактот дека полумаратонот се одвиваше беспрекорно. Задоволството беше неизбежно и на лицето на Божидар Чаушоски, претседател на Атлетско рекреативниот клуб „Лотус“ кој беше организатор на двете денешни трки. Полумаратонот го поддржаа и лицата со хендикеп од Ресен, кои трчаа под мотото „Сите сме исти“.
„Денеска сме овде. Сами си донираме за да можеме да учествуваме, а учествувам на повеќе маратони“
– изјави Васил Јанкула од „Еко Дром“, Охрид.
„Голема чест и задоволство е да се учествува на овој прв прилепски полумаратон. За нас како прилепчани претставува голема чест да учествуваме на овој настан. Ја поздравуваме иницијативата и се надеваме дека ќе прерасне во традиција“
– изјави прилепчанката Талија Петреска.
„Трчам повеќе од 5 години и ќе трчам на трката на 5 километри“
– вели младиот учесник Илија Петрески.
Организаторот, АРК „Лотус“, најавува дека овој спортски настан ќе стане традиционален и дека во иднина ќе добива и на масовност, и на квалитет.